Образование за медиумите – вештини за интеграција во глобалниот свет

Воведување медиумска писменост во наставните програми ќе значи оспособување на учениците за анализа и деконструкција на медиумските содржини, препознавање на скриените пораки и техники на комуникација. Секој иден корисник на социјалните групи треба да има основни познавања од етика во комуникацијата на интернет, да препознава злоставување/вознемирување (cyberbullying), говор на омраза

Најновите истражувања за функционирањето на глобалните комуникaциски мрежи сериозно го отвораат прашањето за степенот на вклученост на децата во отворените сервиси на информации. Поради бројноста и интензитетот на размена, овој простор сѐ потешко се регулира и контролира во насока на заштита на децата.

Светот е соочен со загрижувачки трендови на манипулација на социјалните медиуми. Скриените пораки во рекламите, фотографиите, видеоигрите, клучните зборови на секојдневните најави на вестите, филмовите  – ја создаваат глобалната машина која го обликува односот на децата кон стварноста.

ОБРАЗОВАНИЕТО Е ВО ЈАЛОВА ТРКА СО НОВИТЕ КОМУНИКАЦИИ

Истражувањето што неодамна го објави Универзитетот Оксфорд покажува дека јавното мислење на овие платформи се креира и контролира од политички партии и владини агенции коишто  преку форми на цензурирање и насочување на јавната дебата ја поткопуваат довербата во медиумите, јавните инстиуции и науката.

Современиот свет живее во нова технолошка и информациска револуција.  Само еден клик го отвора светот на милиони информациии. Дигитализацијата на сите сегменти на човековата егзистенција целосно ја промени комуникацијата на сите нивоа. Социјалните платформи станаа доминантни заедници што ги иницираат и диктираат промените во политиката, економијата, културата, образованието.

Во ваков контекст, училиштето ја доживува најголемата промена во својата историја. Неговата функција е во јалова трка со новите комуникациски и социолошки феномени.

Учениците примаат и разменуваат информации на социјалните мрежи,  креираат свои медиумски производи, се обликуваат во глобален контекст. Нивниот идентитет се шифрира и интегрира во  различните јазични, социјални и технички кодови на Јутjуб, на Инстаграм, на Фејсбук, на Снепчет, на Твитер. Тие користат симболи и други типови знаци на дигитални јазици.

Димензиите на ваквиот развој се фрапантни. Според последните податоци, Фејсбук има 1,45 милијарди корисници секој ден. На Јутјуб секојдневно се постираат пет милијарди видеа, секој ден 800 милиони корисници се активни на Инстаграм, 158 милиони на Снепчет. Твитер има 336 милиони активни корисници месечно.

Новите „дигитални болести“ се последица на оваа експлозија од информации и различни типови комуникација. Деца – зависници од технологијата, виртуелна стварност без регулација на содржините што ги контролираат и насочуваат интересите на децата, откривање на личните податоци, лажни вести, говор на омраза, пропаганда, контрола на масите. Едноставно, цел еден процес на неформално образование и воспитание во коешто се губи  границата на општественото прифатливо и неприфатливо однесување на поединецот.

МЕДИУМИТЕ НЕ СЕ САМО ТЕХНОЛОШКО СРЕДСТВО ВО НАСТАВАТА

Зошто е потребно образование за медиумите во наставните програми?

Децата се активно вклучени во социјални мрежи од милиони корисници. Во ваков контекст се создава нивниот личен (психолошки, социјален, родов , културен, национален) идентитет.

Во глобалната заедница тие се директно изложени на неточни или непотврдени информации, лажни профили и лажни вести, преку медиумски техники на убедување, заведување, идеализација, стереотипизација. Во оваа заедница тие примаат и испраќаат информации, разменуваат лични податоци, создаваат мислења и креираат автентични медиумски производи.

Медиумите како наставна содржина не се само технолошко средство во наставата. Тие треба да бидат и составен дел на наставните програми по предметите: јазик, уметност, социологија, граѓанска култура и сите други наставни предмети што можат да  вклучат интеграција на вакви содржини.

Во актуелните наставни програми нема посериозен пристап кон овие актуелни појави. Националниот извештај за медиумска писменост во образованието (2016) покажа дека во средното образование, постојат неколку наставни содржини за медиумите и тоа во предметите: социологија, уметност, мајчин јазик, граѓанска култура и иновации и претприемништво, но тие не го отвораат прашањето за начинот на функционирање на медиумите и нивното влијание во секојдневниот живот на поединците и на заедницата.

УЧИЛИШТЕТО Е НАЈСИЛНАТА АЛКА ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ

Образование за медиуми, или подобро, медиумска писменост, е итна потреба на образованието.

Со оваа брзина на информациите  и технолошки развој, училиштето треба да го подготви ученикот за пристап кон медиумите, со вештини со кои ќе ја разграничува илузијата и стварноста во содржините, нивната ,,магија“ со која го освојуваат вниманието на корисниците во насока на постигнување економски, социјални или политички придобивки на поединци или групи.

Воведување медиумска писменост во наставните програми ќе значи оспособување на учениците за анализа и деконструкција на медиумските содржини, препознавање на скриените пораки и техники на комуникација. Секој иден корисник на социјалните групи треба да има основни познавања од етика во комуникацијата на интернет, да препознава злоставување/вознемирување (cyberbullying), говор на омраза.

Овие зачестени појави, оставаат сериозни психолошки и социјални последици врз развојот на децата. Од тие причини, едукацијата за овие негативни страни на интернет – комуникацијата треба да започне од основното образование.

Образовните системи треба да бида отворени за промени и да ги следат комуникациските и социјалните трендови на глобалната заедница. Поради сериозноста на неконтролираната интеграција на децата во глобалната мрежа на информации, најпопуларните социјални платформи, Фејсбук и Инстаграм веќе ги објавија измените во политиките за вклучување корисници помали од 13 години.

Ова само го потврдува  стравот, но и стремежот на доминантните мрежи да воспостават основни принципи на вклучувањето на децата во глобалната комуникациска мрежа и на комуникацијата воопшто, и тоа: безбедност, приватност и вистинитост.

А училиштето е најсилна и можеби, единствена сигурна алка во тој процес на оспособување на идните граѓани за активно учество во заедницата.

Автор: Тамара Ќупева

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.