Ќе го чуе ли Обвиниелството новинарскиот крик против насилниците?

На својот грб ги носиме сите закани, уцени и калкулации со новинарската приказна верувајќи дека, сепак, ако оваа година сме рангирани на 59 место од 100 земји на листата на „Фридом Хаус“, има надеж дека алките на власа ќе попуштат и ќе можеме да се качиме скалило погоре. Истовремено ќе треба да ја извојуваме и потешка битка – за правда против насилството, бруталноста, кревањето рака на новинарите…

Најновиот извештај на американската невладина организација „Фридом Хаус“ во кој Македонија е рангирана како земја со „делумно слободни“ медиуми, многу прецизно ја отсликува состојбата на се уште заробената слобода и вистина во македонските медиуми. Додуша, констатиран е мал напредок – подобрување на сликата со медиумите во споредба со лани, што верувам дека секој од нас на своја кожа го чувствува тоа во секојдневна работа, во своите редакции.

Не паметам дека пред неколку години имав доволно храброст да ги наредам сите со ред политичари, газди, сите оние што ми ја забрануваа слободата во изразувањето и објавувањето на вистината. Најверојатно тогаш сум била во тесно. А и тогаш, како и сега, не барав ние новинарите да бидеме заштитени мечки, барав само едно – слобода во новинарската мисла како единствено и најсилно оружје што го имаме. Барав слобода, добив опомена (за влакно избегнав казна – отказ), а сè уште не можам да се ослободам од чувството дека јас, моите колеги, сите сме само заробеници во слободата што толку силно ја бараме, а како да не знаеме да ја извојуваме.

Колку само од нашите колеги стегнати во моќните алки на газдите на медиумите беа избркани или си заминаа од редакции во кои сè уште се продава „големата вистина“. И ова е дел од заробената новинарска приказна од која последиците се уште ги чувствуваме, а на кои не потсетува и последниот извешај на „Фридом Хаус“.

Згора на овој силен вител во кој со години се вртиме во круг, на својот грб ги носиме сите закани, уцени и калкулации со новинарската приказна верувајќи дека, сепак, ако оваа година сме рангирани на 59. место на листата од 100 земји, има надеж дека алките на власта ќе попуштат и ќе можеме да се качиме скалило погоре. Но, истовремено ќе треба да извојуваме потешка битка – за правда против насилството, бруталноста, кревањето рака на новинарите.

Како може да очекуваме дека ќе ни се случат реформи, ако новинарска екипа, како што беше последниот случај на закани и тортура врз колеги од ТВ 21 во Арачиново се држат насилно во општинска зграда, а речиси два месеца од инциденот нема најава за епиог ниту од МВР, ниту од Обвинителството.

Неодамна претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски кој констатира дека во последно време е зголемен бројот на вербалните напади и закани кон новинарите ги повика судовите и Јавното обвинителство да почнат да ги процесираат овие предмети. Ист повик следуваше и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и други медиумски организации. Овој крик на новинарските здруженија дојде откако се случи инциденот и заканите врз екипата на ТВ 21. Насилниците, под закани дека ќе им ја скршат камерата и дека ќе го нападнат и новинарот, буквално на сила ја втурнале новинарската екипа во општинската зграда за да извршат дополнителен притисок пред да ја постигнат целта – бришење на изјавите на граѓаните кои во камери сведочеле за комуналните проблеми во Арачиново. Новинарите, едногласно повикаа да се казни ова брутално кршење на правата и обидот за цензура. Повратно добивме осуда со квалификација дека станува збор за тежок инциден, но не видовме дека овој случај е затворен со пријава против насилниците што можеби и утре во заседа во Арачиново ќе начекаат друга новинарска екипа.

Закани по живот, омаловажување, уцени

МВР тврди дека откако Оливер Спасовски е прв човек на ова министерство биле расчистени сите случаи на физички напади врз новинари регистрирани во периодот од јуни 2017 до јуни 2018 година. На нашето прашање зошто нема епилог за последниот напад на новинарската екипа од ТВ 21 во Арачиново, во кој новинарите беа противправно лишени од слобода, насилно држени во просторија и малтретирани за да се откажат од новинарската приказна, во МВР велат дека тој случај не бил пријавен во полиција. На регистерот на ЗНМ за случаите на повреда на правата на новинарите, пак, е заведено дека овој случај бил пријавен во МВР и дека Обвиниелството не покренало постапка, иако станува збор за сериозен инцидент и еклатантно прекршување на правото на новинарите, а тоа, како што велат во ЗНМ, му било предочено и на јавниот обвиниел Љубомир Јолески на неодамнешната средба со претставници и со претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски. Тогаш било побарано од ОЈО да ги истражи сите наоди за случајот со нападнатите новинари од страна на лица блиски до градоначалничката на Општина Арачиново. Во последните две години, новинарските здруженија имаат регистрирано 25 напади, од кои повеќето вербални, закани и слично, а во 2019 година само три што може да се смета како намалување на бројот на инциденти и напади врз новинари.

