Како до своите права во медиумите?

Кому и како можат да му се обратат граѓаните доколку сметаат дека медиумите (радијата и телевизиите) им ги нарушиле нивните права и која е улогата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги?

„Медиумската писменост … претставува способност на граѓаните за ефективно користење, разбирање и свесно учество во сите форми на комуникација, како и во демократскиот и политичкиот процес“- вака згуснато Паоло Челот, генералниот секретар на Европската асоцијација за интересите на гледачите (ЕАВИ), ја сублимира медиумската писменост во Програмата за поттикнување на медиумската писменост во Република Македонија. Секој дел од оваа одредница ги подразбира граѓаните како активни чинители во секој сегмент од комуницирањето во општеството – било да е медиумски посредувано, било да е директно. Активното граѓанство, значи дека луѓето се оспособени критички да размислуваат, да ѕирнат зад секоја порака (не само медиумска) и да ја видат онаква каква што навистина е – соголена од сите целофани и зашеќерувања. Да ја разберат вистинската намера која довела до нејзино создавање и целта поради која е проширена.

Но, какви обврски имаат медиумите при создавањето на своите програми, и кому и како можат да му се обратат граѓаните доколку сметаат дека медиумите им ги нарушиле нивните права.

Една од адресите на кои граѓаните можат да пишат во врска со медиумските содржини е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – институција која до пред пет години се викаше Совет за радиодифузија.

Агенцијата има надлежност над субјектите кои официјално, со едно име, се нарекуваат даватели на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а тоа се телевизиите и радијата (заедно наречени уште и радиодифузери) и давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање или видео по барање – какви што во Македонија се Max TV Видеотеката на Македонски Телеком и Vip Now на ОНЕ.ВИП. Агенцијата може да постапува и во однос на субјектите официјално именувани како оператори на јавни електронски комуникациски мрежи, а кои на сите нас ни се попознати како кабелски оператори – но, во одредени случаи (обезбедување превод, реемитување нерегистрирани програми или програми за чие реемитување не се регулирани авторските права, за заштита на малолетната публика од штетни програми, реемитување програми надвор од дозволеното подрачје и сл.). Регулаторното тело има ограничени надлежности и за печатените медиуми што се однесуваат само на обврската да објавуваат импресум, еднаш годишно да ги објават податоците за сопственичката структура, соодветно да ги заштитат малолетниците од порнографски содржини. Агенцијата нема надлежност врз интернет, односно врз информативните и другите содржини во дигитална, аудио и видео форма што се објавуваат на интернет мрежата.

Комуникацијата со Агенцијата е едноставна – треба на контакт адресата да се испрати претставка, обично на електронски образец којшто е достапен на http://avmu.mk/gragjani/ и да се наведе на што се однесува поплаката (медиум, емисија, датум и по можност време за да може да се направи анализа и да се утврди дали има некакво прекршување). Агенцијата одговара бргу, а најдоцна во законски определените рокови од 15 дена, односно 30 дена, во оние случаи кога станува збор за посложени анализи. Одговорите се објавуваат и на веб страницата на Агенцијата.

Што се однесува до тоа – за што можат граѓаните да ѝ пишат на Агенцијата – листата е долга – колку што е долго и името на овој регулатор. И станува збор за обврски за кои на европско ниво постои консензус дека треба да се регулираат. Навистина би било преамбициозно (а се плашам и досадно) да се наведат сите прашања опфатени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со Законот за медиуми и со Изборниот законик за чиј надзор е задолжена Агенцијата – затоа ќе посочам само некои поспецифични.

Заштита на малолетници

Граѓаните можат да се обратат до Агенцијата доколку сметаат дека некоја содржина може да им наштети на малолетниците. Веројатно сите ги имаат забележано знаците со кои се означува категоријата во која влегува одредена програма, а кои изгледаат вака:

– програми за целата публика кои можат да се емитуваат во текот на целото деноноќие,
– програми што не се препорачуваат за деца под 8 години и можат да се емитуваат во целото деноноќие,
– програми што не се препорачуваат за деца под 12 години и можат да се емитуваат само меѓу 20:00 и 5:00 часот,
– програми што не се препорачуваат за деца под 16 години и можат да се емитуваат само меѓу 22:00 и 5:00,
– програми несоодветни за публика под 18 години и можат да се емитуваат само меѓу 00:00 до 5:00.

