Наградата за медиум промотор на новинарството како јавно добро „Роберто Беличанец“, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници вчеравечер и ја додели на телевизија Алсат М.
На претставникот на Алсат М, главниот уредник Адмир Ќосе плакетата му ја врачи в.д. претседателот на ССНМ, Звездан Георгиевски, кој истакна дека целта на наградата е кревање на свеста за значењето на професионалното новинарство.
„Медиумите се платформата преку која новинарите и медиумските работници комуницираат со граѓаните и без слободни медиуми кои го разбираат концептот на јавно добро и јавен интерес не е можно остварување на потребното влијание за исполнување на главната функција на новинарството“, рече Георгиевски.
На церемонијата зборуваше и Билјана Бејкова, долгогодишен соработник и пријател на Роберто Беличанец, која се заблагодари на сите кои стојат зад иницијативата ова признание да го носи името на Беличанец.
„Неуморното, бескомпромисно и гласно залагање на Роберто, за демократија, за почитување на човековите права и слободи, за владеење на правото, за социјална правда, за слобода на изразување и за слободни професионални медиуми, е потврда дека тој, сепак, веруваше во можноста да продуцираме повеќе општествени и медиумски бисери отколку ѓубре. Веруваше дека човештвото може да се надмине себеси, како и дека медиумите можат повторно да го застапуваат јавниот интерес“, рече Бејкова.
Наградата „Роберто Беличанец“ е наменета за медиум што ги задоволува следниве критериуми: континуирано чувство за општествена одговорност, третирање на новинарството како јавно добро преку залагање за слобода на изразување, придржување до кодексот на новинари, третирање на теми од јавен интерес, како и коректен однос кон вработените, почитување на нивните работнички и професионални права.
Ова признание ССНМ го доделува во партнерство со МИМ, Институтот за комуникациски студии и Медиа дајверзити институтот од Лондон во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажни вести“ поддржан од Европската Унија.