Ресурси за снаоѓање во ерата на „пост-вистина“

Преплавени сте со лажни вести и се мачите да ја разберете лавината од материјали поврзани со дезинформациите, неточните и лажните вести? Коалицијата на корисници на медиуми и информации во Југо-источна Европа направи листа на ресурси кои можат да помогнат во разбирањето на оваа материја со надеж дека ќе бидат од помош при учење, како и разбирање на начинот на кој функционираат медиумите во ерата на „пост-вистината“.

Новинарство, „лажни вести“ и дезинформации: Прирачник за новинарско образование и тренинг издаден од УНЕСКО е водич за сите оние кои се бават или предаваат новинарство. Напишан од експерти во борбата против дезинформациите, овој модел за наставна програма е суштински додаток за професорите по новинарство, како и за сите новинари и уредници кои се интересираат за тоа што е информацијата, како ја споделуваме и како ја користиме.

Краткиот водич низ историјата на „лажните вести“ и дезинформациите од Меѓународниот центар за новинари ја објаснува актуелната криза на меѓународно ниво, акцентирајќи ги историските моменти од Клеопатра до Кембриџ аналитика.
Дизајниран како курс, водичот вклучува примери од најдобрите практики, предлага вежби, литература и задачи кои се од голема помош за зголемување на знаењето и разбирањето на развојот на дезинформациите.

Медиумска манипулација и дезинформации во дигиталниот простор кое е издание на „Податоци и општество“ е важна литература за детално разбирање, но во едноставни термини, на тоа кој манипулира со медиумите. Како овие чинители оперираат во интернет просторот? Што ги мотивира оние кои манипулираат преку медиумите? Кои техники ги користат? Зошто медиумите се ранливи? Кои се резултатите од сето тоа? Оваа публикација исто така вклучува и студии на случај и наставна програма за предавања поврзани со медиумската манипулација.

Лексикон на лаги: Термини за проблематични информации од „Податоци и општество“ ги покрива термините и концептите за информациите кои се неточни, заведувачки, несоодветно припишани или севкупно фабрикувани. Замислен да ги информира коментаторите, професорите, креаторите на политики и другите кои се во потрага по соодветни зборови за опишување на точноста и важноста на медиумските содржини, лексиконот се обидува да обезбеди нов агол во актуелната дебата за вистината и довербата во јавната сфера.