Категоризацијата и означувањето ги прават телевизиите, а знаците служат за да ги упатат родителите и старателите дека треба да одлучат дали нивните деца ќе ја гледаат таа програма. Временските брани – т.е. термините во кои некоја програма не смее да се емитува, служат токму за тоа, потенцијално штетните програми, да не се прикажуваат во време кога децата се сами. Кај видеото по барање – знаците се ставаат во каталогот со програми.

Говор на омраза

Ако, пак, со некоја програма се повикува на уривање на уставниот поредок, оружен конфликт, воена агресија или се поттикнува или шири дискриминација и омраза против некоја група во општеството врз основа на некои нејзини карактеристики (раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус, или која било друга основа), односно ако некој медиум шири говор на омраза – и тоа е основа да се упати поплака до Агенцијата. Притоа, треба да се има предвид дека регулаторот ќе оценува дали медиумот шири говор на омраза или како постапил во случаи на известување за говор на омраза, и нема надлежност над индивидуите кои говорат – зашто не е забрането да се информира за говорот на омраза туку е потребно тој да се контекстуализира и да се покаже неговата вистинска природа. Во крајот од 2018 година, со законски измени беше пропишано дека за говор на омраза медиумот може да плати глоба од 1000 до 5000 евра во денарска противвредност, а одговорниот уредник за програмата – противвредност од 500 евра. Меѓутоа, оваа глоба е премногу ниска зашто – првиот чекор при покренување прекршочна постапка е да се спроведе порамнување, односно да му се даде можност на медиумот да го признае делото. Во тој случај се плаќа половина од најниската глоба, што значи дека радиодифузерот би платил 500 евра (30 000 денари), а одговорниот уредник 250 евра (15 000 денари). Ако се има предвид и најавеното намалување на висината на прекршочните санкции – оваа сума ќе биде уште помала со што легитимно се поставува прашањето колкав ќе биде ефектот на ваквата глоба.

Правила за рекламирање

Во поглед на содржините коишто се нарекуваат комерцијални комуникации меѓу кои спаѓаат и рекламирањето, телешопингот, спонзорството и пласирањето производи, постојат правила коишто се заеднички, како и правила коишто зависат од нивните специфики, а целта на сите тие правила е да се заштитат граѓаните од прекумерна изложеност на рекламни пораки или од штетно или прикриено рекламирање. Што значи ова всушност? За сите комерцијални комуникации важат следниве основни правила:

– мора да бидат вистинити, односно не смеат да лажат за природата, карактеристиките, квалитетот и географското потекло на она што го промовираат,
– мора да го почитуваат човековото достоинство,
– со својата содржина не смеат да дискриминираат по која било основа,
– не смеат да поттикнуваат однесување коешто е штетно за здравјето и безбедноста или кое ја загрозува животната средина.

За оние комерцијални комуникации што се упатени кон малолетниците или во кои тие учествуваат – има и дополнителни правила, зашто децата имаат и дополнителна заштита со која ќе се спречи да бидат изложени на содржини што ќе влијаат штетно врз нивниот физички или морален развој, како и за да се спречи злоупотреба на нивното неискуство или лековерност. Ваквите содржини не смеат директно да ги убедуваат децата да купат или да изнајмат нешто, ниту директно да ги охрабруваат да побараат нивните родители да го сторат тоа, не смеат да ја злоупотребуваат довербата што децата ја имаат во родителите, наставниците и други личности и не смеат да ги прикажуваат децата во опасни ситуации.

Медиумите имаат обврска посебно внимание да им обрнат на комерцијалните комуникации во и околу емисиите за деца, во случај да се однесуваат на храна и пијалаци чие прекумерно консумирање не е препорачливо (производи што содржат масти, заситени масни киселини, сол, натриум и шеќери). Во овие случаи важат и правилата дека не смее да има неточни или заведувачки информации за хранливата вредност на продуктот, не смее да се сугерира дека се замена за овошје или зеленчук, ниту да се охрабруваат нездрави навики за јадење и пиење.

Што се однесува до алкохолот – смеат да се рекламираат само вино и пиво ама притоа рекламирањето не смее да биде наменето за малолетници, ниту ќе се прикажуваат малолетници како пијат вино или пиво; овие пијалаци нема да се поврзуваат со подобрена физичка способност или со возење, ниту ќе се создава впечаток дека придонесуваат за општествен или за сексуален успех, дека имаат терапевтски својства или дека се стимуланс, седатив или средство за решавање на личните конфликти; нема да се поттикнува нивно неумерено консумирање или да се претставуваат апстиненцијата или умереноста во негативно светло и нема да се нагласува високиот процент алкохол како позитивен квалитет.

