Денови на медиумска писменост?! Што е тоа?

Почнувајќи од 22 октомври 2019 година, во текот на четири седмици, граѓаните од различна возраст, пол, знаења, во различни градови низ земјава, ќе можат да учествуваат во триесетина различни активности посветени на унапредување на медиумската писменост.

Под мотото: „Застани, размисли, провери!“ се организираат Деновите на медиумската писменост. Почнувајќи од 22 октомври 2019 година, во текот на четири седмици, граѓаните од различна возраст, пол, знаења, во различни градови низ земјава, ќе можат да учествуваат во триесетина различни активности. Ќе има работилници, обуки, отворени денови во институции и медиуми, дебати, панел дискусии, вебинари…

За да одговориме на прашањето од насловот на текстов, се чини неопходно да потсетиме најпрвин што е медиумската писменост (или ако сакате – медиумската умешност) и за што служи таа.

Најкусото објаснување е дека – тоа е писменоста на 21 век. Но, што значи всушност тоа? Дали наеднаш годините поминати во описменување и зголемување на сопствените знаења од различни области повеќе не значат ништо?!

Најкусиот одговор е – не!

Промената почнува од нас самите

Живеејќи во време на постојан техничко-технолошки напредок, нашиот живот постојано се менува, особено на полето на комуникациите и медиумите. Веќе одамна не е потребно да помине цела една генерација за да се случат крупни промени кои значајно го менуваат нашиот живот. Сèдостапните информации нè тераат да мислиме дека знаеме сè и познаваме секого. Новите направи (на пример, паметните телефони и телевизори или интернетот на нештата*) и начините на кои ни го олеснуваат животот, не тераат секогаш поскоро да се обратиме за информација кон интернетот отколку кон книгата – ако веќе сè ни се чини достапно на еден клик, тогаш зошто би консултирале енциклопедија?! Ама токму ваквата сèдостапност нè навикнува сè помалку да се прашуваме дали некоја информација е веродостојна? Дали некоја веб страница или компанија има некаква скриена намисла кога ни се обраќа? Дали тоа што обично се согласуваме со тоа што го пишува некоја личност на социјалните мрежи значи дека секогаш треба да се согласиме со неа? Дали тоа што нашите френдови „хејтаат“ или „лајкаат“ некого и нешто значи дека и ние треба да го сториме тоа?

Речиси несвесно и ненамерно стануваме дел од орда во која, неретко, другите членови не ги познаваме лично. Токму затоа ни е потребна медиумската писменост. Потребно ни е да се потсетиме дека секогаш треба да размислуваме со своја глава и да ги вреднуваме информациите до кои доаѓаме (или кои во испреплетеноста на виртуелниот и реалниот медиумски свет – доаѓаат до нас), врз основа на сопствените морал, интегритет, емпатија и чувство за правичност. Да се потсетиме дека она што не би му го рекле некому в лице – не смееме да му го кажеме ниту онлајн. Да стекнеме или да ги унапредиме своите технички вештини за новите направи да ги владееме онака како што нашите прапредци го завладеале огнот – како добар слуга, а не како лош господар! И конечно, да не забораваме дека промената почнува од нас самите, било да работиме на себеподобрување, било да учествуваме во глобални движења чија цел е да постигнеме рамнотежа во светот – меѓу богатите и сиромашните, меѓу човекот и природата.

Медиумската писменост да влезе во образованието

Е, токму затоа, под мотото: „Застани, размисли, провери!“ се организираат Деновите на медиумската писменост. Почнувајќи од 22 октомври 2019 година, во текот на четири седмици, граѓаните од различна возраст, пол, знаења, во различни градови низ земјава, ќе можат да учествуваат во триесетина различни активности**. Ќе има работилници, обуки, отворени денови во институции и медиуми, дебати, панел дискусии, вебинари… Ќе бидат споделени сознанија за тоа какво е нивото на медиумска писменост на жителите на земјава; колку е развиена критичката свест кај младите; ќе бидат обучени пензионери, жени, деца од основни и средни училишта за тоа како да препознаат дезинформации, лаги, злонамерни информации. Ќе се говори за тоа како да го препознаеме говорот на омраза и што да правиме кога ќе наидеме на него (онлајн или офлајн). Ќе се преразгледуваат предизвиците на новинарите, медиумите, граѓанските организации.

На овој начин ќе се овозможи да се збогатат знаењата, да се подобрат вештините, да се надгради умешноста – со еден збор да се зголеми медиумската писменост на граѓаните во земјава. А, ќе се постигне и уште нешто друго – земјава ќе се вброи меѓу државите кои му се приклучуваат на УНЕСКО во одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост. УНЕСКО ја организира оваа глобална манифестација од 2012 година. Во нашата земја изминатите години неколку субјекти организираа активности со кои се вклучуваа во неа. Но, ова е првпат македонската Мрежа за медиумска писменост*** да ги организира Деновите на медиумска писменост и со навистина голем обем активности да се вклучи во светските текови. Зад Деновите… стојат десетина членки на Мрежата и неколку организации кои соработуваат со нив, и сите се придвижени од една иста цел – медиумската писменост да влезе во главните текови, особено образовните, за да не ни се случува да се наоѓаме на дното од европските ранг листи на медиумски писмени граѓани, и тоа пред сè поради резултатите од тестирањата во образованието.

Емилија Петреска-Камењарова

* Интернетот на нештата (Internet of things или скратено IoT) е концепт кој се заснова на фактот дека секој уред којшто има копче за вклучување и исклучување може да биде поврзан на IoT платформа и така да стане дел од мрежа на поврзани уреди (и луѓе) кои меѓусебно се идентификуваат, собираат и споделуваат податоци за начините на кои ги користиме, но и за својата околината. Целта е преку најразлични паметни уреди (од часовник што сам ве буди, до автомобил што сам се вози) да го олесниме секојдневниот живот. Мноштво информации за интернетот на нештата може да се најдат со едноставно пребарување на интернет.

**Информации за настаните и за организациите што ги релизираат можете да најдете во Програмата на Деновите на медиумска писменост 2019, достапна овде.

***Мрежата за медиумска писменост е формирана во 2017 година и во моментов има 53 членки од различни сфери: јавни институции и министерства, граѓански организации, образовни установи и медиуми. Таа е постојано отворена за нови членки, сè што треба е да кликнете на следниот линк, да го прифатите Актот за формирање на Мрежата и да пополните Пристапница, што потоа ќе ја испратите до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која ја администрира Мрежата.

Емилија Петреска-Камењарова е магистерка по комуникации и дипломирана новинарка. Таа е раководителка на Одделението за човекови права и медиумска писменост во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, каде работи од 2002 година. Се занимава со прашањата на слободата на изразување, родовите, говорот на омраза и дискриминацијата, човекови права и професионални стандарди, пристап до медиумите за лицата со сетилна попреченост, избори, медиумска писменост итн.

Прочитај повеќе од истата авторка:

Како до своите права во медиумите?