Fake news – непријател со многу лица

Лажните вести се болест на модерната демократија за којашто сѐ уште нема точна дијагноза. И тоа е поголемиот проблем од самиот феномен на популарно наречените фејк-њус.

Речиси секој различно го толкува терминот и можете да сретнете поинакви дефиниции во кои под лажна вест се сметаат не само тоталните фабрикации, туку и шпекулациите, непрофесионално сработените вести и едностраното известување, теориите на заговор, па и сатиричните мемиња и текстови, за коишто дел од публиката не сфатила дека се измислени и хумористични.

Ако го прашате американскиот претседател Доналд Трамп тој ќе ви каже дека угледните „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ секојдневно печатат лажни вести само за да му наштетат, додека професионалната медиумската заедница смета дека станува збор за многу поширок медиумски спектар кој почнува од лошото и непрофесионално новинарство на едниот крај, па сè до намерното и безобразно фабрикување на тотални невистини во корист на некоја политичка, бизнис или било каква агенда на другиот крај од спектарот.

Ова може да се извлече и како генерален заклучок од дебатата наречена „Борбата против лажните вести“ што се одржа во рамките на Дигиталниот самит организиран од македонската Влада, којшто се одржа минатата недела во скопскиот хотел „Александар палас“.

„Нема борба против лажните вести, ако не се најде унифицирана дефиниција за тоа против што се бориме. Нејасно е што сите ние сметаме за фејк-њус“, рече Метју Џејкобс дигиталниот координатор од американскиот Стејт департмент, кој беше еден од говорниците на самитот.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, којшто беше модератор на дебатата, се запраша дали веста пласирана на дел од македонските медиуми дека францускиот претседател Емануел Макрон наводно бил против нашиот влез во Европската унија (ЕУ) може да се окарактеризира како грешка, лошо известување од говорот на Макрон, обид за сензационализам или како лажна вест.

Јасно му е само дека некои од граѓаните и покрај сите деманти сега се убедени дека влијателната Франција не ја сака Македонија во ЕУ.

И новинарката Сашка Цветковска од Македонската истражувачка и репортерска лабораторија смета дека сè уште добро не го познаваме непријателот што сите го нарекуваме фејк-њус, додека нејзината колешка од Велика Британија, Рејчел Рајт, позната по долгиот стаж во „Би-би-си“, лажните вести ги смести на сосема спротивната страна од објективното и од истражувачкото новинарство.

Борбата со овој феномен станува уште потешка, ако се знае дека тој како и секоја пропагандна алатка атакува врз чувствата на луѓето, а не му служи на нивниот разум.

„Лажните вести се поврзуваат со емоционалните предрасуди на луѓето. Во претседателската кампања во САД се појави тотално невистинита вест дека папата Францискo го поддржал Доналд Трамп и тоа многу влијаеше врз одлуката на голем број верници во Америка, на кои зборот на папата им е важен“, објасни американскиот комуниколог и медија-експерт Ерик Брнс.

Дополнителен проблем е тоа што лагата уште побрзо се шири низ оптичките влакна, бидејќи на интернет и по социјалните медиуми не постојат уредничките филтри што ги познаваме во традиционалните медиуми.

Министерот и модератор на дебатата Димитров се повика на скорешно истражување според кое лажните вести во дигиталниот свет патуваат дури шест пати побрзо од вистината, што и не е некоја новост ако се знае дека уште англискиот премиер од средината на минатиот век, Винстон Черчил има кажано дека лагата ќе пропатува околу половина свет додека вистината си ги облече панталоните.

Денес веројатно лажните вести два пати го обиколуваат светот додека вистината стане од кревет.

Нема апчиња против фејк-њус

Покрај тоа што дијагнозата за оваа болест на демократијата сѐ уште не е поставена, јасно е дека решението нема да биде лесно, едноставно и во еден или во неколку потези. Нема апчиња против лажните вести.

Сите се согласни дека e потребнo подобрување на медиумската писменост, задача која би требало да падне пред сѐ на товарот на властите, невладиниот сектор и на медиумите, бидејќи тоа е проблем во целиот свет, новинарката од Велика Британија Рејчел Рајт посочи дека голем дел од лажните вести во полза на Брегзит влијаеле и врз гласачите во нејзината земја.

„Долго време слободно се пласираа лаги за Европската унија“.

Новинарката Цветковска го сподели своето искуство во борбата против лажните вести.

„Пред неколку години мислев дека единствен начин да се избориме против лажните вести е да се откриваат и да се разобличуваат сите фејк-њус написи, денес ми е јасно дека така непотребно губиме ресурси и време. На проблемот мора да му се пријде од повеќе страни, интердисциплинарно“, порача Цветковска и додаде дека токму поради лажните вести урнисана е довербата и во професионалните новинари.

Претставникот на Стејт департментот, Метју Џејкобс смета дека треба да се измести аголот од којшто се гледа на проблемот со лажните вести.

„Сите мислиме дека овој феномен е технолошки, бидејќи е врзан со брзиот развој на социјалните медиуми и на интернетот, меѓутоа тој всушност е човечки проблем и за тоа треба на тој начин да му се пристапи. Ние (н.з. мисли на властите воопшто)  можеби не знаеме како да се бориме со ботовите што пласираат фејк-њус, меѓутоа ние знаеме како да зборуваме со граѓаните коишто се мета на лажните вести и треба да ги едуцираме да ги препознаат. Нашата предност е дека ние се грижиме за луѓето, а произведувачите на лажни вести воопшто не ги интересираат граѓаните“, заклучи Џејкобс.

Неговиот сонародник и медиски експерт Ерик Брнс, пак, дополнува дека во секој случај е потребен побрз и поодлучен одговор на лажните вести и Фејсбук, според него, може да ги открива ботовите и изворите на лажни вести многу поефикасно.

„Не може тоа да го направи идеално, меѓутоа во добра мера може да помогне“.

Новинарката Рајт вели дека „Би-би-си“ ги користи информациите што доаѓаат од Твитер и од Фејсбук, меѓутоа таа вели дека во оваа медиумска куќа постои цел сектор чијашто работа е да ги проверува информациите од социјалните мрежи, тие не се земаат здраво за готово.

Лажните вести се проблем бидејќи го користат новиот начин на којшто се движат информациите од центрите што ги создаваат кон публиката и резултатот е дека со малку луѓе и малку ресурси денес може да се направи голема штета.

Порано повеќе луѓе во редакциите создавале помалку информации коишто допирале до мала група на луѓе, читателите на еден весник или гледачите на едно ТВ-шоу, денес е доволно еден бот да измисли десетина лаги и на Фејсбук да таргетира стотици илјадници корисници.

И скопскиот самит покажа дека не само во Македонија, туку на глобално ниво сѐ уште се лута во обидот да се најде ефикасен одговор на лажните вести, меѓутоа фактот дека проблемот е подигнат на државно ниво покажува дека барем има свесност оти фејк-њусот е штетен за демократијата.

Во своето излагање на самитот македонскиот министер за информации Роберт Поповски вети дека Владата ќе направи сѐ нашиот град Велес од симбол на лажните вести да стане симбол на борбата против фејк-њус, меѓутоа не образложи дали зад тоа навистина постојат мерки.