ИКС ја најавува Неделата против лажните вести од 12ти до 18ти ноември

Институтот за комуникациски студии (ИКС) подготвува серија обуки, дебати, онлајн квизови и видеа, како дел од Неделата против лажните вести од 12ти до 18ти ноември. Активностите имаат цел да поттикнат критичко размислување и да ја подигнат свеста за штетата која лажните вести, манипулациите и дезинформациите, ја нанесуваат на целото општество.

„Новите медиуми нудат простор за неограничена слобода на изразување, која за жал често се злоупотребува од поединци, кои не размислуваат или воопшто не им е грижа за етичките стандарди на информирање и одговорно искажување на ставовите. Сведоци сме на зголемен тренд на лажни вести и манипулации, кои некогаш ниту експертите не можат да ги препознаат“ вели директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска. „Преку Неделата против лажните вести сакаме да ги отвориме овие прашања, да им понудиме на граѓаните алатки да ги препознаваат ваквите медиумски манипулации и да реагираат.“

Во рамките на Неделата против лажните вести ИКС ќе организира три обуки на кои учесниците ќе научат како полесно да ги идентификуваат лажните вести и два вебинара со истакнати предавачи од областа на медиумската писменост. На веб страницата http://stopdezinformacii.mk ќе бидат објавени четирите едукативни видеа кои ИКС ги подготви како дел од оваа кампања, како и неколку квизови на кои сите заинтересирани ќе можат да си ги проверат сопствените медиумски познавања.

На веб страницата ќе има место и за прашања од граѓаните на кои ќе одговараат експерти од Советот на етика во медиумите, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми и сите институции и организации кои се активни на ова поле. На крајот, ИКС ќе организира и дискусија со новинари и медиумски експерти кои ќе говорат за феноменот на лажните вести.

За сите активности кои ќе бидат дел од Неделата против лажните вести информирајте се на веб страницата http://stopdezinformacii.mk или на фејсбук страницата https://www.facebook.com/StopDezinformacii/.

Неделата против лажните вести е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го реализираат Македонскиот институт за медиуми, ИКС, Синдикатот на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот е финансиран од Европската Унија.