Падот, подемот, и падот на довербата во медиумите

Дали се крева преголема бука од недовербата кон новинарите?
Тоа е загрижувачкиот момент во нашето секојдневие, и се добива чувство дека негативниот набој спрема печатот е на највисоко ниво од основањето на републиката до денес. Всушност, претседателите од Џорџ Вашингтон навака, вклучувајќи го и Томас Џеферсон, сметале дека весниците се полни со лаги. Уредниците не се грижеле премногу за своите колеги, понекогаш ги предизвикувале и на дуели. А постои и историја на насилство врз медиумите, особено над аболиционистичките весници пред Граѓанската војна и врз новинарите афро-американци и врз институциите во различни временски точки потоа – кое не е прашање на недоварба, туку на омраза и страв.

Анкетирањето ни овозможо да ја мериме довербата на јавноста во медиумите и да ја споредуваме со довербата во други институции. Од податоците кои низа децении наназад се достапни, можеме да видиме дека јавноста главно има попозитивно мислење за новинарството, отколку да речеме за Белата куќа или за Конгресот, но има помалку доверба од на пример медицината, образованието, војската, религијата или големите корпорации. Во 1970-те години довербата во сите овие институции почна да опаѓа. Тоа веројатно беше неодминлив коректив на своевидното самозадоволство кое постоеше – кај јавноста и кај информативните медиуми – кое дозволи веројатно преголема доверба: ја прифативме лагата на Претседателот Ајзенхауер за шпионските авиони, на Претседателот Кенеди за надмоќноста во Студената војна, лагите на Претседателот Џонсон за војната во Виетнам, на Претседателот Никсон за аферата „Вотергејт“. Потребна беше културната револуција во 1960-те за да биде срушена преголемата почит спрема американските бастиони на моќта. Како резултат на ова произлезе и оценката на експертот по медиуми Даниел Крајс, нарекувајќи го овој феномен како ниво на „граѓански скептицизам“ соодветно на едно демократско општество.

Што се однесува за медиумите, се до пред телевизиските информативни мрежи со нивниот внимателен, одмерен, трезен и успивачки тон, да си го најдат своето етаблирано место во американските дневни соби (средина на 1960ти), всушност не постоеше такво нешто како „медиумите“. Имаше повеќе големи таканаречени градски весници во речиси сите поголеми градови и тие беа познати по тоа што имаа политички коментари кон едната или другата страна на политичкиот спектар. Но, „медиумите“ како општ термин за она што денеска го нарекуваме „мејнстрим медиуми“ многу малку се користеше. Белата куќа во времето на Никсон всушност стратегиски го внесе овој термин во американскиот речник. Обраќањето кон новинарите со зборот „печатот“ им даваше емотивна предност, аура на моралност и право на Првиот амандман.

Таа предност, која беше неприфатлива за Никсон, чиишто соработници сметаа дека новинарите не се објективни спрема Претседателот, можеше да биде отстранета само со нарекување на новинарите со терминот „медиумите“. Вилијам Сафир, човекот кој му ги пишуваше говорите на Никсон и автор на неговите мемоари, „Пред падот“ (1975) објаснува како никсоновата администрација го вметнала терминот „медиумите“.

„Во Белата куќа, „печатот“ стана „медиумите“ затоа што зборот имаше манипулативна, широка конотација и печатот го мразеше тоа“, вели Сафир. Никсон ги сметаше новинарите за негови противници, се присетува Сафир и додава дека многупати во негово присуство Претседателот велел дека „печатот е непријателот“.

Дури и ако се согласиме дека довербата во владата и довербата во медиумите пред Никсон била на многу високо ниво, сепак веројатно ќе дојдеме до заклучокот дека денеска довербата е падната на многу ниско ниво. Дали здравиот скептицизам се претвори во осакатувачки граѓански цинизам? Токму од ова се „храни“ Доналд Трамп: предизвикувајќи таква недоверба во медиумите што околу 40 проценти од Американците изгледа дека прифаќаат речиси се што тој ќе каже, дури и во случаите на несомнено точно известување.

Но, овој проблем е далеку поширок од претседателствувањето на Трамп: старите денови на објективното известување (тој рече/таа рече) не се заминати, но нивната важност е многу опадната од 1970-те навака, со тоа што мејнстрим медиумите силно ја потикнуваа аналитичноста во известувањето – не толку со одговори на прашањата „кој, што, кога, каде“ колку што со прашањето „зошто“. Забележителен е сериозен културен пресврт во новинарството за време на овој период. Ограничувањата на директната објективност беа разбрани и новинарството почна да ја прифаќа потребата од толкување, нешто што го покажаа и квантитативните студии и новинарските сеќавања. Според студијата „Кучето чувар сеуште лае“ (2018), на Бет Нобел, постои постојан раст на истражувачко и креативно известување од 1991 до 2011 година. Во екот на економската криза која ги погоди дневните весници, најголемите весници продолжија со агресивно, аналитичко новинарство. Тоа ставаше огромна одговорност врз читателите самите да мораат да прават разлика помеѓу содржина која е кредибилна и базирана на факти и она што претставува вредносен суд на новинарот – суд кој колку и да е детален, сепак, не е на ниво на документирани факти.

Медиумите ќе мора да си објаснат самите на себе, односно да ја искомуницираат разликата помеѓу рубриката вести и уредничката страница (повеќе од четвртина од Американците не ја разбираат разликата); да покажат како ги собираат нивни вести; да објаснат зошто понекогаш не можат да ги откриваат нивните извори; да објаснат зошто е важно дека речиси сите научни авторитети веруваат дека најважниот елемент за глобалното затоплување е придонесен од луѓето.

