Како новинарите да се грижат за себе кога покриваат траума

Новинарите не можат соодветно да пишуваат за траума, ако и самите страдаат – водич за грижа за себеси од Кари Кобхам напишан за „Поинтер институтот“.

Додека Џарин Имам се врати дома 14 часа откако вооружено лице го нападна весникот „Капител Газет“, стотици одговори беа насобрани на нејзиниот твит.

Тие ја посакуваа нејзината смрт. Пишуваа дека знаат каде живее таа, каде живее нејзината мајка. Директорката за собирање вести од социјалните мрежи во Ен-Би-Си Њуз, Имам беше една од првите кои го контактираа стажантот во „Капитал Газет“, Ентони Месинџер, откако тој објави СОС твит од редакцијата на весникот во Анаполис, Мериленд.

Потоа следуваше омразата. Имам го мина денот покривајќи ја фаталната престрелка и проверувајќи дали нејзиниот дигитален тим за брза реакција е во полна форма. Тагата за колегите новинари беше постојана.

„Ова не е првпат да покриваме страшни ситуации со масовни престрелки, но овојпат беше различно поради тоа што беа нападнати новинари“, рече Имам во едно неодамнешно интервју.

Таа е навикната да се справува со стресот и траумата како само уште еден дел од нејзината работа. Но, кога се прибра дома во нејзиниот апартман во Њујорк, конечно можеше да здивне, и да преземе дополнителни мерки за да се заштити.

Како и сите кои се занимаваат со опасни професии, така и новинарите мора да се грижат да бидат во добра психичка форма за да бидат ефективни во својата работа. Стратегиите за справување се суштински во ситуации на постојани притисоци.

И се повеќе и повеќе новинарите се отворени околу прашањето за психичкото здравје.

Во март 2019 година, твитер нишката на репортерот на „Лос Анџелес Тајмс“, Сонали Кохли за грижата за себеси и земањето време за да се справи со секундардна траума предизвика одговори од илјадници корисници на оваа социјална мрежа.

Андерсон Купер од Си-Ен-Ен водеше национална дискусија околу самоубиството. Познатиот новинар, дописник и автор Себасијан Јунгер отворено зборуваше за неговото пост-трауматско стресно растројство.

„Ако навистина веруваме во важноста на нашата работа во новинарството и нашата одговорност кон заедниците кои ги покриваме, ние треба да имаме и одговорен план за грижа за себеси“, вели Брис Шапиро, извршен директорот на „Дарт центарот за новинарстов и траума“ при „Колумбија школата за новинарство“.

Од повеќе од 20 новинари преку Фејсбук, електронска пошта и телефон слушнав дека се подготвени да ги споделат своите искуства за тоа како се справуваат, сакаат да се справат или сакаат да слушнат повеќе за тоа како другите се справуаат со траумата.

Во понатамошниот дел од текстот следува збирен запис за тоа како тие се грижат за себеси и за своите тимови.

Не ја потценувајте моќта на добриот терапевт. Има добра причина зошто ова е прво на листата. Ако имате хронична болест, регуларно ќе ја третирате. Нашите умови исто така имаат потреба за грижа и внимание.

„Ако чувствувате некоја промена која ви пречи во секојдневниот живот или работата, не чекајте да си замине. Зборувајте со квалификуван советник или терапевт“, вели Шапиро.

Проверете дали вашата компанија има ресурси. Ако не сте посетувале тренинг за справување со траума, побарајте го. Ако вашата редакција не ви дала протокол за безбедност побарајте го. Ако сакате да бидете проактивни, „Дарт Центарот“ има богатство на ресурси за траума, грижа за себеси и за поддршка од други колеги. Многу медиуми исто така имаат програми за помош за вработените кои можат да ве поврзат со ресурси за психичко здравје пред, за време и по траумата. Ако овие ресурси не се лесно достапни, прашајте.

Животот е повеќе од – вестите. Премногу често дишеме, јадеме и спиеме со новинарството и вестите. Тоа е дел од нашиот идентитет, основата на она кое што сме. Постојаната „диета“ составена од често токсичните содржини на социјалните мрежи, нотификации, фотографии, кризи, натпревар и платформи во индустрија која пребрзо се менува е немилосрдна.

На некој свој начин работата не одржува, но исто така може и да не заслепи до моментот кога ќе се одрази на нашето здравје, вели Томас Крвен, новинар во „Лос Анџелес Тајмс“.

Што можете да направите по работата? Што може да ви помогне да дишете?

На пример, за дел од новинарите кои го споделија своето искуство тоа е јогата или медитацијата. Исто така размислете и кој вид на медиум ви одговара.

„Ако се грижите за себе, ќе бидете подобро „куче-чувар“ и за публиката“, вели Хит Друзин, репортер во Државното јавно радио на Бојс, кој известувал од војните во Ирак и Авганистан.

Потпрете се на своето „село“. Конфликтите или криминалот можеби не ви се омилена тема, но порано или подоцна ќе известувате за трауматичен настан. Имајте неколку колеги од доверба со кои ќе можете да се „испукате“ и да зборувате за тоа како се чувствувате. Ако имате пријател кој пишувал тешка сторија, прашајте го како е, како се чувствува.

