Според новиот извештај во кој се идентификуваат петте трендови за иднината на новинарството и нивниот потенцијал да имаат влијание на општестовото, новинарството станува се поважно, но и се помалку снажно.
Истражувањето со наслов „Се поважно, но се помалку снажно – Пет работи кои секој треба да ги знае за иднината на новинарството“, ги потенцира ризиците кои произлегуваат од растечката нееднаквост на информациите, проблемите со кои се соочуваат новинарските бизнис модели и улогата на социјалните медиуми. Во истражувањето исто така се потцртува дека дигиталните медиуми создаваат многу поразлични циклуси на вести и аргументира дека и покрај предизвиците најдоброто новинарство е подобро од кога и да е.
Петте глобални трендови се базирани на неодамнешно истражување направено од Ројтерс Институтот. Тие ги рефлектираат промените на начините преку кои луѓето доаѓаат до вестите, трансформациите во професионалното новинарство и бизнисот со вести, како и променливите политички околности во некои делови од светот.
Петте работи кои секој треба да ги знае за иднината на новинарството се:
- Се придвиживме од свет во кој медиумските организации беа „чувари“ во свет во кој медиумите сеуште ја создаваат информативната агенда, но интернет компаниите и социјалните мрежи го контролираат пристапот до публиката.
- Овој премин кон дигиталните медиуми, генерално не генерира филтри. Наместо тоа, автоматска случајност и повремено изложување ги тера луѓето на се повеќе и поразноврсни извори на информации.
- Новинарството се повеќе ја губи битката за вниманието на луѓето и во некои земји и довербата од јавноста.
- Бизнис моделите според кои се финансираат вестите се пред голем предизвик, процес на слабеење на професионалното новинарство е во тек и ги остава информативните медиуми се по ранливи на економски и политички притисоци.
- Вестите се поразноврсни повеќе од кога и да е и најдоброто новинарство во многу случаи е подобро од кога и да е, земајќи ги предвид од најмоќните политичари до најголемите приватни компании.
Извештајот тврди дека овие пет тренда ќе станат секојдневие низ целиот свет во наредните години, но со варијации во зависност од културниот, политичкиот и социјалниот контекст во одделните држави.
Ко-авторот на извештајот Расмус Клајс Нилсен вели:
„Дигиталните медиуми создадоа многу предизвици за новинарството и за нашите општества, но исто така и многу реални можности и за информативните медиуми и за публиката. Предизвикот за новинарите и за информативните медиуми е да продолжат со адаптирање на дигиталните медиуми кои луѓето низ целиот свет со ентузијазам ги прифаќаат на сметка на печатените и електронските медиуми и да градат професија и бизнис кој ќе биде применлив во иднината“.
Неговата соработничка на извештајот, Меера Силва, пак, вели:
„Улогата на новинарството во многу различни случаи, вклучувајќи го и движењето #MeToo, во откривањето на корупција кај функционери, и предизвикување на јавна дебата околу интернет компаниите и нивната моќ и практика поврзана со приватноста на корисниците, всушност постојано ја истакнува важноста на истражувачкото новинарство“.