Можеби е време новинарите да разберат дека тие пишуваат поаѓајќи од збир на вредности, а не од едноставен неутрален обид за вистина. Ова нема да биде лесно, бидејќи новинарите со децении ја отфрлаа помислата дека нивните лични вредности се поврзани со нивното известување. И сепак, повеќето ги прифаќаат, и тоа прилично страстно, професионалните вредности, со иста сериозност како и докторите кога ја даваат Хипократовата заклетва. Новинарите во мејнстрим медиумите силно веруваат дека (1) треба да ја бараат вистината; (2) дека треба да ја повикуваат владата на одговорност; и (3) дека избраните и именуваните функционери се во служба на граѓаните и дека не треба да бидат во владата за да ги полнат сопствените џебови. Мојата проценка е дека овие вредности би имале смисла кај читателите, само доколку беа артикулирани.

Како и многу други новинари, Маргарет Саливан, колумнистка во „Вашингтон пост“ е загрижена за ниското ниво на доверба во медиумите. Зборувајќи со консументи на вести за ова, таа открила дека луѓето се многу „понежни“ и со различни гледишта од тоа што го покажуваат анкетите. Том Росенстил, извршен директор на Американскиот прес институт вели дека за многу луѓе постојат „медиумите“ (лошите) и „моите медиуми“ (генерално добрите). Споредбено, вели тој, луѓето имаат мала доверба во Конгресот, но сметаат дека нивните локални претставници се добри.

Сепак, повеќето луѓе се зафатени со живеење на своите животи, односно тие не мислат толку интензивно на медиумите, дури и ако имаат, според Росентал, „општо чувство на нервоза или фрустрација“.

Саливан смета дека новинарството може да поврати дел од довербата ако се фокусира на теми кои влијаат на животот на обичните граѓани и со отфрлање на препотентниот став кој во суштина вели: „Јас сум попаметен од мојата публика“. На крајот таа пее еден познат рефрен: „повеќе транспарентност“.

Ако некој застапува повеќе транспарентност во однос на печатот затоа што тоа ќе помогне за поинформативно и поинклузивно ноинарство, во ред, повисоко ниво на транспарентност за нечија работа може да го направи новинарството покорисно. Но, не мислам дека тоа ќе ја зголеми довербата.

Активностите на медиуми не се причина за намалување на довербата. Она што се случи неодамна е дека многу луѓе можеа да видат неколкумина елитни станаа многу, многу богати, додека тие самите назадуваа. Владата не продуцираше ниту инспирација, ниту конкретни мерки за да направи кого било подоверлив. И политиката стана се повеќе остро поларизирана. Луѓето се многу по стриктни кон останување на своите ставови и верувања без разлика на својата политичка определба по важните прашања, отколку што биле пред 50 години кога довербата во новинарството беше голема.

Дали доколку медиумите би биле потранспарентни за тоа како ги произведуваат вестите би помогнало? Можеби, малку. Она што навистина може да помогне е намалување, преку соодветни мерки на економската нееднаквост и нееднаквоста на општествено признавање и достоинство. Со тоа, се надевам би дошло и до намалување на политичката поларизација, со сериозно намален поттик за политичарите да бараат аплауз за своите екстремни изјави, вклучувајќи и деградација на политичките противници.

Веројатно не е изненадување сознанието дека новинарската самозададена вистина „да се бара одговорност од владата“ ја руши довербата. Во последните 40 години ваквото новинарство стана дефинирачки дел на мејнстрим редакциите. Вестите многу помалку од порано се учтиви кон институциите и луѓето на власт. Тоа можеби е добро, но исто така значи и дека многу луѓе нема да им веруваат на медиумите, особено кога нивните омилени политичари или партии со кои се идентификуваат се критикувани или новинарите отворенo им се спротивставуваат преку истражување, информација или мислење. Нема да биде важно колку средби со репортерите медиумите ќе организираат или колку ќе објаснуваат за секој детал од сторијата од каде дошол и како бил потврден. Луѓето кај медиумите не го сакаат имплицитното или експлицитното критикување на нивните херои. Едноставно е многу поутешно и да се соочиме со тоа, многу почовечки да се обвини гласникот отколку критичкото известување да се земе сериозно.

„Медиумите“ се поодговорни, поточни, поинформирани, со софистицирани анализи повеќе од кога било. Но, политичкото мислење стана многу пополаризирано. И тоа е засилено од печатот; кога порано проверениот бизнис модел на собирање вести ќе се распадне, поларизираната политика, за жал, станува вкусна тема за известување за компетитивните медиуми. Многу попривлечно е на пример да се покрива недонесувањето на буџетот и затворањето на владата во препукувачки стил, како конфликт помеѓу Доналд Трамп и Ненси Пелоси, отколку да се објасни што точно значи затворање на владата и кои се последиците.

Може ли новинарството да престане со пренесување на атрактивни нешта како споменатото препукување? Не гледам дека тоа се случува; напротив, работите само се влошуваат со 24-часовниот циклус на вести. Може ли новинарството да ја прекине обврската да ги држи политичарите на одговорност и да ги третира со сомнеж? Се надевам не – дури и ако тоа ја подигне довербата.

Некои работи се многу поважни од тоа како луѓето одговараат на анкетите кои прашуваат за довербата. Една од тие работи е одговорно новинарство, новинарство кое ќе бара одговорност од политичарите.