Денови на медиумска писменост 2019

Во организација на Мрежата за медиумска писменост, од 22 октомври до 15 ноември  2019 година, под мотото „Застани, размисли, провери“ ќе се одржат Деновите на медиумската писменост. На овој начин, нашата земја се вклучува во одбележувањето на осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, која ќе се одржи од 24 до 31 октомври. Во текот на 4 седмици, граѓани ќе имаат можност да се вклучат во триесетина работилници, дебати, вебинари, отворени денови и други настани фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост.

Целта на Деновите на медиумската писменост е да се подигне јавната свест за важноста на медиумската писменост; со неа да се запознаат различни категории граѓани од сите возрасни групи, така што ќе се овозможи деца, млади, возрасни и пензионери да се стекнат со вештини за медиумска писменост; да се обезбеди платформа за соработка, размена на искуства и развој на одржливи проекти за медиумската писменост помеѓу професионалците кои доаѓаат од различни општествени сектори на делување: јавни, приватни, државни, владини, невладини организации, индивидуалци и медиуми, од Скопје, но и од други градови во земјата.

Институтот за комуникациски студии (ИКС) со Неделата против лажните вести се приклучува кон Деновите на медиумска писменост.

Во реализацијата на Деновите на медиумска писменост активно се вклучија следниве членки на Мрежата за медиумска писменост: Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Конеду Глобал, Советот за етика во медиумите на Македонија, Евротинк, Фондацијата Метаморфозис, Институтот Охрид, Младинскиот образовен форум, ВЕЗ – Вредност за европско знаење, Лице в Лице и јавниот радиодифузен сервис Македонска радио телевизија, како и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Женската граѓанска иницијатива Антико.

Програма:  МК   ALB