Образованието – заштитен панцир во битката со лажни вести

“Лажните вести” стана синоним за опасна општествена појава поради отсуството на институционална медиумска одговорност. Додека науката се занимава со утврдување на точната дефиниција на овој феномен, професионалното новинарство води неуморни битки за разобличување на манипулациите и чистење на фелата од злонамерници.  Паралелно, “Фејк њус машинеријата” продолжува да ги шири своите размери со помош на социјалните мрежи и веб-портали основани од сомнителни сопственички структури и во вонредно нерегулирана средина. На одговорното и објективно новинарство проблеми му создаваат лажните вести кои честопати се перцепираат како пропаганда или агенда под контрола на моќни центри. Обидот за извинување поради нанесената штета врз нечиј углед или џеб е речиси невозможен, бидејќи авторите и инспираторите се кријат  во сенката на нерегулираното сопствеништво, вели новинарката од Истражувачката лабораторија на Македонија (ИРЛ ), Маја Јовановска.

„Пред парламентарните избори во 2016 година имаше обид да се примени велешкиот рецепт на фејк њус и во Македонија. Тогаш беа регистрирани неколку интернет сајтови во Хрватска и во Србија кои објавуваа лажни вести поврзани со СДСМ и тогашниот лидер на партијата, Зоран Заев, а потоа масовно се споделуваа на социјалните мрежи од членови на ВМРО-ДПМНЕ и нивни симпатизери. Но, овој обид за кампања со лажни вести многу брзо го идентификувавме и прекина тој тренд, а порталите веднаш згаснаа“, посочува Јовановска.

Нејзиниот пример е еден од ретките кај кои превагнала вистината, но опасноста од производство на вести со скриени намери останува да го демне јавниот интерес. Статистиките во кои се отсликани последиците од  неконтролираното ширење на лажните вести покажаа поразителни податоци за земјава и медиумската писменост генерално. Силната политичка и економска контрола која постои врз медиумите, недоволното образование и ниското ниво на доверба во општество ја спуштија Македонија на дното од вкупно 35 земји според Индексот на медиумска писменост за 2018-та.  Ова е прикладен пример дека  Интернетот донесе ново значење на старата поговорка  „Не верувајте во се што ќе прочитате“. Лажните вести не се нов феномен, но експанзијата на социјалните мрежи овозможи плодна почва за нивно негување и дистрибуција до секој кој користи компјутер.

„Секоја лажна вест во себе има лага, но не секоја лага има потенцијал да стане лажна вест. Ова е особено важно и за домашните политичари кои меѓу себе постојано се натпреваруваат кој прв ќе изјави дека токму опонентите се тие кои шират „лажни вести“. Во статијата објавена на Википедија за „лажни вести“ на англиски јазик, Македонија се спомнува дури три пати – еднаш во делот за „Лажните вести во 21 век“, а два пати во делот „Користени извори“,  вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

Критичкото размислување е имунитетот на демократијата против канцерогените „фејк њус“ клетки

Сите анализи индицираат дека образованието треба да го отвори клучниот фронт против лажните вести. Истражувањата за фејк њус кои ги правел новинарот од агенцијата Макфакс, Васко Маглешов го упатиле токму на овој одговор.  Во земји каде што има квалитетно образование, лажните вести поминуваат во микропроценти, вели Маглешов и додава:

„Само со критичко размислување и проверка се води оваа битка. На ниеден друг начин. Државата мора да развива образовни модули кои ќе промовираат критичко преиспитување на реалноста. Се сеќавам на еден проект за медиумска писменост со средношколци. Смислив вест и им дадов задача да ги најдат грешките и нелогичностите. Во кратката измислена вест имаше 40-ина грешки, а тие лоцираа едвај 10-ина и тоа претежно очигледни. Тоа значи дека земјава мора да креира критичка јавност и на тој начин, борбата со лажните вести ќе биде успешна“.

Академската заедница веќе има и конкретни предлози како треба  да почне да се развива концептот за медиумска одговорност за која веќе почна да се разговара во САД. Тоа е комплескен процес и опфаќа медиумско право, новинарска професионализација (стандарди во новинарската професија), медиуми со висок интегритет (квалитетни медиуми) разбирање на граѓаните (особено дигиталната писменост) објаснува универзитетскиот професор Јасна Бачовска. Таа предлага проблемот да почне да се рагледува на едно социолошко рамниште.

„Националната стратегија за образование во делот за предучилишно, основно и средно образование треба да ја опфати дигиталната писменост на граѓаните како најактуелен сегмент од концептот медиумска писменост. Дигиталната писменост треба да се имплементира централно преку Министерството за образование и наука на Република Македонија. Дигиталната писменост или во поново време дигиталната компетенција, значи оспособеност за критичка употреба на информациско-комуникациските технологии во доменот на професионалното и личното комуникацирање. Дигиталната компетенција се наведува како една од осумте темелни компетенции за доживотно образование кои ги одреди ЕУ со цел да одговори на предизвиците на развојот на општеството, знаењето и светскиот пазар“, вели Бачовска.

Како социјални феномени фејк њус и говорот на омраза се во причинско-последична врска и во таква корелација, лажните вести се опасни бидејќи создаваат амбиент во кој ширењето на говорот на омраза, може да предизвика дела од омраза. Истражувањата на Центарот за управување со промени од минатата година покажале дека речиси 30% од младите ги преферираат веб-порталите, а 19,1% ги избрале социјалните мрежи како медиум за информирање[1]. Овие податоци се доволен мотив за да се отпочне процесот на  обезбедување на одговорни медиуми кои ќе бидат авторитетен извор на информации и вести кои ќе уживаат висок степен на доверба. Кинескиот филозоф Конфучиј, векови пред нашата ера воочил дека „кога зборовите го губат своето значење, луѓето ја губат својата слобода“.

РАМКА: Психологија на просечен консумент на фејк њус

Психолозите веќе ги имаат одговорите кој, зошто и на кој начин ги консумира лажните вести. Хафингтон пост  преку анализа на мозокот и огледалните неврони доаѓа до одговорот зошто чувствителните луѓе “паѓаат” на лажните вести[2].

„Мозокот успешно прави стотици проценки секој ден за тоа што другите луѓе имаат намера. Сепак, во виртуелниот свет на 24-часовни вести, мислења и социјални медиуми, мозокот започнува да се бори. Кога лицето гледа дека на некој му се допаднало нешто на Фејсбук, неговите огледални неврони автоматски праќаат порака со зборовите: “Еј, јас разбирам што се случило таму, тоа е исто како кога  мене ми се случило нешто“. Но, важно е да се запамети дека ова не е свесна одлука, па така никој не гради рационален аргумент во главата, велејќи: “Па, ако Дејв од работа го сака ова, тогаш сигурен сум дека и мене ќе ми се допадне”.

Со други зборови, ако се потрудите да добиете дополнителни информации, надвор од она што е сервирано, тогаш огледалните неврони во вашата глава реагират и не се согласуваат со она што го прави другиот. Тоа сугерира дека ако сте спремни да бидете критички настроени за нештата што се споделуват онлајн дури и тогаш кога ќе ги видите другите луѓе како лесно ги консумираат лажните вести, па вашиот мозок нема да дејствува како на останатите.

[1] http://www.iri.org/sites/default/files/2017-9-18_macedonia_poll.pdf

[2] https://www.huffingtonpost.co.uk/entry/fake-news_uk_5b7ab484e4b0ef9091f95aeb?guccounter=1&guce_referrer_us=aHR0cHM6Ly93d3cuZ29vZ2xlLmNvbS8&guce_referrer_cs=UC16YOss914O66W-Kz1rPQ