Напаѓачот во затвор, нападнатите со доживотни трауми

Пронаоѓање и казнување на сторителот кој нападнал новинар или новинарска екипа за време на нивната работа во Македонија е реткост. За среќа минатата година имаше и судска завршница за случајот во кој беше нападната екипата на А1.он за време на протест во февруари 2017 година. Сторителот доби казна од шест месеци затвор, а нападнатите новинари доживотни трауми. Во овој број на публикацијата „Новинарството како јавно добро“ разговаравме со нападнатиот снимател Влатко Желчески кој опишува како се случил настанот и какви последици оставил врз него.


Како се случи нападот, на што се сеќаваш?

Нападот се случи на 28 февруари 2017 година, втор ден од протестите што ги организираше позицијата, во тој момент, „За Македонија Заедно, ВМРО ДПМНЕ. По завршувањето на протестот, главните организатори беа спроти собранието, таму се даваа изјави. И во тој момент ние тргнуваме кон нашата канцеларија којоа тогаш беше на самиот плоштад, кај Ла Тераца. Се упативме натаму, со мојот колега и новинар Александар Тодевски и пред самиот влез на триумфална капија во тој момент гореа факли, а од озгора имаше деца што фрлаа пари со испринтани ликови на опозицијата во тогашно време, СДСМ. И за ние да ги документираме тие пари, на Александар му викам да ги поднареди поблиску. Двајцата наведнати надолу, незнаејќи во тој момент што е проблемот, се упатија двајца првин кон Александар и му викаа кои сте вие и зошто снимате. Тој им рече не е ваша работа, а јас продолжив да документирам. Следен нешто што почуствував беше бокс во главата. Следно на што се сеќавам откако сум паднал во бессознание, е дека прво на што помислив беше кај ми е камерата. Во тој момент ја барав наоколу бидејќи делови на сите страни беа расфрлани. Со помош на неколу луѓе ја собрав камерата, но по вторпат изгубив свест. Следно нешто на што се сеќавам е дека покрај клупата што беше кај триумфална капија, некој како истура вода по мене.

Значи ти изгуби свест комплетно?

Изгубив свест комплетно, и се сеќавам на водата, Јана од лимон. Во тој момент малку беше и чудна ситуацијата затоа што цело време слушав контра гласови.  Едни прашуваа што се случи? А други викаа: „Арно им се случи“. Значи тој момент беше морничав. Кога се случи нападот, околу нас немаше никаква полициска заштита.

Дали ти ги виде напаѓачите?

Не ги видов. Немав можност да ги видам затоа што јас бев наведнат скроз со камерата долу, за да снимам работи на земја, и затоа не се сеќавам ни кој бил, ни што бил.

Значи само Александар ги виде?

Да. Следно што се сеќавам, не качија во брза помош. Јас имав многу слаби отчукувања на срце, слаб притисок, околу 50-60 отчукувања. Додека Александар имаше тахикардии и имаше некаде околу 200 отчукувања. Се сеќавам дека имаше дојдено многу новинарски екипи. Го замолив Александар да го земе телефонот и да ѕвони дома, да им каже дека се е во ред и дека нема проблем со нас. Пак изгубив свест во тој момент, ми дадоа некаква инекција за смирување и следно што се сеќавам е ме пренесуваа во клинички центар. Во тој момент најголем проблем ми беа преголемата гужва и светлата.

Какви повреди беа утврдени?

Кај мене имаше потрес на мозокот, и други снимки што ги направија беа локални повреди од падот, имав слободен пад, и во моментот истегнат мускул од ударот, што не е некоја страшна повреда.

Дали вечерта остана во болница?

Вечерта ги премолив, иако докторите инсистираа, и отидов дома, затоа што многу ми пречеше метежот, светлината, само се молев да ме однесат дома да легнам. Зачудувачки, откако дојдов дома имав огромен проблем со памтење и размислување. Минимум пет дена не можев да погледнам ниту во компјутер, ниту во телефон, ниту во телевизор, затоа што мојата концентрација не траеше повеќе од 5 секунди, 10 максимум. Дури и кога ме прашуваа за јадење, јас гледав во нив, да констатирам што ме прашуваат, ми беше мачно. Светлина ужасно. Знам дека после третиот, четвртиот ден кога требаше да одиме на контрола во болница, морав да носам наочари. Со ужас пројдовме и мислата што ми доаѓаше беше – само прибери се дома и одмарај. На одбранбениот систем на мозокот му требаше долго време да се врати во нормален ритам.

