Професионални онлајн медиуми: Коментарите се слободни, фактите се свети

Во регистарот на професионални онлајн медиуми кој Здружението на новинарите го подготвува заедно со Советот за етика во медиумите, ќе нема место за фејкери, копи пејст новинарство, за оние што постојано ги кршат стандардите и не се придржуваат до новинарскиот кодекс. Не се мешаме во уредувачката политика на медиумите, ниту на нивното право на коментар и анализа на состојбите, но ќе изградиме систем за враќање на довербата во медиумите.

Живееме во време на хиперпродукција на лажни вести. Нема да погрешам, ако споменам дека нѐ пресретнуваат секоја секунда. Оваа контаминација со дезинформации, нѐ исправа пред сериозни предизвици. Од една страна е јавноста која буквално е преплавена со невистини, полувистини, смислени манипулации, а често не знае тоа да го препознава. Од другата страна се медиумите и личностите, институциите и субјектите на кои тие лажни вести се однесуваат. Оние на кои се однесуваат лажните вести, изнаоѓаат различни начини како да ја докажат вистината, а тоа често е тешко, затоа што пожарот од лагата сериозно го оштетил нападнатото, без разлика што не е вистина.

ВРЕМЕ Е ДА ГИ ИСЦРТАМЕ ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ

Медиумите во битката со дезинформациите се ранети. Разнишана е довербата во нив. Постојано се мета на напади. За жал, поради непрофесионалноста на пропагандистите, во истиот кош се ставаат и оние кои работат сериозно, посветено и професионално. Дезинформации, лажни вести, урнисување на стандардите на професијата, портали со скриени уредништва, новинари потпишани со кодни имиња, безброј примери на уништен новинарски дигнитет. Од друга страна се професионалците, онлајн медиумите кои им пркосат на нелогичностите на медиумскиот пазар, затоа што сакаат да останат доследни на новинарската професија. Создаваат редакции, потпишуваат текстови, прават анализи, истражувачки стории, видеа, битки бијат за вистината.

Конечно, време е да ги исцртаме црвените линии. Силно да нагласиме дека не го оспоруваме правото на став, но не сакаме да прифатиме смислено и оркестрирано ширење дезинформации и шпекулации. Време е да знаеме кој, кога и зошто го уништува кревкото новинарство. Убеден сум дека битката за справување со овој проблем нема да биде лесна. Но, од некаде мора да се почне.

Неколку месеци Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) интензивно работат на создавање  Регистар на професионални онлајн медиуми. Напоменувам, не станува збор за државен регистар, туку за обид за саморегулација на еснафот. Борбата со дезинформациите и неквалитетното новинарство мора да започне од нас.

ВО РЕГИСТЕРОТ ЌЕ НЕМА МЕСТО ЗА МЕДИУМИ ШТО ШИРАТ ЛАГИ

Овој регистар ќе послужи за да ѝ посочиме на јавноста кои портали ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, но и кои се тие кои се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и кои медиуми имаат транспарентно сопствеништво и импресум. Нема да застанеме на тоа. Во наредниот кус период, преку дебати со новинарската заедница ќе ги пронајдеме вистинските критериуми, кои ќе им овозможат на професионалните портали како членки на СЕММ да бидат дел од овој регистар. Во критериумите, освен импресумот и сопствеништвото ќе се вбројат низа предуслови, кои се однесуваат на авторските права, потпишувањето на авторските текстови, почитувањето на Кодексот на новинарите, кршењето на етичките стандарди и слично. Процесот на изработка на критериумите за регистарот на онлајн медиуми ќе биде инклузивен преку одржување консултативни средби со новинари и претставници на бизнис заедницата во Скопје, но и во поголемите градови во државата каде ЗНМ има регионални центри, ќе се дојде до најквалитетните решенија.

Во овој регистар ќе нема место за фејкери, копи пејст новинарство, за оние што постојано ги кршат стандардите и не се придржуваат до новинарскиот кодекс. Не се мешаме во уредувачката политика на медиумите, ниту на нивното право на коментар и анализа на состојбите, тоа е неприкосновено право на секој новинар, но во духот на познатата новинарска максима „Коментарите се слободни, фактите се свети“ ќе изградиме систем за враќање на довербата во медиумите.

Она што е особено значајно е што на тој пат имаме сериозен партнер во бизнис заедницата. Имено, во соработка со Стопанската комора на Македонија очекуваме овој регистар на професионални онлајн медиуми да биде прифатен од компаниите како насока за тоа каде тие можат да ги пласираат своите рекламни кампањи. На овој начин создаваме одговорно општество кое има намера да ја помага слободната мисла, наместо да креира т.н. медиуми чија цел е ширење лаги или рекетирање, или и едното и другото. Да напоменеме дека овој регистар нема да биде еднаш засекогаш даден, во него ќе може да се влезе и откако ќе биде формиран, доколку одреден портал во меѓувреме ги исполни критериумите, но некој друг може да излезе доколку во одреден период почне да ги крши овие услови.

ВЛАСТА НЕ ЈА СФАТИ СЕРИОЗНО НАСЛЕДЕНАТА СИТУАЦИЈА

На сите ни е јасно дека овој процес ќе има и пречки и непријатели, но на среднорочен период од неколку месеци, сметам дека резултатите нема да изостанат. Ќе биде почеток и на една нова медиумска стратегија во која саморегулацијата ќе заземе сериозна улога.

Зошто е ова значајно? На прсти можат да се избројат професиите во земјава кои изминативе десетина години им одолеваа на политичките притисоци. Професорите, лекарите, писателите, актерите?! Ретки примери на индивидуалци кои го заложија личниот интегритет. Големата слика беше тажна. Новинарите можеби? Можеби. Дел од нив се бореа, не сите исто и не сите подеднакво, но со жестина се спротивставуваа на пропагандата на која беа изложени од своите „колеги“, платеници на една политичка номенклатура што се обиде да наметне нов систем. Се соочивме со наметнатиот уништен систем – девастирани редакции, новинарска школа која како да беше излезена од шинелот на тоталитарните режими, мејнстрим медиуми кои наместо да бидат коректив на пропагандата, беа нејзин главен поддржувач. Требаше да тргне обновата на тој систем.

Но, многу потешко од очекувањата, работите не се движат во добра насока. Причините се повеќеслојни. Наследениот медиумски простор се покажа податлив и за натамошни политички пазарења, дел од нив сметаа дека ако само го сменат стопанот, ќе преживеат. Очигледно, наследената ситуација не беше сериозно сфатена ниту од наследниците во власта. Слабите обиди да се поправи нанесената штета и неправда во медиумскиот сектор не донесоа ништо добро. Напротив, како што гледаме во последно време, тоа само ја потенцираше улогата на неквалитетот и пропагандата и во некои мејнстрим медиуми, а најмногу во онлајн медиумите, наспроти малубројните професионалци кои опстанаа во улогата да бидат коректив на општеството.

Мешањето на политиката во работата на медиумите видовме што донесе, затоа сметам дека саморегулацијата е најдобриот начин да се справуваме со лажните вести. За доброто на новинарството, кон постепено враќање на професионализмот во редакциите и независноста на медиумите.

Автор: Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија