До кога ќе ги делиме вестите на вистински и лажни?

Симплифицираната дистинкција на вистински и лажни вести, која се форсира во последниве години, за жал, не е вистинска слика за глобалното информациско загадување кое постои во медиумите. Ситуацијата е далеку покомплексна.

Феноменот на дезинформации, пропаганда и манипулации во медиумите не е нов. Стотици години пред новата ера, тие кои што ја имале можноста да им се обраќаат на народните маси, често ја злоупотребувале таа привилегија.

Дезинформациите не се нов феномен

Во 13 век пред новата ера, египетскиот фараон Рамзес Велики, се вратил од познатата Битка кај Кадеш со Хетејците објавувајќи голема победа, иако тие што биле таму знаеле дека битката била загубена. Рамзес ги украсил сите храмови и свои споменици со релјефи и натписи од „големата победа“.

Октавијан во конфликтот со најдобриот пријател на Цезар, конзулот Марк Антониј, изградил цела пропагандна кампања, употребувајќи познати говорници како Цицерон, да го оцрнуваат неговиот непријател во своите говори, претставувајќи го како пијаница и неморален човек.

Појавата на таканаречените весници за едно пени во Англија и Америка на почетокот на 19 век, освен што овозможилa информациите да стигнат до сите слоеви во општеството, понудилa и отворена врата за многу дезинформации и измислени содржини користени за зголемување на продажбата и бројот на спонзорства. На новата публика требало да и се понудат поинакви информации, таа не била заинтересирана за берзата, бизнис информациите и дневниот распоред на бродовите. Секој ден требало да има нова содржина, нови клико-мамци (преводот на терминот clickbaits е на мојот пријател Сеад Џигал) кои ќе ги намамат луѓето да го купат новото издание. Една од најголемите измами од тоа време се сториите на Њујорк Сан (The New York Sun) за чудните суштества кои живеат на месечината. Приказните донеле многу нови претплатници, зголемен рејтинг и многу мала штета кога весникот еден месец подоцна признал дека сториите се измислени. Да не разберете погрешно, појавата на весници за едно пени, на сцената донела и медиуми како Њујорк Тајмс (The New York Times), чии уредници уште од првиот момент се обврзале на професионално новинарство и високи стандарди.

„Ќе бидеме конзервативни во сите случаи кога ќе сметаме дека конзервативизмот е од суштинско значење за јавното добро; и ќе бидеме радикални во сето она што ни се чини дека бара радикален третман и радикални реформи. Ние не веруваме дека сè во општеството е или целосно точно или целосно неточно. Тоа што е добро би сакале да го зачуваме и подобриме – тоа што е лошо, да го уништиме или промениме,“ пишува во уводникот на првото издание на Њујорк Тајмс од 1851 година.

Уводник кој би бил прикладен и денес, на страниците на некои од професионалните онлајн портали, исто како што приказната за животот на месечината (можеби не до толку наивно прикажана) може да се најде на страниците на некои од онлајн таблоидите.

Отсекогаш постоеле професионални новинари и манипуланти

Ние немаме нова реалност, новинарството не доби нови параметри и специфики. Се среќаваме со дилеми со кои луѓето се среќавале со децении и векови претходно, се разбира во поинакви историски и технолошки контексти. Пропагандата, дезинформациите, лагите не се нова појава ниту феномен којшто го овозможи технологијата, појавата на нови медиуми и социјални мрежи. Погледнете ја само пропагандата за време на двете светски војни, какви лаги се пласирале во весниците и на радијата од двете страни, ќе ви биде јасно дека единствено ново денес е тој несреќно избран термин, лажни вести, кој се обидува во еден кош да прибере се што е негативно во медиумите.

Зошто терминот лажни вести не е најсреќниот избор?

Симплифицираната дистинкција на вистински и лажни вести, која се форсира во последниве години, за жал, не е вистинска слика за глобалното информациско загадување кое постои во медиумите. Ситуацијата е далеку покомплексна. Бројни истражувачи и новинари тврдат дека терминот „лажни вести“ не може соодветно да го објасни комплексниот феномен на погрешни информации и дезинформации. Како што вели Итан Цукерман „Тоа е нејасен и двосмислен термин што опфаќа сè, од нерелевантни вести што не го заслужуваат нашето внимание, до пропаганда и дезинформација“. Студиите кои го испитувале овој феномен анализирале академски написи од 2003 до 2017 година за да заклучат дека терминот „лажни вести“ се користел за да се опишат: сатирични информации, пародија на вести, измислици, манипулации, рекламирање, пропаганда…

Покрај двосмисленоста и нејасноста на терминот, стои и фактот дека „лажните вести“ станаа популарен механизам кој го користат политичарите да ги дискредитираат медиумите со чии содржини не се согласуваат. Сигурен сум дека многу од вас го паметат моментот кога Трамп не му дозволуваше на новинарот на Си Ен Ен (CNN) да постави прашање викајќи му „Не ти давам можност да прашаш, ти си лажна вест“. Таа стратегија ја користеле и ќе ја користат уште многу политичари, не давајќи одговори и отчет за својата работа, тврдејќи дека медиумите пишуваат измислици и се непрофесионални, но сега имаат и општо прифатен, популарен и унфицирачки термин за тоа, „лажни вести“.

„Дури и пред инаугурацијата, можевме да видиме дека новиот претседател почна да го користи терминот „лажни вести“ како оружје. И тоа само продолжи да се зголемува и луѓето почнаа да го користат за легитимни вести со кои не се согласуваат или со вести чии импликации не им се допаѓаат,“ вели колумнистката на Вашингтон пост, Маргарет Саливан.

Ова се некои од причините зашто и Советот на Европа и други меѓународни и медиумски организации препорачуваат да не се користи овој термин.

Без разлика уште колку ќе преживее најпопуларниот термин од 2017 година според речникот Колинс, мојот совет е дека работите не се црни и бели и медиумските содржини не смееме да ги делиме на лажни и вистински. Медиумските содржини се многу покомплексни од тоа.

Автор: Михајло Лахтов

Михајло Лахтов е магистер по човекови права кој работи на полето на развој на медиумите и медиумската слобода, комуникациите и односите со јавност. Најголем дел од својата кариера ја поминал во Македонскиот институт за медиуми, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а во моментов е одговорен за комуникации во Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Во последните неколку години е мошне активен во борбата против дезинформации и држи обуки и работилници за медиумска писменост.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.