Постојат производи и услуги за кои е забрането да се емитуваат комерцијални комуникации какви што се: дрогите, цигарите и производите од тутун, стрелачки и пиротехнички средства, медицински производи и третмани кои се достапни само на рецепт, а за оние коишто се добиваат без рецепт важи правилото да се презентираат објективно, без преувеличување на нивните својства, во согласност со упатството за употреба и да не поттикнуваат неразумно користење.

Што се однесува до платеното политичко рекламирање – за него има неколку дополнителни забрани, од кои овде ќе споменам две – во него не смеат да учествуваат малолетници и не смее да се емитува на јавниот сервис МРТ.

Рекламирањето и телешопингот се најчести и најлесно препознатливи форми на комерцијални комуникации. Кај рекламите обично станува збор за спотови кои се емитуваат во посебни блокови во или меѓу емисиите, но и за т.н. нови рекламни техники од кои најчесто е рекламирањето на поделен екран т.е. кога во текот на програмата на дел од екранот ќе се појави реклама со подвижен текст (кајрон), на телоп или кус рекламен спот. Притоа не смее да се наруши интегритетот на програмата – на пример да се покрие титлот или значаен дел од екранот. Телешопингот пак може да се јави во форма на спот или на телешопинг прозорец – во вториов случај треба да трае најмалку 15 минути. Времето што телевизиите и радијата можат да го издвојат за сите форми на рекламирање (спотови, кајрони, телопи…) и за телешопинг спотовите не смее да биде подолго од 12 минути на еден реален час (60-те минути коишто поминуваат од почетокот до крајот на еден час на часовникот, а не кои било шеесет минути). Има повеќе правила за тоа каде и како може да се емитува рекламирањето, но овде накусо ќе ги спомнам најспецифичните. Секако, посебна сметка се води за децата, односно рекламирање и телешопинг спотови не смеат да се емитуваат во детски емисии кои траат до 30 минути, а ако се подолги – по еден блок еднаш за секој период од 30 минути, а ова правило важи и за филмовите. Реклами и телешопинг не се дозволени ниту во верски служби и проповеди.

Спонзорството и пласирањето производи се форми на комерцијални комуникации преку кои радиодифузерите можат да обезбедат разни видови поддршка (парични или други средства) за создавање програми. Овде само накусо ќе кажам дека емисиите во кои има пласирање производи треба да бидат означени со соодветниот знак на почетокот и на крајот на програмата, како и по секоја пауза за реклами. При означувањето на спонзорот, пак, не смее да се промовира или да се поттикнува купување или изнајмување на неговите стоки или услуги.

***

Настрана од сето ова, граѓаните, исто така, можат да се обратат кај Агенцијата и доколку некоја програма на радио или на телевизија се емитува без соодветен превод (титл, нахсинхронизација или директно устно преведување/резимирање во текот на програмата).

Исправка и тужба за навреда и клевета

Регулаторното тело не е единственото место на кое граѓаните можат да се обратат ниту пак поплака е единственото нешто што им стои на располагање за да ги заштитат своите права.

Доколку се прекршуваат професионалните стандарди и новинарскиот кодекс – вистинско место за претставка се саморегулаторните тела: Совет за етика во медиумите на Македонија и Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија.

Во случај некој медиум да емитува информација којашто е неточна или невистинита, граѓаните имаат на располагање неколку алатки. Можат да побараат медиумот да објави одговор или исправка и ако не го стори тоа – можат да покренат тужба. Условите и процедурата за барање право на одговор и исправка се пропишани во законот за медиуми, а Агенцијата, на својата веб страница има направено посебен линк каде сето тоа го објаснува со едноставен јазик.

Ако станува збор за навреда или клевета, граѓаните можат да поднесат тужба, што е регулирано со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Автор: Емилија Петреска-Камењарова

Емилија Петреска-Камењарова е магистерка по комуникации и дипломирана новинарка. Таа е раководителка на Одделението за човекови права и медиумска писменост во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, каде работи од 2002 година. Се занимава со прашањата на слободата на изразување, родовите, говорот на омраза и дискриминацијата, човекови права и професионални стандарди, пристап до медиумите за лицата со сетилна попреченост, избори, медиумска писменост итн.