Ако новинарството умре, кој ќе ја штити демократијата?

Новинарството се вклучи на листата професии што изумираат: очигледно е дека е полукративно да се предава отколку да се работи новинарство. Иако се прават огромен број на брилијантни и високо квалитетни новинарски стории низ целиот свет, информативната индустрија полека се стеснува. Зошто е тоа така, прашува и се обидува да одговори експертот по медиуми на Шоренстајн центарот во Харвард, Хосеин Деракшан во колумната објавена на „Гардијан“.Прво да направиме разлика помеѓу новинарство и вест. Вест е само еден од многуте видови на новинарски производ. Вестта како стандардизирана, литературна форма измислена пред повеќе од 200 години како одговор на многу специфични социјални и културни околности и беше распространета со помош на новата технологија наречена телеграф. Пронаоѓањето на електричниот телеграф во 1830-те создаде можност за брз и меѓународен преност на збир на кратки информации, стакако пораки, кои, иронично не многу поразлични од твитовите.

Телеграфот ги донесе вестите за избори, војни, катастрофи, криминал, свадби и погреби на трпезата на луѓето; така светот дозна за атентатот врз Претседателот Абрахам Линколн во 1865 година. Инстантните вести ја пренесоа средната класа од локалната перспектива кон глобалната, од генерализираниот поглед на светот до поглед полн со специфики, и од свет базиран на фикција до свет базиран на факти. Вест стана како средната класа се позиционираше во растечкиот поширок свет и како присвои посебен културен идентитет. Овој глас за вести беше културен одговор на постоечката социополитичка околност.

Денес, речиси сите од тие културни околности се променети. Значи, ако контекстот на она што го викаме „вести“ за приближно два века радикално се има променето, дали вестта сеуште функционира како што би требало? Која би требало да биде нејзината улога и каква цел треба да исполни? Дали вестите воопшто се сеуште важни?

Сите знаеме дека денес информативните медиуми се во невоља. Тиражот на дневните весници, и печатени и дигитални комбинирано, падна на 35 милиони во 2016 година според Истражувачкиот Центар Пју, најнизок тираж од 1945 навака, и покрај тоа што бројот на жители речиси е триплиран во изминатите 70 години. Оваа година почна со илјада изгубени работни места во некогаш полните со потенцијал за развој на дигиталното новинарство – „Базфид“ и „Хафингтон пост“. Бизнисот со вести веќе една деценија се мачи со бизнис модели кои пропаѓаат. Новите интернет технологии им дадоа моќ на нови играчи – главно Гугл и Фејсбук – кои ја преземаа контролата на дистрибуцијата и на профитот од рекламирање кој оди со тоа.

Во меѓувреме, делумно инспирирани од Доналд Трамп, политичарите од Мјанмар до Либија и од Сирија до Шпанија отворено ги напаѓаат новинарите, нарекувајќи ги „лажни“ или „пристрастни“, обвинувајќи ги за извртување на реалноста. Јавноста во меѓувреме смета дека новинарите се премеки со оние кои ја имаат моќта или преблиски до богатите и не им веруваат бидејќи на тоа гледаат како на конфликт на интерес.

Вистина е дека некои од сериозните информативни медиуми неодамна забележаа зголемува во претплатите. Њујорк Тајмс неодамна објави дека речиси им е удвоен бројот на претплатници на 3,5 милиони. Благодарение на моделот на финансирање, Гардијан, пак, сега добива финансиска поддршка од повеќе од милион читатели од целиот свет.

Сепак, претплатите особено онлајн не се изедначуваат со бројот на читатели; тоа е значаен регуларен приход, но колку од сториите претплатниците ги читаат подалеку од насловот? И колку од нив ги обновуваат претплатите? И дали можеби во САД бројот на претплатници е привремена аномалија, односно бројот е зголемен како резултат на тоа што многу луѓе тој трошок го сметаат како дел од отпорот против Трамп?

МИСИЈАТА НА НОВИНАРСТВОТО ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА

„Америка на прво место“, слоганот на Трамп коинцидира со скршнувањето од глобализацијата и несигурноста на глобалните институции и геополитичките аспирации, затворањето на границите и подемот на национализмот.

„Деглобализацијата“ им влијаеше на вестите, видени и како производ и како културен пронајдок, за што сведочи фактот за намалено покривање на меѓународните настани. До 2010 година фрекфентноста на странски информации во четири британски весници и бројот на вести од странство во САД речиси се преполовил во текот на три децении. Информирањето за случувања во странство моментално е ограничено на прашања директно поврзани со националните интереси, како што е војна или тероризам. „Во 1989 година, годината кога падна Берлинскиот ѕид, Еј-Би-Си, Си-Би-Ес и Ен-Би-Си заедно вкупно посветиле 4.828 минути на меѓународни вести“, пресметале во Американ Џурнализм ривју во 2011 година. „До 2000 година по постојан пад, трите ТВ мрежи емитувале само 2.127 минути меѓународни вести за време на дневниците“. Овој пад кој стана забележителен со крајот на Студената војна продолжил и по нападите од 11 септември како и последователната глобална војна против тероризмот.

Ова свртување од глобалниот поглед е и геополитички и социјален. Тоа е затворање, манифестирано на многу начини, вклучувајќи ја и технологијата.

Сепак, и покрај овој тренд кон локалното, очигледно нема поддршка за локалната политика или локалните весници. Во неодамнешниот извештај нарачан од британската влада се предупредува за претстојното пропаѓање на локалните весници доколку не добијат јавни средства. „Кернкрос ривју објави дека „сториите кои луѓето ги читаат, најверојатно не секогаш се оние кои треба да ги читаат“, мислејќи на надзорот врз локалните јавни службеници. Во САД, локалните весници се во постојан пад и како што напиша Маргарет Саливен во 2017 година за Вашингтон пост, се наоѓаат на работ на „истребување“, мислејќи на недостатокот на поширок интерес за локалните избори и дури и за процесот на партиципативна демократија.

