Имаме ли медиумски писмени наставници за да имаме медиумски писмени ученици?

Квалитетното знаење се потешко допира до училиштата. Застареност на техниката од проектот „компјутер за секое дете“ служи како најчесто оправдување за медиумската неписменост во моментот. Наставниците се оставени сами на себе и на својата креативност да употребат модерен ресурс кој ќе им овозможи да направат интересен час каде учениците нема да посегаат по мобилниот за да се забавуваат.

Спознавањето на вистината доаѓа од медиумите, тие се двигателот на цивилизацијата и демократијата, но за жал тешко се пробиваат во образованието низ неревидираните наставни програми повеќе од десет години. Медиумите го шират напластеното знаење, го креираат со отворен ум и затоа се неопходни за градење модерно општество.

 

Маргинизирана медиумска култура

Основното и средното образование во изминатата деценија преку политиките што ги креираше Министерството за образование и наука преку Бирото за развој на образованието  беше заморче со квази медиумска култура, скудно сместена во едно поглавје од одредени предмети, каков што е случајот со наставата по македонски јазик каде е маргинално третирана и комплетно функционално застарена. Затоа, учениците се везден со телефоните в рака, индикатор дека под итно мора да се менува начинот на учење и восприемање на незапирливиот наплив од информации во динамичниот свет. Недопустливо е да се употребува истата наставна програма и учебници по македонски јазик повеќе од десет години кога добро е познато дека јазикот е жива материја која непрекинато еволуира, а во денешно време дури и многу брзо, токму благодарение на влијанието што доаѓа од медиумите. Затоа медиумската писменост треба да се имплементира во образованието паралелно со севкупното описменување на учениците, зашто спознавањето на вистината е императив.

Нужност од изучување медиумска писменост

Во таа насока треба да се акцентира и содржината на наставниот материјал во предметите што се изучуваат во училиштата кои веќе ги губат контурите востановени одамна. Доаѓа до испреплетување на темите од историјата, граѓанското општество, јазиците, уметноста… Тоа овозможува компаративна употреба и проучување на информации од медиумите со што наставната содржина може да се изучува интегрирано. Ваква практика се спроведува во нашите училишта, но инцидентно, со доброволен ангажман на наставниците, за разлика од светската практика каде тоа е востановен систем на учење. Се разбира, за тоа треба да се изготват наставни програми кои во ова подрачје треба комплетно да ја имплементираат и медиумската писменост како нераскинлив дел од создавање на напредно општество.

Наставниот кадар – медиумски необучен

Ресурсите од знаење ни доаѓаат од медиумите, но тоа ја отвора и темата колку наставниот кадар е подготвен да ги восприеми, да ги селектира информациите, да ја утврди нивната веродостојност и употребна вредност. Курикулумите на наставничките факултети се тие кои треба да го иницираат процесот на модернизација на општеството, се разбира со сите останати релевантни фактори. Кандидатите што доаѓаат од наставничките факултети се со дискутабилни знаења, вклучувајќи ја тука и медиумската писменост. Од тоа им беа познати единствено термините Фејсбук, Инстаграм, Али Експрес…и сл.. За тоа сведочат резултатите од тестирањата по мајчин јазик што се практикуваат за кандидатите за наставници во одделенска настава во училиштата.

Квалитетното знаење сè потешко допира до училиштата. Застареност на техниката од проектот „компјутер за секое дете“ служи како најчесто оправдување за медиумската неписменост во моментот. Наставниците се оставени сами на себе и на својата креативност да употребат модерен ресурс кој ќе им овозможи да направат интересен час каде учениците нема да посегаат по мобилниот за да се забавуваат. Терминот ИКТ (информатичко-компјутерска технологија) во наставата е сегмент кој остана како покритие дека нешто се работи на компјутер онаму каде има интернет.

Недостаток од имплементација на новитети

Одредени модели и програми како на пр. Кембриџ програмата се преземаа во нашето образование без да се размисли дали тоа може навистина и да се имплементира на час од 40-45 мин. со седум или осум различни часови дневно. Каде тука има место за креативност? Наставниците – ентузијасти кои сакаат да бидат во тек со модерното време работат проекти со активна вклученост на медиумите, пред се благодарение на можностите што ги нуди Еразмус програмата, но и одредени странски фондации и невладини организации. Мал број на училишта имаат свои веб страници што не служат само за општи генералии. И тука повторно сè е оставено на сопствениот ангажман.

Наставниците посетуваат обуки, но малку за имплементација на вистински новитети од науката со учество на светски признати експерти. Ним им се потребни континуирани семинари за унапредување на вештините и техниките по предметите кои ги предаваат од релевантни научни институции кои постојат во земјава. Конкретно, зборувам за предметот што го предавам, зашто никој не ме повикал на обука или презентација на некоја новина од науката за македонскиот јазик повеќе од десет години. А зборуваме за кадар кој работи на описменување на најмладата популација, онаа што треба да се вклучи во тековите на општеството размислувајќи со сопствена глава, креативна, неподложна на манипулација, корупција, предрасуди. Тоа може само со отворање на портите за влез на медиумите без забрана и цензура, со вметнување на воспитната компонента во која борбата против лагата и дезинформацијата треба да биде водечка.

Автор: Соња Јовановска, проф. по македонски јазик и литература

Блогот се базира на излагањето на авторката на завршната конференција „Медиумската писменост во образованието – предуслов за учество на младите во општествените и политичките процеси во Македонија“, организирана од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста на 18.12.2018 г.