На Фејсбук му е потребен независен надзорен одбор и тој не треба сам да ги решава проблемите со говорот на омраза, лажните вести и штетните содржини на својот сервис, вели Сер Ник Клег.
Поранешниот заменик-премиер, кој сега го води тимот за глобални прашања на Фејсбук, тврди дека има „итна потреба“ да се воведат нови „правила на патот“ за да се утврди соодветна употреба на корисничките податоци, и да се утврди што ќе се смета за говор на омраза.
„Не е задача на приватните компании, колку и да се големи или мали, да решаваат за овие правила. Демократските политичари во демократскиот свет ја имаат таа задача“, рече тој во интервјуто за Би-би-си.
Сер Ник додаде дека фирмите како Фејсбук треба да преземат „зрела улога“ во сето ова, со тоа што ќе ја промовираат потребата за регулација, наместо да ја занемарат истата и да продолжат да страдаат од истите проблеми.
Неговите коментари доаѓаат откако Британија соопшти дека шефовите на социјалните медиуми ќе се сметаат за лично одговорни за штетни содржини и дека навредливите платформи ќе бидат затворени, сето ова уредено со владин план „кој ќе постави насоки за целиот свет“.
Подложен на сериозни критики во текот на изминатата година, Фејсбук воведе промени, особено за приватноста и транспарентноста на политичките рекламни кампањи.
Овие внатрешни промени ги потенцираше поранешниот заменик-премиер, кој рече дека „за само неколку минути“ биле отстранети првите видеоснимки од пукањето во Крајстерч во Нов Зеланд.
Меѓутоа, видеото се прикажуваше како директен пренос цели 29 минути пред да биде обележано, овозможувајќи да се појават најмалку 1,5 милиони копии од истото. Околу 1,2 милиони беа отстранети пред да бидат објавени.
Поранешниот политичар, исто така, отфрли било каква сугестија дека Фејсбук бил употребен за да се изврши влијание врз исходот од Брегзит, тврдејќи дека „не постојат апсолутно никакви докази“ за вмешаност на Русија во периодот пред референдумот за ЕУ.
„Иако, навистина разбирам зошто луѓето сакаат да ја сведат таа ерупција во британската политика само на некој вид завера или заговор, или некоја употреба на нови социјални медиуми преку нетранспарентни средства, но се плашам дека корените на британскиот евроскептицизам се многу, многу длабоки“, рече тој.
Тој тврди дека во изминативе четири децении, мислењата и ставовите биле под многу поголемо влијание од „традиционалните медиуми“ отколку од новите медиуми.
Потврдувајќи ги коментарите на Ник Клег, главниот човек на Фејсбук, Марк Закерберг, повика на „глобално усогласено“ регулирање на онлајн сферата.
Претходно оваа година, тој откри дека Фејсбук поставува „независен Врховен суд“ кој ќе врши контроли на содржините.
Одборот ќе има 40 членови, составени од различни дисциплини и области од светот. Првите 40 ќе бидат избрани од Фејсбук; потоа нови членови ќе бидат назначени од самиот одбор.
Тие нема да бидат учествуваат во поставувањето правила на Фејсбук, туку само во нивното толкување, како и препорачување на промени. Треба да се земе предвид дека нивните одлуки, исто така, нема да имаат повисока важност од националните закони, кои Фејсбук одлучно ги следи во сите земји каде што работи.
Критичарите велат дека Фејсбук се обидува да обезбеди повеќе време за себе, поради апелите за построги регулативи во САД и на други места. Некои од овие апели се за да се растурат големите технолошки фирми, а други активисти се прашуваат дали фирмите треба да го задржат имунитетот од одговорност за содржината што ја објавуваат корисниците.
Текстот е преземен од The Telegraph.