Први ни треба национална медиумска стратегија, потоа субвенции за медиуми

Непосредно пред почетокот на изборната кампања релативно дискретно, но сепак на иницијатива на регионални телевизии се покрена прашањето за субвенционирање на електронските медиуми. Дали информацијата дека телевизиите (и регионални и национални) бараат помош од Владата те изненади?

Не можам да кажам дека сум изненаден. Сите што колку толку континуирано го следат радиодифузниот пазар се свесни дека пари на пазарот нема. Особено нема за толку многу играчи и во услови кога сите медиумски пазари и индустрии се под жесток притисок на новите дигитални технологии и новите платформи за дистрибуција.

Клучниот аргумент е дека комерцијалните телевизии работат со загуба? Сметаш ли дека е потребна државна интервенција за тоа да се спречи?

Анализите на економското работење на радиодифузерите што АВМУ ги подготвува на годишно ниво, покажуваат дека пазарот во целина веќе неколку години покажува нето загуба. Во 2017 година, за прв пат нето загуба покажуваат и комерцијалните национални телевизии. На пазар со големина на македонскиот – околу 560,000 домаќинства, а и таа бројка е само номинална и стара, од пописот 2002 година – просто не можат на комерцијална основа да функционираат 51 телевизија и седумдесетина радија, секако, со различни нивоа на покривање. Ако во равенката го додадеме и проценетиот достапен рекламен колач – зависи кого ќе прашате, највисоката проценка оди до 21-22 милиони евра, работата изгледа уште подраматична. Во услови кога телевизиската продукција е се поскапа, консолидација на пазарот ни е повеќе од потребна. Меѓу другото, затоа што таа хронична беспарица ги прави медиумите ранливи на притисоци од кои тешко можат да се одбранат, па гледаме како после секои избори, особено ако има промена на власта, брзо-брзо ја преориентираат својата уредувачка политика.
Што се однесува до улогата на државата, мора да бидеме свесни дека нејзината улога, материјализирина во регулаторното тело за аудиовизуелни медиумски услуги, е примарно да се грижи македонските граѓани да имаат пристап до квалитетна и разновидни аудиовизуелни содржини, а не нужно до што повеќе различни медиуми. Кај нас, како и секаде во Европа, а и во најголемиот број држави во светот, функционира дуален систем со јавна и комерцијална радиодифузија. Притоа, нашиот јавен радиодифузен сервис традиционално е потфинансиран и кубури со средства за остварување на сите свои функции и улоги. Оттаму, сите достапни јавни пари би требало да ги насочуваме кон јавната радиодифузија. Комерцијалните телевизии работат со логика, или би требало да работат со логика, ако се комерцијално исплатливи и профитабилни, ќе работат, ако не, слободни се да затворат. Не гледам тука ништо спорно. Не е срамота, пробале, не успеале, затвориле. Ако пазарот (локален, регионален или национален) не може да ги поддржи, јас не гледам причина да си ја продолжуваат агонијата.
Исто така, однапред сум против секаков вид на трошење на јавни пари без претходно да дефинираме што точно ќе помагаме и поради кои причини.

Се бара медиумски фонд кој средствата би ги црпел не директно од буџетот туку на пример од АЕК? Дали зборуваме тука повторно за државни пари

Секако дека зборуваме за јавни пари кои АЕК ги собира од телекомуникациските оператори на име на користење на ограничен јавен ресурс. Друг проблем е што АЕК средствата што му останале вишок треба да ги враќа во дејноста – за нови услуги, развој на мрежите и слично – а аудиовизуелните медиумски услуги, освен делот на радиското емитување, не се дел од неговиот делокруг на работа.

Какво е искуството во Европа? Се субвенционираат ли комерцијални електронски медиуми и како?

