Глобална повелба за етика за новинари

Претставници на новинарски синдикати ширум светот по неколкумесечни консултации ја усвоија новата Глобална повелба за етика за новинари, за време на Триесеттиот светски конгрес на  Меѓународната федерација на новинари во Тунис на 12 јуни 2019 година.

Со Повелбата се надградуваат и зајакнуваат етичките стандарди усвоени со Декларацијата за принципите за однесување на новинарите од 1954 година, која претставува најприфатениот документ за новинарската етика досега.

Повелбата се состои од 16 члена и преамбула и со неа се дефинираат етичките должности и права на новинарите врз основа на меѓународните права, особено содржани во Универзалната декларација за човекови права.


ГЛОБАЛНА ПОВЕЛБА ЗА ЕТИКА ЗА НОВИНАРИ

[Глобалната Повелба за етика за новинари на Меѓународната федерација на новинари е усвоена на Триесеттиот светски конгрес на Меѓународната федерација на новинари во Тунис, на 12 јуни 2019 година. Таа ја заокружува Декларацијата на Меѓународната федерација на новинари за принципите на однесување на новинарите од 1954 година, уште позната и како Декларација од Бордо]

Преамбула

Она што ја поддржува мисијата на новинарот е правото на секој да има пристап до информации и идеи, повторено во членот 19 од Универзалната декларација за човекови права. Одговорноста на новинарот пред јавноста има предност пред секоја друга одговорност, особено кон неговите работодавачи и јавните власти. Новинарството е професија која бара време, ресурси и начини за нејзино практикување – сите тие се суштински за независноста на новинарството. Оваа меѓународна декларација ги содржи насоките за однесување на новинарите кога истражуваат, уредуваат, пренесуваат, дисеминираат или кога коментираат вести и информации, и кога се опишуваат настани, во кој било медиум.

  1. Прва должност на новинарот се почитта кон фактите и кон правото јавноста да ја знае вистината.
  2.  Следејќи ја оваа должност, новинарот во секое време ги брани принципите на слобода при чесното прибирање и објавување вести, и на правото на правичен коментар и критика. Тој/ таа ќе се погрижи јасно да ги разликува фактичките информации од коментарите и критиките.
  3. Новинарот ќе известува само во согласност со фактите чие потекло го знае. Новинарот не смее да ги потиснува суштинските информации или да фалсификува документација. Тој/ таа ќе внимава верно да репродуцира изјави и друг материјал кои лицата кои не се од јавната сфера ги објавуваат на социјалните медиуми.
  4. Новинарот ќе користи само правични/ фер методи за да добие информации, фотографии, документи и податоци и тој/ таа секогаш ќе го пријави својот статус на новинар и ќе се воздржи од користење на скриени снимки на фотографии и звуци, освен кога е невозможно за него/ неа да прибере информации кои во голем дел се од интерес за јавноста. Тој/ таа ќе бара слободен пристап до сите извори на информации и право слободно да ги испита сите факти од јавен интерес.
  5. Начелото за итност за дисеминирање на информации нема да има предност пред проверката на фактите, изворите и/ или можност да се даде одговор.
  6. Новинарот ќе даде сè од себе за да ги исправи евентуалните грешки или објавените информации за кои се смета дека се неточни, и тоа ќе го направи навремено, експлицитно, целосно и транспарентно.
  7. Новинарот ќе ја запазува професионалната тајност во однос на изворот на информации кои биле добиени во доверба.
  8. Новинарот ќе ја почитува приватноста. Тој/ таа ќе го почитува достоинството на лицата именувани и/ или застапувани и ќе го извести интервјуираниот дали разговорот и другиот материјал е наменет за објавување. Тој/ таа ќе покаже особено внимание кон неискусни и ранливи соговорници кои ги интервјуира.
  9. Новинарите ќе обезбедат дека дисеминирањето на информации или мислења не придонесува кон омраза или предрасуди, и ќе дадат сè од себе за да го избегнат олеснувањето на ширење на дискриминација врз основа на географско, социјално или етничко потекло, раса, пол, сексуална ориентација, јазик, религија, инвалидитет, политички и други мислења.
  10. Новинарите ќе сметаат дека следниве активности ќе се сметаат за сериозно непрофесионално однесување:
  • плагијат
  • искривување на фактите
  • клевета, етикетирање, неосновани обвинувања
  1. Новинарот ќе се воздржи од тоа да се однесува како помошник на полицијата или на другите безбедносни служби. Од него/ неа ќе се бара само да обезбеди информација кои веќе се објавени во конкретен медиум.
  2. Новинарот ќе покаже солидарност кон своите колеги, без притоа да се откаже од својата слобода да истражува, од обврската да информирање и од правото да критикува, коментира, сатира или од избор на уредникот.
  3. Новинарот нема да ја користи слободата на печатот за да му служи на било кој интерес и ќе се воздржи од прифаќање на каква било неправедна предност или лична корист заради ширење или неширење на информации. Тој/ таа ќе избегнува – или ќе стави крај на – секоја ситуација која би можела да го доведе до конфликт на интереси во вршењето на својата професија. Тој/ таа ќе избегне секаква забуна помеѓу неговата активност и активноста која значи реклама или пропаганда. Тој/ таа ќе се воздржи од каква било форма на инсајдерско тргување или манипулирање со пазарот.
  4. Новинарот нема да презема никакви активности или ангажмани кои е веројатно дека би ја загрозиле неговата/ нејзината независност. Сепак, тој/ таа ќе ги почитува методите на прибирање/ дисеминација на информации кои методи тој/ таа ги има слободно прифатено, како што се „неофицијалните“ информации (off the record), анонимност или ембарго, под услов овие заложби да бидат јасни и неспорни.
  5. Новинарите достојни на името ќе сметаат дека нивна должност е верно да ги почитуваат принципите наведени погоре. Тие нема да бидат во искушение да извршат професионален акт или да изразат мислење кои се во спротивност со неговото/ нејзиното професионално уверување или совест.
  6. Во рамките на општата законска рамка во секоја држава, новинарот ќе ги препознава прашањата поврзани со професионалната чест, надлежноста на независните саморегулаторни тела отворени кон јавноста, и исклучување на секаков вид на мешање од страна на владите или други.