Како е да се биде репортер во пандемија?

Најтешкиот дел од работата – да се изборите со дезинформациите и да и докажете на публиката, како и на надлежните институции, дека сте кредибилен медиум. Она што недостасува кога известувате во време на пандемија се навремени информации од институциите и секое одложување создава можност за ширење шпекулации и дезинформации.

Ковид-19 донесе нов, досега непознат начин на живеење и работа. Репортерството е професија во која непосреднaта комуникација, гестикулациите и говорот на телото на човекот односно неговата насмевка, плач, лутина ви ја доближуваат приказната. Повеќе од десет месеци го нема овој шарм во известувањето во оваа професија. Работата продолжува, но приказните се работат од далечина, ги гледате луѓето преку ZOOM, SKYPE, седнати зад екранот, но не можете со нив целосно да се поврзете, да им ја олесните нервозата и да им ја ублажите тремата. Но не сите приказни може да се раскажат со помош на компјутер.

Реалноста кога сте репортер што покрива здравство во време на пандемија е дека известувањето е надвор, пред болниците, меѓу докторите и заболените. Стравот од корона вирусот е голем, но желбата да се донесе приказната е поголема. На терен задолжително се носи маска, понекогаш и две, визир и алкохол за дезинфекција во џебот. Ковид-19 донесе предизвик да бидете брзи и внимателни. Снимањето на  соговорниците, пред се на докторите, трае неколку минути. Најважно е во тој краток период да се постават вистинските прашања за да се добие вистинската информација. Завршува снимањето и следи прскање со средство за дезинфекција на целата опрема за снимање и дезинфекција на рацете. И така секој ден, свесни дека ризикувате да се заразите при секое одење на терен.

Најголем интерес за сториите со излекуваните од Ковид-19

Највпечатливи и најтешки за снимање се приказните за болните кои го прележале опасниот вирус. Им се јавуваш, а тие со една доза на страв и непријатност ви велат да размислат, еднаш го поминале ужасот и не сакаат да се присетуваат.

„Се уште ги слушам машините за кислород, криковите и паничното однесување на луѓето кои ги вадат маските, мислејќи дека тие се виновни за недостатокот на воздух во нивните гради“, вака раскажуваат оние кои го прележале вирусот. Во нивните очи се гледа дека и во тој момент повторно го преживуваат тешкиот период кој сакаат да го заборават.

Сториите се навистина специфични за работа, ги гледате и слушате внимателно со цел да го пренесете она што го поминале со надеж дека ќе го смени мислењето на оние кои не веруваат во коронавирусот или мислат дека е обичен грип. Најтешки сведоштва се на оние на кои им починал член од семејството или се бори за живот поврзан на респиратор. Ваквите приказни се тешки и за новинарите. Се соживуваме со нив, се обидуваме да ги пренесеме најдобро и најдостоинствено што можеме. Но, најтешкото почнува по објавувањето. Страшно и ужасно е кога по објавените стории читате навреди, исмејување, неверување и обвинувања кон оние кои го прележале Ковид-19 и кон новинарите дека лажат и дека земале пари за да објават ваква сторија. Во тој момент најтешко им е на оние кои сте ги снимале, се каат што воопшто говореле за нивниот проблем, а вие се каете што сте ги убедиле да ја раскажат својата приказна и сте ги довеле во таква ситуација. И по сторијата ги продолжувате разговорите со нив, дека токму тоа е целта – тие кои пишуваат непријатни коментари и не веруваат во ковид-19 да ја слушнат пораката. Цел на овие приказни, исто така, не е да се покаже дали некој е виновен што се заразил, туку дека мало невнимание може од корен да го смени животот на едно семејство.

Она што е видливо, е дека на почетокот публиката беше поприемчива кон ваквите приказни, луѓето имаа поинаков однос, се плашеа повеќе да не се заразат и се надеваа дека пандемијата ќе заврши побрзо.

Бомбастични наслови со лажна информација

Проверените информации се најважни во време на пандемија кога се објавуваат непроверени информации со цел да се стигне до повеќе кликови, гледаност и читаност. Токму тоа е најтешкиот дел од работата – да се изборите со дезинформациите и да и докажете на публиката, како и на надлежните институции, дека сте кредибилен медиум. Она што недостасува кога известувате во време на пандемија се навремени информации од институциите и секое одложување создава можност за ширење шпекулации и дезинформации. Најпотребни се информации за причините за смртта на пациентите и за начинот на кој се заразиле, а најчесто токму тие информации ги нема во официјалните билтени и новинарите се доведуваат во состојба да бараат информации кај лекари кои работат со болни и не се во можност да ви се јават во моментот кога ги барате.

Известувањето за време на пандемија е ново и за нас како новинари. Дали ризикуваме? И премногу, со цел навремено да информираме. Токму затоа, сомневањето во нашата работа, посветеност и кредибилитет е поразително. Според медицината, влегуваме во фаза која може да биде почеток на крајот на оваа пандемија. Потребно е вистинско и проверено информирање, но и одговорност на секој поединец, бидејќи секој од нас може соодветно да придонесе. Потребно е вистинско и проверено информирање, но и одговорност на секој поединец, бидејќи секој од нас може да придонесе да се справиме со помалку жртви и последици од пандемијата со Ковид-19.

 

Автор: Мирјана Мирчевска Јовановиќ

Мирјана Мирчевска Јовановиќ е репортер во Канал 5 телевизија. Во изминатите девет месеци секојдневно ја следи пандемијата со КОВИД 19 и работи на приказни со луѓе кои го прележале КОВИД 19. Мирчевска е магистер по стратешки комуникации. Нејзината тема е посветена на подобрување на стратешката комуникација во време на здравствени кризи на тема морбили.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.