Според информациите кои ги добивме од МВР во изминатата година полицијата работела на 11 случаи во кои биле нападнати новинари, или физички или вербално, но имало и случаи на оштетување на опремата. Најмногу од нападите се случиле во Охрид, каде биле забележани шест инциденти кои во главно биле поради напишан текст, но имало и случај на физички напад поради поставено прашање на конференција, како и уцени со закана за објавување компромитирачки материјал. Потоа следува Скопје со четири случаи во кои цел на напад биле новинари. Во еден случај насилникот заработил кривична пријава за насилство, а други двајца за физички напад заработиле прекршочни пријави, додека четвртиот инцидент е квалификуван како „оштетување туѓи предмети“ односно оштетување на опремата на новинарот.

Евидентно е дека полицијата постапувала окако новинарите ќе пријавеле насилство или какво било друго прекршување на новинарските права, што не е случај со Обвинителството (ОЈО) кое не беше поттикнато ни по допрен глас да отвори предмет во кој се прекршени правата и слободите на новинарите, посебно кога за тоа има сведочење од прва рака или случај како што е последното насилство и заплашување на новинарите во Арачиново.

Заман Македонија за заробената вистина во Турција

Комитетот за заштита на новинари, чие седиште се наоѓа во Њујорк, секоја година редовно објавува извештај за состојбата на новинарите во светот. Според овие извештаи, последните три години Турција е земја со најмногу уапсени новинари во светот. Токму поради овај факт, ССНМ, ги контактираше колегите од весникот Заман Македонија, кои не потсетија на уште една вистина за заробената новинарска професија поттикната од Стокхолмскиот цантар за слобода (Stockholm Center for Freedom) кој објави статија насловена како „Време е да се сопре Ердоган“, каде што главната тема се 191 новинар.

Според официјалните бројки, велат од Заман Македонија, 167 новинари принудно ја напуштиле земјата. Освен тоа, 34 странски новинари се протерани од Турција, а повеќе од 839 новинари се изведени пред судот со различни обвиненија.

Заман Македонија вели дека турските новинари најмногу се обвинувани за наводно учество во воениот удар кој се случи на 15 јуни 2016 година. Потсетуваат дека веднаш по воениот удар, приведени се колумнистите на весникот ЗАМАН, Мустафа Унал, Шахин Алпај, Али Булач, Ахмет Туран Алкан, Ибрахим Карајеген. Сите се осудени на затворски казни од 9 до 19 години.

„Парадоксално е тоа што турската влада, неколку месеци пред споменатиот воен удар го затвори весникот и го зема под своја контрола. Со тоа се постави и една апсурдна теза дека владин весник се обидел да изврши пуч против владата. Една друга причина за апсење на новинарите е тоа што голем дел од нив ги истражувале причините за сомнителниот воен удар. Голем дел од овие новинари тврдеа дека турската влада самата го изрежирала ударот за да воспостави целосна контрола врз неистомислениците. Еџе Севим Озтурк и Ахмет Шик се само дел од новинарите кои ги актуелизираа сомнежите во врска со воениот удар“, велат од Заман Македонија.

Покрај тоа, меѓу најмногу апсени се и новинарите кои пишуваа за корупцијата на турските власти. На пример Седат Сур е осуден на 11 месеци казна затвор затоа што пишуваше за корупцијата во општината Мардин, која е управувана од партијата на Ердоган.

„Пред воениот удар во 2016 година, во Турција маше 16 илјади судии и обвинители. Од нив 4.463 лица се обвинети за наводно учество во воениот пуч, по што се исфрлени од нивните работни места. На нивно место донесени се лица блиски до власта. Па така, моментална состојба на правдата во Турција е во катастрофална состојба, бидејќи останатите судии и обвинители се плашат да не бидат исфрлени од нивните работни места. Со тоа се рашири и стравот меѓу новинарите, кои се цензурираа себе си. Во моментов е многу тешко да се најде вест против владата во Турција. Има некои медиуми кои своите новинарски активности ги извршуваат од странски држави“, додаваат од Заман Македонија.

Едно од клучните прашања што се наметнуваат во ова тажна и потресна приказна за состојбата на новинарите во Турција е како тамошните новинарски здруженија се борат против насиството и заканите против новинарите.

„За жал, новинарските здруженија во моментот соработуваат со владата, поради стравот кој се рашири во општеството“, велат од Заман Македонија.

Сепак, има некое слабо светло во темниот тунел на новинарската вистина во Турција. Од колегите во Заман Македонија дознаваме дека дури тројца новинари успеале да истераат правда. За волја на вистината, ослободувањето на затворени новинари се случило под голем меѓународен притисок.

„Сега засега ослободени се новинарите како Мехмет Алтан и Ердем Гул, откако турските власти процениле дека ги исплашиле во доволна мерка. Ослободен е и Дениз Јуџел, преставникот на германскиот весник „Ди Велт“. Неговото ослободување е резултат на големиот притисок на германската влада. Новинарот Џан Дундар е ослободен по големиот меѓународен притисок врз турските власти“, велат од Заман Македонија.

Автор: Стојанка Митреска