Што читателите навистина сакаат да читаат?

„Институтот Ројтерс“ објави извештај за тоа што читателите навистина сакаат да читаат, како и за тоа како функционира релевантноста на медиумите и вестите кои ги пласираат врз публиката. Автор на извештајот кој беше објавен во февруари е Ким Кристијан Шродер, професор по комуникации на Универзитетот Роскилде од Данска. Резултатите од неговото истражување, како и заклучоците се од голема важност за новинарството и за медиумската индустрија.

Извештајот всушност го објаснува процесот во кој членовите на публиката носат одлуки за тоа кои вести и информации ќе ги прочитаат при нивното движење во огромниот избор на медиуми кои објавуваат на различни уреди и платформи. Додека дигиталните медиуми ни овозможуваат големи количини на податоци за откриените преференци за вести – кои стории се најмногу отворени, споделени, лајкнати и слично – сепак, ни кажуваат многу малку за тоа зошто луѓето ги прават изборите кои ги прават, односно за тоа како вестите се вклопуваат во нивните животи. За да се разбере како публиката ги бира вестите, оваа студија користи иновативен квалитативен пристап кој може да открие скриени шеми во репертоарот на вести кој го преферираат луѓето, како и факторите кои влијаат на нивните избори. Овој метод ги става на страна конвенционалните категории на кои најчесто се потпира информативната индустрија како и академските истражувачи – како што се политика, забава, спорт и слично – за да може да ги групира вестите и сториите според критериуми кои доаѓаат од луѓето кои ги читаат. Откриваме дека читателите можат многу ефективно да ја искажат улогата на вестите во нивните животи, и дека релевантноста е главниот концепт за објаснување на одлуките кои тие ги прават во состојба во која постојат огромен број на медиуми, а со тоа и огромен избор. Како што еден од учесниците во студијата ни рече: „Нешто што влијае на тебе и на твојот живот… Тоа е она што го читате, така?“

Во извештајот се потенцирани следниве сознанија:

  • Релевантноста е најзначаен двигател на конзумирањето вести. Луѓето за најрелевантни стории ги сметаат оние кои влијаат врз нивните лични животи, оние кои ги допираат членовите на нивните фамилии, местото каде што работат, активностите при слободното време кое го користат и нивната локална заедница.
  • Релевантноста е поврзана со социјализирањето. Често потекнува од верувањето дека фамилијата и пријателите би се интересирале за сторијата. Ова често е поврзано со споделувањето, односно со желбата за споделување и тагирање на пријател на социјалните мрежи.
  • Луѓето често отвораат стории кои се забавни, тривијални или чудни, без некој посебен граѓански фокус. Но, сепак тие имаат јасно сознание за тоа што е тривијално, а што е важно. Во целина, луѓето сакаат да останат информирани за она што се случува околу нив, на локално, национално и меѓународно ниво.
  • Публиката си создава свои значења кои всушност природно произлегуваат од нивното животно искуство. Една иста сторија од различни луѓе може да биде прочитана како „меѓународна“ сторија, „технолошка“ сторија или „финансиска“; понекогаш тривијална или скокотлива сторија може да биде оценета како сторија која има граѓански импликации.
  • Вестите се феномен кој се карактеризира со голема излишност. Живеејќи во култура преполна со вести, луѓето често се чувствуваат преинформирани за големи актуелни настани; читањето само наслови може да биде доволно за луѓето да мислат дека се информирани за тековните настани.
  • Избегнувањето на вестите, особено извегнувањето на политички вести, често потекнува од циничниот став кон политичарите („Тие постојано ги кршат правилата и сепак, се извлекуваат“), поврзано со скромна граѓанска писменост и недостаток на знаење и разбирање на политиката. Како додаток, идентификувавме четири специфични типови на интерес за вести – четири групи на луѓе со вообичаени групи на вести и информации за кои се интересираат. Секоја од овие четири групи се состои од разноврсен збир на вести и информации кои припаѓаат на различни теми и сфери, притоа преминувајќи преку стандардните категории како што се „хард“ и „софт“ вести или политика и забава. Профилите на интерес на овие групи ги рефлектира вкусовите на луѓето за вести и информации кои се релевантни како ресурс во нивното секојдневие, и многу од најважните стории за нив се показател за постојан граѓански или политички интерес.

Овие четири групи ги дефинираме како:

  • Група 1: Луѓе со интерес за политички и граѓански вести
  • Група 2: Луѓе со интерес за социјално-хуманистички вести
  • Група 3: Луѓе со интерес за вести од културата
  • Група 4: Луѓе кои бараат аналитички и истражувачки (политички) стории

Главните продибивки од оваа студија, како за научните истражувачи така и за практичарите, е тоа што мораше да го разглобиме нашето разбирање на вкусовите и преференците на публиката. Нема едноставен рецепт за постигнување на точката на релевантност која ја бара публиката, односно конзументите на вести. Токму ова значи дека новинарите кои им даваат приоритет на вестите и информациите со граѓански вредности треба да им веруваат на своите инстинкти повеќе отколку на несигурниот „сеизмограф“ кој го нудат „листите за најчитани“.