Во последните месеци мигрантската криза најпрвин го разниша европското единство и ги доведе во прашање вредностите на толеранцијата, мултикултурноста и солидарноста како основа на европскиот проект, а по крвавите напади на Исламската држава во Париз, преку ноќ ги претвори мигрантите во потенцијални терористи во очите на јавното мислење. Безбедносниот аспект настрана, кризата е тест за политичката зрелост и демократскиот капацитет на европските, но и на македонските граѓани, кои за да бидат дел од решението, ќе мора да научат правилно да ги канализираат своите емоции.
Стремежот за остварување поголема, поквалитетна и поинклузивна демократија е заеднички за сите современи општества, вклучувајќи го и македонското. Како да се унапреди постоечката форма на демократија и да се зацврсти либералниот модел, притоа заштитувајќи ги неговите основни постулати како толеранцијата и недискриминацијата?
Според политичката теорија, одговорот е едноставен. Граѓанинот треба да поседува колку што е можно повеќе информации и знаење, не само за да може да донесе рационална одлука при гласање на избори, туку и за да биде ефикасен општествен актер, компетентен и континуирано активен во политичката партиципација.
Сепак, да се биде ваков совршен граѓанин во пракса не е толку едноставно. Оптимално информираниот гласач е митолошко суштество небаре еквивалентно на еднорогот, со оглед на тоа што остварувањето на овој идеал е оневозможено од самата човекова природа, која налага систематска нееднаквост при пристапот кон општествените добра, вклучително и информациите, како и подложноста на манипулации и демагогија.
Емотивно известување – како за домашната, така и за надворешната политичка сцена
Поради ваквите аномалии, капацитетот за носење рационални одлуки е значително намален. Ова особено важи за македонското општество, каде независноста на медиумите од партиско-политичкиот систем е често оспорувана. Во таква ситуација, непочитувањето на професионалните норми и стандарди на известување може сериозно да ги искриви перцепциите и ставовите на граѓаните за политичките настани. Македонските медиуми, се повеќе заобиколувајќи ги правилата за објективно информирање во актуелниот наелектризиран и партиски поларизиран амбиент, објавуваат содржини наменети да предизвикаат силна емотивна реакција кај јавноста, преку драматичен израз, шокантни изјави и контроверзни слики.
Додека ваквиот пристап има ефект во внатрешната дневно политичка употреба кај партиски определената публика во Македонија, мигрантската криза и сите нејзини импликации ги затекнаа домашните медиуми. Ако на домашната политичка сцена уредувачката политика е релативно едноставна во зависност од партиското позиционирање, тогаш каков став да се заземе во отсуство на насока од политичките партии?
Со оглед на тоа што сензационализмот и драматичното известување стана неизоставен дел од егзекутивниот модус операнди на партизираните медиуми, известувањето за случувањата на јужната граница доби слични карактеристики како и регуларното – драматичен дискурс кој потенцира конфликт, силно поткрепен со слики кои евоцираат тензија и насилство.
Визуелна драма, жестока реакција
Ваквиот пристап без никакво сомнение длабоко ќе се одрази на јавното мислење. Научно истражување направено во САД потврдува дека кога медиумската содржина на тема тероризам е дополнета со визуелен приказ кој предизвикува емоции, најчест ефект кај гледачите е зголемување на поддршката за засилување на безбедносните мерки, до степен на милитаризација и подготвеност за воена интервенција. Кај контролната група, која е изложена на истите фактички информации како и експерименталната, но не и на визуелниот елемент, вакво зголемување не е забележано. Промената на ставовите кај оние кои ги гледале сликите со насилство е реакција на психолошкиот ефект од заканата, односно стравот од тероризам.
