Сè повеќе се информираме онлајн, но сè помалку проверуваме од што се информираме

Популарноста на социјалните мрежи континуирано расте и како никогаш досега голем број граѓани ги посочуваат како извор на информирање. Иако телевизијата останува и натаму на врвот, сепак социјалните мрежи за само три години добиле огромен број нови следбеници, и тоа на сметка на телевизијата. Потврда за оваа констатација се одговорите на прашањето: „Од каде најчесто се информирате за случувањата во земјата?“ поставени во  2018 и во 2020 г.

Секој втор испитаник укажува дека се информира од телевизија, но дури 37,3 проценти, како главен извор на информации ги посочиле социјалните медиуми. Потврда за зголеменото учество на социјалните медиуми во сферата на информирањето се резултатите од анкетата направена пред три години. Тогаш на истото прашање „Од каде најчесто се информирате“, 59,3 проценти одговориле дека се информираат од телевизија, а 27,3 проценти ги посочиле социјалните медиуми. Расте и бројот на лица кои се информираат од онлајн весници, од 5,7 насто во 2018 тој процент сега се качил на 7,1. Улогата на печатените медиуми како извор на информации е во слободен пад. Сега, како извор на информирање ги посочиле 1,4 проценти за разлика од 2,1 проценти од испитаниците пред три години. Од „радиото“ се информираат 1,2 проценти, што е помала бројка од „пријателите“ од кои новостите ги дознаваат 1,5 проценти од испитаниците.

Анализaта по возраст покажува дека две третини од младите на возраст од 15 до 34 години, односно 66%,  за случувањата во земјата се информираат преку социјалните медиуми. Правопропорционално со возраста, расте и фаворизирањето на телевизијата наспроти социјалните медиуми. Кај испитаниците на возраст од 35 до 44 години речиси е ист бројот на оние кои се информираат од телевизија 46,7% и оние од социјалните мeдиуми 44%. Телевизијата е медиум број еден за испитаниците од 45 до 54  години (61,5%), за оние од 55 до 64 години (86,65) како и за лицата кои имаат над 65 години (90,3).

На прашањето „Кои видови новости најчесто ги следите“, најголем број испитаници одговориле забава – 43,6 проценти. Нешто помал процент се одлучил за политика – 42,5 проценти, а речиси секој трет или 28,9 проценти за економија.

Ако ги споредиме одговорите на истото прашање пред три години може да се заклучи дека опаднал интересот на граѓаните за политика, економија, но и за спорт, а се зголемил за забава. Тогаш речиси секој втор испитаник односно 48,7% одговориле дека најчесто ги следат вестите од политиката, а 39,1% одговориле забава. Дека следат новости поврзани со економијата рекле 34,1%.

Спортските вести во 2018 биле интересни за 32,6 проценти од испитаниците, а според последната анкета тој број опаднал на 25,5%.

Освен за забава каде е видливо зголемен интересот, мал пораст има и кај оние кои ги интересираат информации од културата, 25,6% споредено со 23,7% во 2018 или вести кои се однесуваат на општеството, од 16.9% споредено со 14,7 % во 2018 година.

Во однос на старосната граница нема воочливи разлики. Новости поврзани со  забава и натаму најмногу чита популацијата од 15 до 34 години, иако и останатите возрасни структури потенцираат дека читаат информации кои се забавни (20% испитаници на возраст од 35 до 54 години, 15% од испитаниците на возраст од 55 до 64 години и 16,3% од испитаниците над 65 години). Новости поврзани со политиката најмногу читаат испитаниците над 35 години, (22% испитаници од 35 до 44 години, 26,2% од испитаниците меѓу 45 и 54 години, 27,5% испитаници од 55 до 64 години и 26,5% од испитаниците над 65 години),  а за економија најзаинтересирани се испитаниците над 55 години (18,9%) и испитаниците над 65 години ( 20,3%).

Во однос на етничката структура, најголемиот број испитаници Македонци одговориле дека најмногу следат информации од забавната сфера 24,9%, додека политика интересира 20 проценти од нив. Кај етничките Албанци интересот е највисок за политика, а двојно помал за забава. Во проценти, 24,6% се за политика, за 13,1% се изјасниле за забава.

Двојно е зголемен бројот на возрасни кои користат интернет

Анкетата покажа дека сè поголем број граѓани користат Интернет, а меѓу нив се и повозрасната група на испитаници. На прашањето: „Дали користите интернет дома или на работното место“ потврдно одговориле 79% за разлика од 72,6% пред три години. Но интересно е дека двојно повеќе граѓани над 65 години сега користат интернет, во споредба со 2018. Тогаш 15,5% користеле Интернет, а сега дури 37%.

Кај популацијата од 15 до 34 години, 99% користат интернет.

Секој трет анкетиран, интернетот го користи за забава: 34,4%. Во помал број за неформално комуницирање: 22,1%, потоа за информирање 20% и за образование 8,6%. За образование најмногу го користат младите од 15 до 24 години. 16% од нив. Останатите дури 50% се на интернет поради забава, а 19,4% за комуникација.

За информирање интернетот најмногу го користат испитаниците над 55 години.

Најпопуларни мрежи се Фејсбук  и Инстаграм

Од социјалните мрежи најпопуларна е Фејсбук. Процентот на испитаници кои одговориле дека минуваат од еден до три часа на Фесјбук се движи од најниски 34,7% кај испитаниците од 55 до 64 години, па сè до високи 50% кај испитаниците од 25 до 34 години.

