Време кога се докажуваат медиумите

Пандемијата со коронавирусот е време кога медиумите треба да покажат дека се на висина на својата задача за професионално информирање на граѓаните, а улогата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како регулаторно тело е да ја продолжи својата работа за заштита на интересите на граѓаните во сферата на радиодифузијата, и да им помогне на радијата и телевизиите непречено да работат.

Веднаш по појавата на првите случаи на лица заболени од КОВИД-19 во земјава, на сите нас во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ни беа јасни две работи – ова ќе биде време кога најмногу ќе дојде до израз важноста што ја имаат медиумите за информирањето на граѓаните, но и време кога медиумите ќе треба да покажат дека се на висина на својата задача, односно да известуваат професионално, точно, објективно, непристрасно, навремено, без сензационализам, без паника и дискриминација – онака како што од нив бараат стандардите на новинарската професија.

Но, исто така, ни беше јасно и која е улогата на Агенцијата како регулаторно тело – од една страна да ја продолжи својата работа за заштита на интересите на граѓаните во сферата на радиодифузијата, а од друга страна, да им помогне на радијата и телевизиите непречено да работат.

Уште од почетокот точно знаевме како тече известувањето во новата ситуација. Програмата на националните медиуми, веќе од средината на февруари беше секојдневно мониторирана, во рамки на првата фаза од мониторингот на изборниот процес. Така што, имавме комплетен увид во тоа како новиот коронавирус добива сè поголем простор во вестите, а по дијагностицирањето на првиот заболен во земјава – и доминира во нив. И оттаму, со сигурност знаевме дека радиодифузерите добро се снаоѓаат.

ФИНАНСИСКА ПОМОШ

Беше очигледно дека поголем дел од медиумите нема да можат да се држат целосно до својата вообичаена програмска шема – не во време кога беше од животна важност до луѓето да се пренесат новите информации за пандемијата, без оглед дали стануваше збор за директно вклучување во прес-конференции на надлежните органи, за посебни информативни емисии, за емитување видеа со насоки за (само)заштита или за образовни, но и забавни содржини за децата.

Меѓутоа, и покрај отежнатите услови за работење на радиодифузерите, бевме свесни дека и нашите надзори врз нивните програми мора да продолжат според Програмата за работа на Агенцијата и плановите за надзор, за да се заштитат слушателите и гледачите, особено кога податоците покажуваат дека кризата со КОВИД-19 го зголеми користењето на медиумските услуги. Од почетокот на здравствената криза направивме и се уште правиме повеќе вонредни надзори врз основа на претставки од граѓани. Досега имавме околу десетина претставки кои најчесто се однесуваа на правилата за заштита на малолетниците, почитувањето на професионалните начела, говорот на омраза и сл. Некои од нив беа неосновани, но беа констатирани и прекршувања, а Советот минатата недела изрече и мерки. Сите информации за претставките, надзорите и мерките се објавени на нашиот веб сајт.

Како влегуваа во сила владините мерки за заштита од коронавирусот, така стануваа потешки и економските, но и фактичките услови за работа на медиумите. На радиодифузерите им требаа средства за да ги заштитат своите вработени и за да им исплатат плати. Затоа, штом побараа финансиска помош, Советот на Агенцијата одлучи да излезе во пресрет и донесе одлука за доделување донација за справување со последиците од коронавирусот од 103 милиони денари. Условот беше јасен – помошта мора да се искористи за набавка на заштитни средства за вработените, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување програма, за санирање на негативните последици од короната врз економското работење и за непречено функционирање. Освен тоа, дополнителни два милиони денари беа рамноправно поделени меѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, за набавка на средства за справување со последиците од коронавирусот, а три милиони денари беа доделени на регионалната телевизија ТВ Канал Вис за санирање на последиците од пожарот.

СИТЕ ДА СИ ГИ ИСПОЛНУВААТ ОБВРСКИТЕ

Цело време ги поддржуваме и сите релевантни активности од други субјекти. Така, кога СЕММ и ЗНМ ги изработија Насоките за безбедно и професионално известување за коронавирусот побаравме од радиодифузерите да постапуваат по нив. Редовно ги доставуваме едукативните видеа од Министерството за здравство до телевизиите со барање да ги емитуваат бесплатно. Реагираме со соопштенија во сите ситуации кога сметаме дека се случило или може да се случи загрозување на слободата на информирањето и безбедноста на новинарите. Неколкупати апелиравме и до Владата да не се ограничува пристапот на медиумите, особено на онлајн медиумите, до прес-конференциите на надлежните органи. Имајќи предвид дека ја администрираме работата на Мрежата за медиумска писменост, собравме информации за активностите на членките за демаскирање на дезинформациите (проверка на факти, онлајн квизови за граѓаните, видеа за повисока професионалност) и за подигање на свеста кај граѓаните и ги објавивме и на веб сајтот www.mediumskapismenost.mk и во странство (ЕПРА, ЕРГА, ГАПМИЛ).

И во вакви околности, сите активности во Агенцијата течат непрекинато – надзорите; регистрацијата на програмските пакети на операторите на јавни комуникациски мрежи; годишните надзори врз економското работење, за исполнување на обврските од дозволите на радиодифузерите и за емитување европски дела и дела од независни продуценти; анализите на сопственичката структура, на родовите прашања, медиумската писменост итн. Начинот на работа и натаму ќе го прилагодуваме на условите, но ќе продолжиме навреме да ги исполнуваме своите обврски. И ќе очекуваме и бараме и сите медиуми, како и операторите, да ги исполнуваат своите.

 

Автор: д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги