Граѓаните имаат право на веродостојни информации

Правото на информирање, заштита на приватноста на граѓаните, како и препознавањето и заштитата од дезинформациите, пропагандата и лажните вести, се некои од темите кои беа во фокусот на дводневната обука за заштита на правото на граѓаните на веродостојни информации, наменета за граѓанските организации.

Преку предавања, вежби и практична работа, учесниците се запознаа со претставувањата во медиумите, трендовите на (дез)информираност и манипулација со јавноста. Особен акцент беше ставен на механизмите и телата преку кои граѓаните може да реагираат доколку забележат прекршување на професионалните и етичките стандарди во медиумите, како што се Советот за етика во медиумите на Македонија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, МВР и Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Обуката ја водеше професорката Марина Тунева од Институтот за комуникациски студии, а гости-предавачи на обуката беа Лилјана Пецова Илиеска, експерт на темата за заштита на личните податоци и Димитар Тануров, соработник за меѓународна соработка во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Ова е трета од вкупно петте обуки од тренинг-програмата наменета за грантистите на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“. Проектот го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.