Медиумското образование во напливот од лажни вести

Загриженоста за подемот на лажни вести во социјалните медиуми е голема а исто така е голема и потрагата по решенија. Нашите ученици треба да ги учиме како да ја проверуваат точноста на информациите, но истовремено неопходно е да навлеземе подлабоко во проблемот на лажните вести и погрешното информирање.

Како професионалци кои се занимаваат со медиумско образование за нас е потребно постојано да бидеме во тек со развојот на настаните во областа на медиумите и со динамиката на тоа поле, како и со начинот на кој работењето на медиумите се менува со текот на времето. Неопходно е да разбереме како да ги користиме медиумските содржини и алатки, какви значења асоцираме со тие медиуми и како различни луѓе нив ги користат на различен начин.

Исто така, сите овие промени и функции на медиумите потребно е да ги разбереме со отворен ум. Неопходно е нашите наставни активности да ги ставаме во контекст и реализацијата на наставата за медиуми да ја имплементираме на релевантен и конструктивен начин. Неопходно е да бидеме отворени за разговори со нашите ученици или слушатели во секое време.

Сè се ова многу убави решенија за еден едукатор, нели? Но, ставот да се има отворен ум често е обесхрабрен од политиките и критериумите за финансирање кои ги дефинира медиумската продукција, нивното користење и ефектите и, како резултат на тоа, медиумското образование, во потесна и поедноставна смисла. Токму ваков е случајот со многу дискутираните „лажни вести“ и на кој начин медиумското образование (медиумската писменост) може да се спротивстави на оваа појава.

Лажни вести и наставни решенија

Конечните резултати од претседателските избори во САД во 2016 година и Брегзит се двата најчесто цитирани примери за драматичните последици кои лажните вести ги имале во последните две години. Загриженоста за подемот на лажни вести во социјалните медиуми е голема а исто така е голема и потрагата по решенија.

Решенијата кои ги предлага медиумската писменост најчесто се фокусираат на причините и последиците, како вид на перцепција на конкретниот проблем, игнорирајќи го притоа поширокиот контекст. Наставните методи, како што се илустрирање на часот по медиумска писменост со лажни вести, или покажување на слушателите/ учениците како да ги проверуваат информациите, се гаранција за поодговорен корисник на вести што ги пласираат медиумите. Ех, камо да беа работите толку едноставни!

Ова не значи дека нашите ученици не треба да ги учиме како да ја проверуваат точноста на информациите, но додека тоа го правиме неопходно е да навлеземе подлабоко во проблемот на лажните вести и погрешното информирање. Да се обидеме тие работи да ги ставиме во социјален и економски контекст, во нашите лични, внатрешни и општествени околности, во контекст на нашата способност да проверуваме.

Сите се согласуваме дека создавањето и споделувањето дезинформации е лоша работа. Тоа може да има голем удел во дестабилизирањето на работите. Од аспект на учењето, претпоставка е дека, ако ги разбереме основните факти и ако научиме како да ги идентификуваме вестите и информациите, чија цел е да нè наведат на погрешно размислување, во тој случај би биле одговорни корисници на медиуми кои ќе ги осудат лажните вести и никогаш нема да ги споделуваат.

Сепак, реалноста е дека за луѓето лажните вести можат исто така да бидат и забавни и да ги споделуваат на социјалните медиуми. Тие можат да ја потврдат нашата пристрасност или да се вклопат во нашите фрустрации. Лажните вести се „фаќаат“ за нешто. Тие не пуштаат корен само затоа што биле добро подготвени.

Технологијата и особено социјалните медиуми се значително присутни во нашиот живот. Тоа е така, затоа што технологијата ја користат луѓе со чувства, интереси и лични верувања. Технологијата им олеснува на луѓето да споделуваат непроверени информации, но таа исто така помага во ширењето на загриженоста за одредено прашање и обезбедува негова поширока видливост. Интервенциите од страна на ботови значително придонесоа за ширење на лажните вести и на социјалните медиуми.

Во дебатите кои се одвиваат во рамките на европската заедница на медиумски едукатори, а кои се помалку видливи во однос на главните јавни дебати, има генерално мислење дека обуката за лажни вести во смисла на тоа како тие се подготвуваат, не е гарантирана заштита од лажни вести. Со други зборови, ако некој сака да се обучи за да се заштити од нешто, наставата по медиумско образование можеби не е најдобриот начин за тоа. Но, ова е прашање за некоја идна дебата.