Споредено со резултатите од пред три години, сега е намален бројот на испитаници кои поминуваат на Фејсбук повеќе од три часа во денот – од 27,8% на 19,1, а е зголемен бројот на испитаници кои поминуваат помеѓу еден до три часа во денот и тој процент сега е 41,8% за разлика од 2018 год. кога бил 36,9%. Помалку од еден час на Фејсбук поминуваат 22,9%

Твитер пак е целосно непознат за генерацијата над 54 години. Испитаниците на оваа возраст рекле дека во текот на денот го користат помалку од еден час, а оние над 65 дека воопшто не го користат. Но, затоа оваа мрежа е најпопуларна меѓу младите од 16 до 24 години. Дури 44% изјавиле дека поминуваат повеќе од три часа секој ден на Твитер.

Што се однесува на Инстаграм, намален е бројот на испитаници кои поминуваат повеќе од три часа во денот, но зголемен е бројот на оние кои дневно поминуваат помеѓу еден до три часа на оваа социјална мрежа. 41,4% одговориле дека дневно поминуваат помеѓу еден до три часа на Инстаграм, а во 2018 – 29,7%. Но ако во 2018 година, 36% поминувале повеќе од три часа на Инстаграм, сега овој процент е намален и изнесува 21,8%.

Ако се мери според бројот на профили споредени сега и во 2018 година, најголем раст на популарноста има кај Фејсбук и Инстаграм. Ако во 2018 година, 51,1% рекле дека имаат профил на фејсбук, сега тој процент пораснал на 59,9%. Слично е и со Инстаграм – пред три години 26,5% од испитаниците рекле дека имаат профил на Инстаграм пред три години, сега 31,8. Значително е намален и бројот на испитаници кои немаат профил на ниту една социјална мрежа – ако во 2018 – 45,5% рекле дека немаат ниту еден профил, сега тој процент е 34,8%. Профил на Твитер имаат 5% од испитаниците, а 7,7% на Снепчет. На Линкедин профил имаат само 1,5%.

Инстаграмот е повеќе популарен од Фејсбук само кај категоријата – студенти. Кај сите останатите-вработени во јавен, приватен скетор, пенизонери, земјоделци, невработени – Фејсбукот е најкористена социјална мрежа.

Секој втор кој има профил на социјалните мрежи следи пеачи, актери или други личности од забавната сфера (55,3%), а секој трет следи некој спортист (31%). Помал број испитаници следат политичари или уметници (по 27%), научници (17,1%) или експерти по економија (11,2%.) Само 22% од испитаниците рекле дека не следат јавни личности.

Но не само што ги следат, туку за граѓаните е важно и мислењето што јавните личности го споделуваат на социјалните мрежи. Со изјавата: ,,Важно ми е мислењето кое го споделуваат јавните личности кои ги следам на социјалните мрежи“ целосно или делумно се согласуваат повеќе од 50 проценти и кај Македонците и кај Албанците и тоа речиси кај секоја возрасна категорија. Исклучок е само категоријата испитаници над 54 години кај кои мнозинството граѓани рекле дека  донекаде или воопшто не се согласуваат со оваа изјава.

Недоволно се проверува изворот на веста

Со оглед дека популарноста на социјалните мрежи расте, а сè поголем број на граѓани и се информираат на овие мрежи, граѓаните ги прашавме и дали го проверуваат изворот на веста и дали бараат дополнителни информации. Податоците кои ги добивме се алармантни споредено со оние од 2018 година. Имено, ако во 2018 година, една четвртина од испитаниците (26,1%) рекле дека секогаш ја проверуваат веста, сега тоа го прават само половина од нив, односно 12%.

За трите години се зголемил и бројот на граѓани кои никогаш не го проверуваат изворот. 24,2% од испитаниците рекле дека никогаш не го проверуваат изворот, за разлика од 19% во анкетата спроведена во 2018 година. Зголемен е бројот на испитаници кои понекогаш го проверуваат изворот односно 36,9% за разлика од претходно кога 29% одговориле дека понекогаш го проверуваат изворот. Изворот на веста ретко го проверуваат 22,3% од испитаниците. Во анкетата од 2018 овој процент бил 19,4.

Граѓаните ги прашавме и дали бараат дополнителни информации во други медиумски извори и одговорите  само ја потврдуваат констатацијата дека сè помал број на граѓани ја проверуваат веродостојноста на веста што ја читаат. Повеќе од 45 проценти одговориле дека ретко или никогаш не бараат дополнителни информации во други медиумски извори. Загрижувачки е податокот дека дури 25,7% рекле дека никогаш не бараат дополнителни информации, а во 2018 ваков одговор дале 17,2%.

Помалку од 10 проценти од граѓаните, секогаш бараат дополнителни информации од други медиумски извори за разлика од 2018 година, кога дополнителни информации секогаш барале 17,8%. Речиси еднаков број на граѓани дале одговор дека понекогаш бараат дополнителни информации – 39,8% сега наспроти 38% пред три години.

 

Истражувањето за навиките на корисниците на социјални мрежи го реализираше Институтот за комуникациски студии (ИКС), во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – справување со лажните вести“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми во партнерство со ИКССамостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот е финансиран од Европската Унија.