Прикажување на опасностите за новинарите пред јавноста

Секој петти ден, во просек, некаде во светот, гине новинар само затоа што е новинар. Во девет случаи од десет, за тоа никој не е обвинет, со што се создава атмосфера на неказнивост која оди подалеку од закани по живот или насилство. Затворските казни изречени за новинари бележат досега невиден пораст, а претставниците на медиумите постојано се мета на малтретирање и заплашување додека се на задача. Денес, новинарството е една од најопасните професии во светот.

Еден начин да се реши овој проблем е со зборување за него. Три неодамнешни примери се приказ за ризикот што новинарите го преземаат за да ги споделат вестите и тие потврдуваат дека единствениот начин да се дојде до промени е со актуелизирање на нивната мака.

Земете ја за пример Марија Реса, главен извршен директор на Rappler.com, мрежа за онлајн вести со седиште на Филипините. Откако го основала Rappler во 2012 година, веб-страницата на Реса станала незаменлив извор на информации за убиствата за кои немало судска постапка, поврзани со „војната против дрогата“ што ја објавил претседателот Родриго Дутерте. Поради нејзиното смело и иновативно новинарство, Реса добила повеќе од 80 закани по животот само во последниот месец. Многу од овие предупредувања доаѓаат од анонимни блогери, со ИП адреси што водат до соработници на претседателот.

Потоа тука е и примерот со Вилијам Нтеге, новинар кој известувал за неодамнешните протести против одлуката на претседателот на Уганда Јовери Мусевени да се кандидира за следните претседателски избори, и покрај тоа што Уставот не го дозволува тоа. Нтеге бил сериозно претепан од полицијата за неговото известување и бил задржан во затвор повеќе од десет дена.

На крај, тука е и уништувањето на новинарските слободи во Мијанмар. Новата клаузула додадена во државниот закон за медиуми им овозможува на граѓаните да поднесуваат тужби доколку имаат поплака поради некој напис или прилог од вести, дури и ако во нив тие не се директно споменати. Оваа законска одредба – што е експлицитно спротивна од меѓународните норми – доведе до 61 тужба поднесена против новинари од февруари 2016 година, кога Националната партија за демократија на Аунг Сан Су Кји дојде на власт.

Прекршувања на медиумските слободи од ваков вид станаа честа тактика за автократските режими, од Турција до Русија и пошироко. Сепак, војна против медиумите не објавија само деспотите и авторитарните лидери. Во Колумбија и во Мексико, стотици новинари биле ставени под вооружена заштита за да бидат заштитени од криминалните синдикати. Сепак, ова не ги спречи новинарите од Јужна Америка масовно да ја напуштаат професијата. Омилена стратегија на мексиканските банди кои тргуваат со дрога и кои сакаат да не бидат разоткриени во вестите е да им се закануваат на децата на истражувачките новинари. Не е ни чудо што бројот на вработени во медиумите се намалува.

Дел од причината зошто повеќето конзументи на вести не ги знаат овие стории е тоа што организациите како мојата долго време водат грижа новинарите никогаш да не станат дел од вестите. Групите за слобода на медиумите најчесто работат со претпоставката дека најдобриот начин да се заштити истражувачкото новинарство кое е засновано на факти е да се заштити раскажувачот на приказната од насилство. И, како и многумина новинари, ние одлучивме тивко да ја работиме нашата работа, наместо да ги оптоваруваме читателите и гледачите со тоа колку стана опасна оваа професија. Сепак, време е да го смениме нашиот пристап и одлучно да ги нагласиме опасностите.

На пример, Нтеге бил ослободен дури откако биле направени значајни напори од страна на тим на адвокати најмени од Reporters Respond, што е фонд за итни случаи на Здружението „Фри прес анлимитед“ (Free Press Unlimited) за безбедност на новинари. Од формирањето на фондот во 2011 година, со него им се помогнало на десетици новинари од целиот свет, последната помош што била дадена е на група на репортери кои бегале од насилна толпа во Бурунди. Има и голем број организации кои им помагаат на новинарите што се во неволја на Средниот Исток, во Источна Европа и на други места. Овие приказни што се зад вестите мора да бидат кажани.

Секако, раскажувањето на овие приказни е само почетокот. Оние кои се залагаат за слобода на медиумите мора истовремено да обезбедат посилна и покоординирана рамка за заштита и безбедност на новинарите. За таа цел, мојата организација соработува со други глобални субјекти за да се зајакне Планот на ОН за дејствување за безбедност на новинарите и проблемот со неказнивост. Исто така почнавме да одржуваме редовни средби со други групи кои се залагаат за слобода на медиумите, со цел осмислување идни чекори. Почнавме и да водиме грижа заштитата за медиумите да биде поткрепена со закони и со спроведување на истите. На новинарите ќе им бидат потребни храбри обвинители и судии кои ќе ги осудуваат напаѓачите, за да се стави крај на неказнивоста. Сепак, најважните промени мора да дојдат од самата медиумска индустрија. Од причини што безбедноста на новинарите директно ги погодува вработените на новинските агенции, хонорарците и публиките, овие организации треба да известуваат за оваа тема. Со зачестените напади врз претставници на медиумите, стариот пристап – горделиво молчење – веќе не е логичен. Ако новинарите ги искористат нивните платформи за да го информираат светот за опасностите со кои се соочени тие и нивните колеги, светот ќе мора да слуша.

Насилството против новинари и во минатото и сега останува проблем кој не е видлив за јавноста. На 2-ри ноември, кога светот го одбележува Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата против новинари, да дадеме заложба овие стории да се најдат на предните страници и во ударните термини.

Автор: Лион Вилемс (Leon Willems)

Леон Вилемс е директор на „Фри прес анлимитед“ (Free Press Unlimited).

Copyright: Project Syndicate, 2017.
www.project-syndicate.org