И после колку време успеа да се вратиш?

Иако на мое инсистирање набрзина сакав да се вратам на работа, да продолжи се како што треба, минимум после една недела јас бев малку свесен дека можам да продолжам. Воопшто не беше сеедно враќањето, имаше последици. Секој момент помислуваш дали некој одзади нешто би ти дофрлил, би ти рекол. Таков беше нападот, подмолен. Секој друг напад би бил поедноставен ако си подготвен. Ако ги видиш, знаеш да се стегнеш, сето тоа. Во тој момент јас имав проблем, затоа што не знаев што се случува.

Кој ги идентификуваше напаѓачите?

Во тој момент, наши колеги, фоторепортери на некој начин го документираа бегството на напаѓачите. Тоа беше еден од доказите, други докази беа неколку околни камери. Тие после триумфална капија заминале накај ГТЦ. И таму на неколку камери беа идентификувани. Од двајца напаѓачи, само едниот беше идентификуван. Другиот, дали во недостаток на докази, или нешто друго, за него нема никакво обвинение и не се знае ништо за него.

За него нема ни идентитет?

Нема ништо. Обвинителство не поднесе. Поднесе за еден човек, неговото име е познато се одржа судско рочиште.

Се соочивте?

Да, на суд се соочивме првиот пат. Само првиот пат бев присутен, на другите рочишта не бев, не сакав да бидам присутен. На крај само ја дознавме пресудата, дека казната е шест месеци затвор. Потоа, апелација ја потврди оваа пресуда, и во април не известија дека ова лице е во затвор да ја отслужи казната.

Како се осети кога се соочивте? Го познаваш тој човек од претходно?

Да, да го познавам тој човек од претходно. Дури на суд беше интересно, тој ја кажува адресата, ја кажувам јас адресата, разлика во неколку бројки во живеалиште. После нападот го гледав многупати со неговата сопруга, со неговото дете. Во тие моменти јас не реагирав.

Какво е чувството?

Непријатно, секако.

Ти се извини некогаш?

Не, немавме можност.

А што изјави, зошто ве нападна?

Немаше никаква изјава, немаше никаква одбрана, немаше никаква комуникација, немаше ни адвокат кој мене би ми поставил некакво прашање, единствено јас прашав. Мене не ми беше битно кој е извршителот, мене многу ми беше побитно кој е нарачателот. На тоа не добив одговор. Од комшии и колеги ми кажаа дека бил издрогиран во тој момент.

После две години, чувствуваш ли притисок, страв кога си на терен? Дали влијаеше тоа во твојата работа?

Во почетокот да, ама потоа… љубовта во работата, ги игнорираш тие моменти. Малку си повнимателен во одредени ситуации на функционирање, ама продолжуваш понатаму.

Задоволен ли си како изреагираа институциите, затоа што не секогаш се наоѓаат напаѓачите?

Во тој момент, заради тие политички ситуации, малку беше проблем.

Нападот беше пред промена на власта.

Воглавно се беше во ред, затоа што и полицијата изреагира во тој момент. Знам дека истиот ден имаше напад на дете во автобус кај Веро Џамбо. Ние пред него бевме процесуирани, заради притисокот на новинарите од другите телевизии.

Од колегите имаше поддршка?

Од колегите имаше голема поддршка во тие моменти, дури и регионална поддршка имаше многу. И затоа уште вечерта не процесуираа, после неколку дена бевме во полиција, дававме изјави, после бевме повикани и во обвинистелство. Времето на реакција беше околу една година. Судењето почна околу една година по нападот. Дали тоа е нормално време, тоа не знам. Сепак се процесуираше, сепак заврши судскиот процес и тој е во затвор. Единствен проблем тогаш беше што инспекторот ни кажа дека има притисоци од двете страни. И да се забатали работата и да биде независна работата. Тој рече дека нему најбитно му е да ги достави сите докази кои ги има до обвинителство, а понатаму мислам дека се беше коректно.

Значи имало притисоци?

Да, имаше. Тогаш дури разбравме и дека командантот на полицијата им имал наредено на полицајците да не ги бркаат напаѓачите.

Зошто?

Затоа што изгледа командантот сакаше да го прикрие цел настан, но дури кога сето тоа го дознавме, побаравме записници од полициската станица Беко. Меѓутоа ни кажаа дека моментално не работи системот за снимање на разговори помеѓу радио-станиците. Тоа беше малку чуден период во државата поради политичката криза.

Разговараше: Мери Јордановска