Медиумските едукатори и истражувачи знаат што зборуваат, затоа што тие предаваат медиумска писменост на дневна или неделна основа. Тие го оценуваат напредокот во учењето, кога имаат доволно среќа да добијат финансиска и институционална поддршка. Тие можат релативно едноставно да ја забележат неефикасноста на наставниот метод.

Тие, исто така, можат да кажат во кои случаи брзата настава за новите медиумски предизвици не е реална (и за ова најчесто се врши притисок од страна на креаторите на политиките и на институциите кои финансираат).

Контекстот е суштината, а основните концепти остануваат исти

Влијанието кое социјалните медиуми го имаат врз начинот на кој комуницираме, се забавуваме и се информираме досега ни е мошне јасно. Нивното присуство го промени начинот на кој ги избираме, ги читаме и им веруваме на вестите.

Навистина, клучната работа тука е контекстот во кој ги консумираме вестите од медиумите. Неодамна бев ко-модератор, заедно со Евелин Беворт (Evelyne Bevort) на една работилница наменета за медиумските едукатори на тема предизвиците поврзани со медиумските вести, организирана на IAME летната школа во Лука (Lucca), Италија*. Од неа произлезе една интересна поента – дека не можеме да размислуваме за консумирањето информации и вести само од медиумски аспект.

Јас во целост се согласувам со ваквата констатација. Консумирањето вести и нивното споделување се дел од градењето на нашиот личен идентитет и општествено делување повеќе од било кога. Вестите ги читаме за да се информираме (тоа е нивната примарна функција), но ние исто така ги споделуваме тие информации на социјалните медиуми, ги користиме во разговори или едноставно, им покажуваме на нашите Фејсбук пријатели дека сме во тек со она што се случува, дека тоа што се случува во светот може навистина да нè налути т.е. да бидеме емпатични, и така натаму. Исто така, важен е и емотивниот аспект.

Подемот на социјалните медиуми создаде нови медиумски бизнис модели, за кои се покажа дека не се многу етички кога станува збор за користење на личните податоци на своите корисници и нивните интернет искуства за профит – скандалот кој се случи оваа година со Кејмбриџ Аналитика (Cambridge Analytica).

Сите овие прашања, а спомнав само неколку, се релевантни за нашата настава во врска со информативните медиуми. Важно е да можеме да правиме критичка анализа на текстовите, но тоа не е доволно да ја гарантира употребата на оваа анализа во ситуации од реалниот живот. Се работи за стекнување навики и разбирање на начинот на кој функционираат медиумите и како ние да ги користиме тие медиуми. Тоа е предизвик кој можеби нема секогаш да функционира.

Новите дигитални медиуми отворија нови предизвици за медиумските едукатори, но концептите за базично медиумско образование и понатаму се достапни на располагање секаде каде за тоа има можност, вели Дејвид Банкингем (David Buckingham).

Концептите, како што се јазик, репрезентација, публика и институции кои ние како медиумски индикатори постојано ги имаме на ум и ги користиме при подготвувањето на нашите предавања, и понатаму се релевантни во дигитален контекст. За повеќе информации во врска со ова види тука.

Какво медиумско образование?

Овој вид образование треба да се реализира на долг рок, во разни ситуации на учење и за разни групи луѓе, почнувајќи од најрана возраст. Ваквото образование треба да го поставува прашањето што е тоа критичко учење, да се обидува да прави разлика помеѓу тоа да се биде критичен и циничен за сè, што веројатно е исто толку лошо како и фактот да се биде медиумски неписмен.

Автор: Е. Николета Фоциаде (E. Nicoleta Fotiade)

Авторот е едукатор по медиумска писменост и претседател на „Mediawise Society“ во Романија (mediawise.ro)

*IAME– Меѓународната асоцијација за медиумско образование е платформа која ги обединува медиумските едукатори да дискутираат, да разменуваат идеи, да ја подобруваат својата настава и да бидат посилен глас на медиумското образование. Придружете ни се на education.iame!