Концептот на мултиписменост во медиумското образование во Финска

Последната реформа на наставната програма во финскиот образовен систем која се реализираше во 2016 година воведе нова трансверзална компетенција наречена мултиписменост. Мултиписменоста кај учениците се развива во сите училишни предмети а соработката е предуслов како во наставата, така и во соработката со другите чинители.

Во последниве неколку децении сведоци сме, и дел, од голем број важни и значителни промени. Би го спомнал на пример, брзиот развој на технологијата и медијатизацијата, односно сè поголемото значење кое медиумите го имаат во нашиот секојдневен живот, како и во поширокото општество околу нас. Овие трендови влијаат на знаењето и на компетенциите кои ги имаме, а кои е потребно да ги имаме денес, но и во иднина. Питер Сторди (Peter Stordy – 2015) посочува дека „Дигиталните технологии го променија она што значи да бидеме писмени и да стекнуваме искуства во однос на писменоста“. Според него, за да се има предвид ваквата трансформација, се користат разни видови писменост, како што се дигиталната писменост, медиумската писменост или информациската писменост. Сето ова ново знаење и барање за компетенции, како и различните видови писменост, се земени предвид во најновата реформа на наставните програми во Финска, со воведување на концептот „мултиписменост“ (multiliteracy).

Долга традиција

Мултиписменоста не е прв концепт кој се користи за опфаќање на променливата медиумска култура во образовниот систем на Финска. Наместо тоа, медиумското образование има корени кои датираат уште од педесеттите години на минатиот век. Досега се воведени повеќе терминологии кои се во употреба. На пример, поимите како што се „образование за мас медиуми“, „аудиовизуелно образование“, „комуникациско образование“, „медиумска писменост“ и „медиумско образование“ се користат во различни временски периоди за да одразат конкретни образовни аспекти на медиумите. (Kupiainen, Sintonen & Suoranta 2008).

Последната реформа на наставната програма која се реализираше во 2016 година воведе нова трансверзална компетенција наречена „мултиписменост во финскиот образовен систем“. Трансверзалните компетенции се состојат од знаење, вештини, вредности, ставови и волја. Во финскиот образовен систем, мултиписменоста се дефинира како концепт за толкување, дефинирање и изнесување вредносни судови за разни текстови. Текстовите се разбираат од поширок аспект за да упатуваат на знаењето прикажано во вид на системи на вербални, визуелни, аудитивни, нумерички и кинестетички симболи и нивни комбинации. Текстот може да се толкува и да се подготви во пишана, усна, печатена, аудиовизуелна или дигитална форма (NAoE 2014). Многу аспекти од дефиницијата на мултиписменоста се слични и се познати од медиумската писменост, при што овие два поими се меѓусебно поврзани на многу начини (Palsa & Ruokamo 2015).

Како трансверзална компетенција, развојот на мултиписменоста бара широк пристап, но истовремено и соработка. Мултиписменоста кај учениците се развива во сите училишни предмети, а соработката е предуслов како во наставата, така и во соработката со другите чинители.

Мултипрофесионалното образование и соработката се клучни за развојот на мултиписменоста, но исто така се и показател за широко-базираното и разновидно медиумско образование во Финска, кое вклучува, на пример, библиотеки и младински работни центри.

Од градинка до средно училиште

Мултиписменоста не е само клучен концепт на медиумското образование во контекст на основното образование во Финска, туку е воведена во целата наставна програма – од најраното детско образование и претшколска возраст, па до крајот на средното образование. Статистиката покажува дека користењето на медиумите започнува од многу рана возраст. Во 2013 година, на пример, 20 отсто од децата на возраст од 0 до 2 години во Финска веќе го користат интернетот. Медиумската писменост треба да биде за сите и не постои лимит во возраста за медиумско образование.

Автор: Лаури Палса (Lauri Palsa)

Авторот е проектен истражувач на Националниот аудиовизуелен институт (KAVI) во Финска, на катедрата за медиумско образование и аудиовизуелни медиуми. Оваа организација има за цел промовирање на медиумското образование, медиумската писменост и побезбедна медиумска средина за деца.