Во нашиот контекст воена интервенција секако не е опција, но истиот психолошки ефект на страв од насилство или тероризам, како резултат од неслучајно драматично избраните слики на каменување на полицијата на границата со Грција, веројатно би ја зголемил поддршката за пожестока и поригорозна акција против толпата составена од мигранти, барем на краток рок. Она што е клучно на долг рок, е како стравот и анксиозноста ќе влијаат на практиките за примање политички информации на граѓаните, од кои и зависи и нивната ефикасност како општествени актери, преку интерпретирањето на политичките случувања и партиципирањето во нив.
Унгарска новинарка снимена како намерно удира и сопнува бегалци
Изброј до десет, и не верувај на се што ќе прочиташ на интернет
Според научен експеримент направен на Универзитетот во Мичиген, стравот и анксиозноста всушност имаат позитивен ефект врз барањето информации и нивното памтење. Желбата да се намали стравот резултира со поинтензивно пребарување во потрагата по објаснување за феномените кои го предизвикуваат стравот, што би можело како конечен исход да има покритичко размислување. Ваквото справување со несигурноста го подобрува нивото на информираност, како клучен предуслов за поголема политичка ефикасност.
Од друга страна, истиот експеримент покажува и дека анксиозноста не е единствената емоција која влијае на мотивацијата за учење и процесирањето на информации, туку фактор е и гневот. Советот „најпрвин изброј до десет“ дефинитивно треба да се примени, велат научниците, затоа што претпоставката дека револтот води кон непромислени ставови се покажал како точен, ако се земе примерот од уште едно истражување, според кое оние субјекти кои демонстрирале повеќе гнев отколку анксиозност биле поподготвени да ја поддржат американската воена интервенција во Ирак, додека анксиозните биле поскептични по тоа прашање.
Со други зборови, ако како граѓани веќе не можеме да бидеме апсолутно рационални битија во поврзувањето на информациите, тогаш барем анксиозноста и претпазливоста се поконструктивни емоции во носењето политички одлуки отколку слепиот гнев. Ова не важи само за традиционалните медиуми. Додека телевизиите секојдневно не бомбардираат со слики кои имаат за цел да предизвикаат шок и емотивен набој, заканата од неинформираност (или уште полошо, погрешни информации) демне и од интернет.
Социјалните мрежи и бесконечниот број онлајн медиуми со сомнителна содржина имаат потенцијал дополнително негативно да влијаат на формирањето информирано мислење преку интензивирање на емоциите, што може да го радикализира однесувањето надвор од онлајн средината. Феноменот на хомогенизација и стекнување поекстремни ставови при дискусија со истомисленици на форуми не е нов, но комуникација со ликови кои го делат гневот или омразата кон одредена група само му дава дополнителна стимулација на тој гнев, кој потоа се пресликува во политичката активност во вистинскиот живот. Ако досегашните студии го утврдиле тоа за американските нео-наци форуми, тогаш нема причина да не се верува дека истиот принцип се применува кај поединци во Македонија кои бараат објаснување за настаните и поткрепа на своите верувања на интернет.
Стравот куќа чува
Во контекст на колосални геополитички промени и општа несигурност, тешко е да се остане смирен и рационален како што налага идеалот за политички информиран граѓанин. Емоциите се дел од процесот на расудување, меѓутоа ако ги насочиме правилно, како поттик за акумулирање ново знаење, тогаш ќе се справиме со анксиозноста и ќе бидеме способни да носиме поздрави одлуки. Ситуацијата на Блискиот Исток, растот на ИСИС, бегалската криза, сите се дел од комплексна геополитичка динамика која делува застрашувачки. Стравот е нормален, но единствен начин да се намали е токму соочување со него, преку обрнување поголемо внимание на настаните и дознавање повеќе факти за заканата.
Од друга страна, пак, гневот води кон импулсивни реакции, кои не прават помалку ефективни како политички агенти во демократијата. Ако ги препознаваме сопствените навики, ќе бидеме пософистицирана публика, што на долг рок ќе резултира и со реформа на медиумскиот пристап. Развојот на критичка свест кај граѓаните е првиот чекор кон намалување на негативните медиумски трендови.
Автор: м-р Иво Босилков
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.