Врската помеѓу телевизијата и политиката во Република Македонија

Наместо во интерес на јавноста, дел од медиумите известуваат во интерес на политичките моќници, што особено се истакнуваше изминатите десетина години. Телевизијата е секогаш меѓу првите кои се под влијание на ваквите појави.

Политичкиот плурализам е поширок концепт, кој се однесува на „капацитетите и можностите на сите социјални сегменти, со нивните различни политички/идеолошки гледишта и интереси да ја адресираат, односно да стигнат до публиката преку медиумите“. Овој концепт го опфаќа и „спектарот политички и идеолошки гледишта, мислења и интереси што се пренесени и презентирани во медиумите“.

Правичното и разнолико известување, како и изразувањето на различни политички и идеолошки групи, вклучително и на гледиштата и интересите на малцинските групи преку медиумите се некои од клучните професионални и етички стандарди кои може да придонесат кон постигнување на политичкиот плурализам во медиумите.

Моќта на медиумите за креирање на јавното мислење, аудиовизуелната моќ на телевизијата и нејзиниот голем удел во гледаноста, се доволно провокативни причини политичката моќ да се искористи како механизам за влијание врз уредувачката политика. На тој начин, индиректно преку обликување на медиумската содржина се добива новинарски производ кој навестува наклонетост кон одредени политички верувања или идеологии. Ваквата состојбата со медиумите во Македонија изминатите десетина години бележеше константно влошување, што најевидентно се отсликуваше низ пристрасното, необјективно, често и демонизирачко известување на одредени медиуми за опозицијата и фаворизирање на претходната власт. Додека оваа тенденција за време на избори се регулира преку речиси јасно врамени „правила на игра“ во Изборниот законик, надвор од изборите ова прашање предизвикува внимание особено заради непочитувањето на начелата од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и отсуството на механизам што би ги одвратило медиумите истите да ги прекршат.

Имунитетот на телевизијата – помеѓу политичките влијанија и професионалните и етички стандарди

Начелата кои се однесуваат на политичкиот плурализам, а кои се дел од регулативата во Македонија, се однесуваат на професионалните и етички стандарди кои претставуваат поширока рамка преку која може да се осигури политичкиот плурализам во медиумската содржина. Начинот на пренесување на информациите и содржината која се презентира преку телевизијата интензивно учестуваат во создавањето на перцепција кај публиката за нејзина евентуална поврзаност со политичките центри на моќ. Се чини дека голем дел од медиумите во Македонија не ги почитуваат пропишаните етички и професионални начела од едноставна причина што не постојат механизми кои би ги одвратило од нивно прекршување. Оттука, се наметнува прашањето – што може да ги поттикне медиумите да ги вградат принципите на политичкиот плурализам во своето работење?

Факт е дека во изминатите години и комерцијалните телевизии и јавниот радиодифузен сервис во Македонија не останаа имуни на политичките влијанија и бизнис интересите. Создавањето на клиентелистички врски на некои медиуми со политичките центри на моќ ги заложија вредностите на независното и професионално новинарство. Македонија, заедно со Босна и Херцеговина, во 2015 година беше последна во регионот, со дури негативна вредност на индексот за целокупниот систем за справување со клиентелизмот во медиумите. Регресот во овој индекс продолжи и во 2017 година.

Клучен момент што фрли сенка врз професионалното новинарство, генерално, беа прислушуваните разговори или т.н. „бомби“ што ги обелодени опозицијата на почетокот на 2015 година, кои покажаа дека одредени медиуми и нивната уредувачка политика биле под директен или индиректен притисок од власта. Необјавувањето на „бомбите“ од страна на МРТ предизвика протести во одбрана на јавниот интерес. Меѓународните организации, Европската комисија, како и домашните невладини организации и новинарски здруженија критикуваа дека телевизијата не ја исполнува својата законска обврска да обезбеди фер и балансирано известување за сите политички и граѓански субјекти во Македонија. Критиките исто така се однесуваа и на пристрасноста на уредувачката политика на МРТ кон ВМРО-ДПМНЕ, која во тоа време беше на власт.

МРТ се воздржа да ја информира јавноста и за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, што остави простор публиката да го толкува ова како успешно политичко влијание врз уредувачката политика на јавниот радиодифузен сервис. Ниту Програмскиот совет како највисоко управно тело на јавниот сервис не презема самоиницијативна акција за решавање на случајот.

Политичките влијанија врз медиумите речиси најизразено се остваруваат преку релацијата: политички субјекти – сопственици на медиуми – уредници – новинари. Клучниот предизвик кој се наметнува е како да се направи баланс помеѓу овие чинители, притоа и политичките субјекти да имаат пристап до медиумите, и да се заштити правото на публиката да биде објективно информирана на правичен начин, и да бидат застапени различни политички гледишта и ставови.


Извор: zarvabarroso.com

Политички плурализам – Каде се движиме?

Факти…

Политичкиот плурализам како дел од медиумскиот плурализам, вклучува повеќе димензии – правни, социо-демографски и економски.

Според „Независната студија на индикатори за медиумскиот плурализам во земјите членки“, ризиците на политичкиот плурализам од аспект на правната рамка се однесуваат на: неможноста регулаторната рамка да ја спречи прекумерната или ексклузивната застапеност на политичките верувања и идеологии на владејачките партии во медиумите, да ги спречи преференциите на уредувачката политика, отсуство или недоволно медиумско претставување на одредени политички или идеолошки мислења, прекумерното присуство на медиумите кои се финансиски доминирани и управувани од политички личности и/или од политички партии, неможноста регулаторниот и институционалниот систем да го спречат игнорирањето на одредени политички групи и идеолошки заедници од јавната дебата и изборите итн.

Медиумското законодавство во Македонија е прилично едноставно во регулирањето на политичкиот плурализам, но во пракса дел од телевизиите во континуитет не ги применувале законските одредби. На пример, во периодот од февруари – август 2016 година, до Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги биле поднесени шест претставки за прекршување на членот 61 од ЗААВМУ во вкупно 15 прилози во вестите на ТВ Сител. Примената на фаворизирачкиот однос во известувањата на ТВ Сител, ТВ Канал 5 и ТВ Алфа кон ВМРО- ДПМНЕ, а демонизирачки кон СДСМ во 2017 година, е уште еден пример на непочитување на медиумската регулатива. Во прилог на фактичката ситуација се и анализата на Комисијата за жалби при Советот за етика на медиумите во Македонија, што покажува дека во поголем број новинарски текстови за кои страните се жалат, „втората страна“ речиси и ја нема застапено. Со ова се доведува во прашање не само балансираноста во информирањето туку и точноста на информацијата имајќи го предвид новинарското правило на користење минимум два извори.

Предвидените начела за политички плурализам претставуваат професионални и етички стандарди, а за нивно прекршување медиумската регулатива во Македонија не предвидува механизми кои би влијаеле врз медиумите да ги почитуваат овие одредби надвор од изборни периоди, како што е на пример во Хрватска или Велика Британија.

Пред Парламентарните избори во 2016 година беше отворена јавна расправа за измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (2013), кои, меѓу другото, предвидуваа вметнување на нови членови во регулативата за заштита на политичкиот плурализам во вестите и во дневно-информативните програми надвор од изборни периоди, а беа предвидени и санкции во случај на нивно прекршување. Меѓутоа, овие членови од предлог-законот од декември 2017 година беа избришани под притисок на медиумската заедница, во која преовладуваше ставот дека „самите новинари и медиумите треба да изнајдат механизам за зголемување на одговорноста на медиумот, а не тоа да биде наметнато од државата со закони“.

За разлика од хрватскиот и британскиот систем на регулација, францускиот модел се темели на корегулација каде најмногу фокусот е ставен директно на медиумите преку обврската секој медиум кој емитува програми со политички и општи информации, да формира Комитет на чест, независност и плурализам на информации и програми, задолжен да го следи почитувањето на членот од законот што се однесува на почитување на чесност, независност и плурализам на информациите и програмите и доследна претставеност на разновидноста на француското општество.

Оцена…

Меѓународни експертски мисии во 2017 година забележаа дека се` уште постои перцепцијата дека „медиумите се политички поврзани или инструменти на некои влијателни лица“, укажаа на поделеноста на медиумите по политички линии и потфрлањето на новинарите да ја извршуваат својата работа во согласност со етичките стандарди што „го поткопува кредибилитетот на професијата“. И во извештаите на Европската комисија од 2014, 2015 и 2016 година, се сретнуваат забелешки кои се однесуваат на (не)почитувањето на професионалните и етички стандарди во известувањето кај медиумите, со сериозна загриженост за присуство на селективно известување, но и со укажувања на потребата од објективно и вистинито информирање.

Во контекст на ова е и оценката на Фридом Хаус (Freedom House) за демократски прогрес на Македонија во областа на независност на медиумите. Според резултатот од оценувањето, независноста на медиумите е во постојан пад во периодот од 2008 – 2017 година.

Медиумската регулатива во Македонија de jure генерално ги следи европските препораки кои се однесуваат на политичкиот плурализам во известувањето кај телевизиите, но проблемите се појавуваат при нејзината примена во пракса. И покрај тоа што континуирано се добиваа забелешки од релевантните меѓународни организации, начелата и стандардите на политичкиот плурализам исклучиво се предмет на вонреден надзор од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. И во такви случаи, Агенцијата нема механизам како да ги одврати медиумите од повторување на евентуално непочитување на законските одредби.

Како до политички плурализам во медиумската содржина?

Моќта на регулаторот и на саморегулаторното тело ќе биде онолку голема колку што ќе им овозможат законските ингеренции, но и медиумите и публиката. Сите овие чинители се еднакво важни во поттикнување на политичкиот плурализам во медиумските содржини, што говори дека е неопходно да се дефинираат механизми кои ќе обезбедат почитување и примена на професионалните и етички стандарди во известувањето кај телевизиите. Поблиската соработка помеѓу регулаторното и саморегулаторното тело од аспект на законска обврска за медиумите за почитување на професионалните и етичките стандарди, наметнува модалитет на меѓусебна соработка, кој во суштина ќе значи балансирање меѓу регулаторните и саморегулаторни механизми. Во таа насока потребно е да се надгради комплементарниот однос на двете тела, кој особено треба да се штити од политички интерференции.

Покрај ова клучно е да се јакне свеста кај медиумите и медиумските сопственици, уредниците и новинарите, но и кај политичките елити. Независното функционирање на медиумите во голем дел зависи од демократскиот капацитет на политичките центри на моќ. Промената на свеста на едно ниво би повлекло промена на свеста на сите нивоа во овој процес.

Автор: м-р Радица Тодоровска

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.