Во Европа се субвенционира производството на телевизиски содржини, претежно документарна и играна продукција. Најчесто тоа го работи истото тело што е задолжено за промоција и создавање на филмска/кинематографска продукција. Таков е случајот и во на нас блиските Словенија и Хрватска. Кај нас, колку што знам, Агенцијата за филм го прошири својот делокруг на работа за да може да добива средства – главно во Европа не се работи за целосно финансирање на проект, туку за таканаречени „први пари“ (first money) кои треба да им овозможат на продуцентите полесно да привлечат и други инвеститори – да аплицираат и производители на телевизиски документарни или играни содржини. Можеби ќе треба да и го промениме името на Агенцијата за филм да ја отсликува новата ситуација, а по примерот на спомнатите Словенија и Хрватска, во Аудиовизуелен центар или како ќе се договориме.
Втората форма се различните фондови за плурализам, или за проекти од јавен интерес. Првата форма постои во Хрватска, втората во Србија. Втората постоеше и кај нас, меѓутоа ја следеше крајно лоша репутација како извор на корупција и злоупотреби. Впрочем, правосудни опашки зад таквата програма се влечеа до пред две години, а програмата беше укината во 2006 година. И хрватскиот Фонд за медиумски плурализам (го води и управува регулаторното тело Совет за електронски медиуми) и српските фондови за проекти од јавен интерес (таму законот им дозволува на властите на сите нивоа – национално, покраинско или локално да одвојат средства за такви програми) се отворени за сите видови медиуми. Можат да аплицираат и радиодифузни, и печатени и онлајн медиуми, а средствата се даваат за производство на содржини.

Кое според тебе е решението?

Прво, очигледно е дека на нашиот радиодифузен пазар, или по ново пазарот на аудиовизуелни медиумски услуги, му е потребна консолидација. Јас одамна се залагам таа консолидација да биде регулаторна, бидејќи во крајна линија се работи за регулирана област со соодветно регулаторно тело. Поради серија причини, ние избравме тој вид на регулација да му ја препуштиме на пазарот. Досега тоа слабо му одеше од рака, но сега се создаваат услови пазарот конечно да си ја одигра таа улога. Тоа не значи, според мене, дека регулаторните инструменти треба да стојат настрана, затоа што некој треба да се грижи и за јавниот интерес, за потребите на публиката. Тука мора да повторам дека во дуалните системи, како што е и нашиот, за тие прашања – јавниот интерес, интересите на публиката, плурализмот, стандардите – задолжен е првентствено јавниот сервис.
Треба да го промениме и пристапот, во одредена мера. Имено, нашите колеги во светот не зборуваат за локални медиуми, туку за локално информирање. Тоа значи дека расправата е за тоа како на локалните заедници да им се овозможи пристап до информации за нивните локални средини, а не како да се обезбеди локален медиум. (Во Норвешка го има и вториот пристап, но тој се однесува на печатените медиуми.) Начелно, тоа треба да биде задача на јавната радиодифузија. Не сметам дека треба да се враќаме на системот на локална јавна радиодифузија, кој веќе еднаш го напуштивме со законот од 2005 година. Она што треба да размислиме е за регионална јавна радиодифузија (по примерот на Холандија, да речеме, или на Велика Британија) при што веројатно најдобро решение би било МРТ, која поседува и технички и преносни капацитети, да воспостави регионални студија, да ја развие уништената дописничка мрежа, и да формира специјализиран програмски сервис посветен на регионите. Може и да го интегрира во специјализиран информативен програмски сервис. Ама тоа ќе бара малку подлабока реформа и реосмислување на целиот јавен радиодифузен сервис, нешто за што, исто така, подолго време се залагам.
Сметам дека не треба да одиме во дополнителни интервенции освен можностите што ги нуди Агенцијата за филм, иако можеби треба да размислиме за обновување на програмата за проекти од јавен интерес. Ги знаеме лошите искуства, па би требало да можеме полесно да ги избегнеме старите грешки.
На крај, мислам дека целата оваа расправа, вклучувајќи ја и одлуката за субвенционирање на печатените медиуми, е поставена наопаку. Мислам дека прво треба да разговараме за национална медиумска стратегија. Таквата стратегија ќе треба да ги дефинира целите на среден и долг рок, во секој од сегментите на медиумската индустрија – радиодифузија, печат, онлајн – и врз основа на тие цели, да ги дизајнираме политиките и инструментите за нивно спроведување, вклучително и можностите за давање помош таму каде што сметаме дека е потребна, од причини за кои сме се договориле дека е потребна.

Разговараше: Тамара Чаусидис