Ако ме прашате како апетитот за „локалното“ се манифестира во вестите, ќе ви дадам изненадувачки одговор: фамилија и пријатели. Одлуката на Фејсбук да им даде приоритет на новостите од пријателите и фамилијата беше и реакција на политичките притисоци за ширењето дезинформации, но и предзнаење за тоа кои вести огромната глобална публика ги смета за најважни. Новостите за раѓања, смрт, брак, бебиња и други работи од фамилијарните настани се делови од она што за многу луѓе значи – локални вести. Популарноста на Инстаграм и Снепчет е базирана околу овие лични аудиовизуелни дневници за животите на луѓето. Вестите за славните личности се друг начин на кој се манифестира интересот за „локалното“. Можеби славните личности ги сметаме за братучеди кои не ги гледаме повеќе.

Вестите никогаш не биле само пренос на информации. Кога читаме вести за климатските промени или за корумпирани политичари, не само што стануваме свесни за деталите околу тоа што се случило, туку чувствуваме како и самите сме станале дел од драмата. Заземаме страна, и сакаме нашата страна да победи.

Како што утврдиле професорите Мајкл Шадсон и Џон Фиске, вестите по природа се драма со мирен почеток, тензија во централниот дел и можност за решение на крајот.

Новинарите сакаат нивните читатели да ги прашаат партнерите или колегите – „слушна за…?“ тие сакаат да бидат причина луѓето да зборуваат.

Но, таа функција сега е во сериозен пад. Примањето на информации стана многу индивидуален акт, благодарение на мобилните уреди. Деновите кога седнувавме да го прочитаме дневниот весник или да ги гледаме вечерните дневници за многу луѓе одамна се минато. Киното, телевизијата и поновите Нетфликс, Хулу или амазон полека почнаа да доминираат со побарувачката за драма. Како што во 1830 година телеграфот овозможи известување независно од времето и местото и производството на вести стана возможно од секаде, преминот на мобилен интернет и паметни телефони ја ослоби дистрибуцијата на вести од тиранијата на локацијата и времето. Сега секој може да прима вести во секое време и на речиси секоја локација.

Ова водеше до поделби. На една страна ги имаме нотификациите – куси информации најчесто директно од самите производители на вести. Помислете на твитовите од пожарникари или полицајци, политичари, или големи компании. Тие ги бајпасираат медиумските организации. На друга страна имаме долго, заедничко, детално и скапо известување и истражување кое понекогаш знае да трае со месеци, па и години. Ова новинарство е далеку поскапо и подетално од сториите кои веќе подолго време доминираат во новинарството.

Она што останува во просторот помеѓу овие две е се понепрактична форма на вести. Многу редакции ја потрошија изминатата деценија истурајќи време и новинарски ресурси во производството на новинарски извештаи од 800 зборови кои веќе постоеја на други информативни веб-страници. Повеќе нема ниту стратешка, ниту финансиска логика. Текстови со средна должина кои носат пари не се повеќе вестите, туку мислењата (колумни).

Но, ако стиснати од силите на пропагандата и забавата, вестите умираат, како новинарството, и оттука демократија може да преживее?

Ја гледам надежта во три наративни формати: аудио (вклучувајќи и документарни подкасти), видео и информативна, заснована на факти „литература“.

Радиото, односно подкастот, е хибриден медиум. Базиран на зборови и оттука способен да овозможи рационална расправа и да предизвика сериозни дебати, исто така може да предизвика и емоции. „Спотифај“ неодамна купи две компании за подкасти и планира да потроши до 500 милиони долари на нови вакви аквизиции. Дневниот подкаст на „Њујорк тајмс“ стигна до 6,5 милиони слушатели месечно и се повеќе ја следи документарната драматична структура. Не е ни чудо што „Гардијан“ го лансираше „Денес во фокусот“, неделен подкаст, продуциран од поранешен документарист на Би-Би-Си. Сериозни, аналитични подкасти и аудио книги полека добиваат се поголема популарност.

Видео документаристиката исто така добива популарност. Комбинацијата од сериозно истражувачко новинарство, мислење/став и драмска структура е ветувачки знак за иднината на новинарството. И на информативната, заснована на факти литература исто така и оди добро. Само во САД, приходите од ваквата литература за возрасни нагло растат секоја година од 2013 навака и ја преминаа белетристиката.

Сепак, поширокиот контекст е бесперспективен. Човечката цивилизација изгледа дека влегува во нова фаза која можеме да ја викаме „пост-просветителство“, каде што рационалноста и пишаниот збор се структурно заменети со слики и емоции. Верата ги заменува фактите; копчињата за лајк ги убиваат линковите. Телевизијата се враќа на голема врата, доминирајќи го секој аспект од нашите животи и сведувајќи го само на забава.

Новинарството не само што гледа како на вестите им се „вади срцето“, туку во период кога демократијата е надитрена од забавата, тоа е пред губење на целосната смисла и цел. Починатиот експерт за медиуми Џејмс В. Кери има реченица токму за ова: „Без демократските институции, новинарите се сведени на пропагандисти или на забавувачи“. Ако како што сугерира Кери, демократијата не само што има потреба од новинарството, туку е и исто со него, не треба да не изненади ако наскоро и новинарството и демократијата ги видиме во вистинска невоља. Можеме да ја спасиме демократијата само ако го спасиме новинарството – или обратно.