„Новинарите треба да се потпираат еден на друг за да си помогнат при тешките задачи,“ вели Крвен, стипендист на Розалин Картер за Психичко здравје во новинарството.

На дирекорката за иновации за публиката во „Аризона Репаблик“, Ким Буи, пак, и помага тоа што има пријателка на која и се доверува секојпат кога има потешкотии. Ние ги контролираме моќните и бараме нивна одговорност, ајде да го правиме тоа и за секој од нас.

Внимавајте на вашето тело. Тензијата е реалност. Обидете се да вежбате за да го покачите ендорфинот кој е одговорен за доброто расположение. Не мора да биде нешто интензивно. Од помош е дури и ако стоите кога пишувате, одите на кратки прошетки, одржувате состаноци со одење, се растегнувате.

Внимавајте и на вашиот ум. Умот и телото се поврзани. Ако не се грижите за првото, и другото се исклучува. Кохли зборуваше за ова во нејзината твитер нишка за ментално здравје и објасни како се разболела најмногу во последните години и нејзиното тело почнало да „штрајкува“.

Многумина од новинарите со кои зборував сметаат дека нивната траума е речиси ништо во споредба со она низ што минале луѓето од нивните стории. И да, тешко е да застанете и убаво да размислите за личниот удар кој сторија или повеќе поврзани стории го имале врз вас. Но, не паѓајте во стапицата. Вашиот стрес, вашите чувства и вашата траума се вистински и треба на нив да се работи. Направете брза проверка за депресија и исцрпеност од работата.

Дали се изолирате наместо да се дружите со другари или со фамилијата?

  • Уживате ли во работите кои ги правите вообичаено?
  • Дали вашиот одмор е корисен?
  • Дали спонтано плачете?
  • Дали вашата продуктивност е опадната?
  • Дали се плашите да одите на работа?
  • Што ви кажува телото?

Ако ви помага да го ставиме во контекст на работата еве еден совет од Друзин: „Осознавањето како болката и траумата влијаат врз вас значи дека ќе имате и подобро разбирање за тоа како траумата влијае врз луѓето за кои пишувате“.

Сите механизми за справување не се еднакви. Лесно е да посегнете по лесно пристапните крофни или пица, да се опиете со алкохол, или други стимуланси само за да чувствувате или да не чувствувате, но на долг рок тоа не е добро за физичкото или менталното здравје.

Наместо тоа, Хана Сторм, директор на „Мрежата за етичко новинарство“ идентификува „острови“ или активности на кои им се радува и кои ги презема кога се чувствува како да се „дави“, како што се патувањата или вечерните состаноци.

Грижете се за својот тим. „Сигурно во Конгресот нема да пратите новинар кој не знае како предлог закон станува закон. Зошто би покривале криминал или катастрофа или војна без знаење за траумата?“, вели Шапиро.

Препознајте и пофалете ги тешките ситуации исто како и тешките задачи кои ги исполнува вашиот тим. Проверете ги како се. Покажете им ги на вработените вистинските ресурси. Појаснете им дека барањето помош нема да влијае на нивната кариера. Размислете за флексибилност за работните часови и за слободни денови по покривање некоја тешка и трауматична вест. Исто така препознајте известување кое несомнено влијае врз одредени групи во вашата редакција и како тие ги процесираат емоциите за да може да произведат објективни и точни извештаи кои ќе им служат на читателите.

Менаџери! Бидете промената. Имајте предвид дека вие сте тие кои покажувате пример. Дали вие се грижите за себе? Дали им праќате мејлови на вработените во ниедно време? Во ред е отворено да зборувате за вашата грижа за себе и да го поддржувате менталното здравје на вашиот тим. На пример, по масовните убиства во двете џамии во Крастчрч, Нов Зеланд, првиот човек на дигиталната редакција на Радио Нов Зеланд, Меган Вилан отворено зборуваше за тоа колку може да биде тешко да се соочи со настанот и му кажа на својот тим дека ќе оди на советување.

Не сте имуни. Моите профили на социјалните мрежи се полни со разговори за грижа за себеси и тоа најмногу од новинарки и ЛГБТ новинари. Можеби е до тоа со кого сум поврзана на мрежите, но Шапиро вели дека мажите новинари се научени од општеството да избегнуваат изразување емоции или да покажат ранливост.

„Тоа додава уште еден предизвик во соочувањето со потребата од грижа за нас самите“, вели тој.

Но, Шапиро исто така подвлекува дека многу почитувани новинари, како Купер, Јунгер и други локални или регионални уредници продолжуваат да покажуваат лидерство околу свесноста за траумата.

„Треба храброст за да побарате помош“, вели Друзин.

Правете мали промени. На грижата за себе гледајте како на ментално и емоционална вежба. Не треба да биде нешто којзнае што, ниту да одзема многу време.

Што е она што ве прави среќни? Обидете се да го правите тоа дополнителни 10 минути секој ден, особено во најтешките денови.

„Секогаш ќе има повеќе и повеќе новинарски работи, и светот има потреба од нас да се фокусираме на проблемите и да ги отркиваме „лошите“ работи, но светот исто така има потреба од решенија и светлина – и ние имаме потреба да ги раскажеме сите тие стории како луѓе“, вели Келси Прауд, уредник на дигиталното издание во радио ВАМУ во Вашингтон.