Трката со времето притиска врз квалитетното новинарство 

Дезинформациите и лажните вести не се нова појава, но денес тие имаат многу поголем потенцијал да наштетуваат поради природата на комуникациските платформи преку кои најчесто се пренесуваат. Ова е главниот заклучок од синоќешната дебата „Како да справиме со дезинформациите и лажните вести“ што ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамки на Неделата против лажните вести.

Панелисти на дискусијата беа Сашо Ордановски, уредник во 1ТВ; Милка Смилевска, новинарка во Ал Џезира Балкан и Сеад Џигал, комуниколог.

„Денес на Интернет и на социјалните мрежи не функционираат доволно успешно заштитните филтри против нив, какви што порано беа уредничкиот систем кај медиумите или пак професионалното новинарство, кои сега се само дел од еден посложен мрежен систем“, рече комуникологот Сеад Џигал.

Според новинарката, Милка Смилевска за квалитетно новинарство важно е во каква средина работат новинарите – дали се тоа медиуми коишто им нудат доволно ресурси и време за истражување, вклучувајќи и време за проверка на информацијата. Уредникот на 1ТВ, Ордановски смета дека во денешно време комерцијалниот интерес го надвладува јавниот. „Реалноста е дека се повеќе се клика на евтини, т.н. „треш“ вести, отколку на сериозните теми, па ако сакате, тука може да го вброиме и квалитетот на воздухот што го дишеме.“

Освен вчерашната дебата, во Неделата против лажните вести од 12 до 18 ноември се организираат работилници и вебинари за медиумска писменост, се изработија и се споделуваат едукативни видеа и квизови, како и сведоштва од работата на неколку познати новинари, се со цел да се поттикне критичкото мислење и да се подигне свеста за штетата која лажните вести, манипулациите и дезинформациите, ја нанесуваат на целото општество.