Ниту еден новинар не треба свесно да кажува невистини или лажно да известува

Организација која во своето име го содржи зборот „етика“, може да се очекува да се соочи со некои незгодни прашања за тоа како достојните аспирации се вклопуваат во реалните закани од политичкиот притисок, корупцијата, па дури и физичките опасности со кои се соочуваат новинарите и медиумите. Крис Елиот и Ајдан Вајт од „Новинарската мрежа за етика“ во својот текст објаснуваат каде е границата до која секој новинар би можел да оди бранејќи ги новинарските стандарди зависно од условите во кои работи.

Каков совет има „Мрежата за етичко новинарство“ (ЕЈН) за новинарите посветени на етичко новинарство кои работат во угнетувачки и опасни услови?

Вакво прашање беше поставено минатиот октомври, на крајот од презентацијата на ЕЈН во Шри Ланка, на истакната група новинари на сесија наречена „Етичко новинарство е еднакво на одржливо новинарство“.

Во публиката беа радиодифузери, писатели, новинари и уредници со долгогодишно искуство на еден остров со турбулентно минато и сегашност.

Од крајот на војната против Тамилските тигри во Елам во 2009 година, во која се проценува дека повеќе од 150.000 луѓе беа убиени, рангирањето на слободата на печатот во Шри Ланка е подобрена – од 10 поени на 131 во глобалните листинзи објавени од „Репортери без граници“ (РСФ).

Сепак, новинарите се уште се соочуваат со сериозни пречки и опасности. Како што вели РСФ:

„Неколку месеци откако положи свечена заклетва како претседател во јануари 2015 година, Маитрипала Сирисена изјави дека сака повторно да ги отвори сите истраги за убиства на новинарите. Постигнат е одреден напредок во истрагата за убиството на Ласанта Викреамунга, но скоро сите други се уште се неказнети. Новата влада исто така изјави дека новинарите веќе не треба да стравуваат поради нивните политички ставови или поради нивното покривање на чувствителни теми, како што се корупцијата и кршењата на човековите права од страна на војската“.

Но, нападите врз новинарот Фреди Гамаж во јуни 2016 и почетокот на 2018-та година ги поттикнаа сомнежите на јавноста и на бранителите на слободата на медимите. Тамилските медиуми, честопати цел на нападите и цензурата и за време на граѓанската војна, и по официјалното завршување во 2009, се уште се на штрек. Во март 2016 година, министерството за парламентарни реформи и масовни медиуми им нареди на сите редакции на веб сајт да се регистрираат во владата или да станат нелегални.

Само неколку недели по презентацијата на ЕЈН во октомври, Шри Ланка се соочи со нова уставна криза кога претседателот Сирисена се обиде да го замени премиерот Ранил Викресминге со поранешниот претседател, Махаб Рапапакса обвинет, меѓудругото за напади врз медиумите. Едно лице беше убиено, а двајца беа повредени откако телохранителите на владиниот министер во Шри Ланка отворија оган врз толпа. Но, институциите на островот, особено судството, останаа цврсти и премиерот Викремесинг беше вратен во декември.

Незгодното прашање до ЕЈН во октомври го постави Виџит Де Чикера, кој е новинар и уредник повеќе од 20 години. Подоцна тој допиша:

„Ми се чини дека во примената на принципите што ги разликувате во практиката на „одржлива етика“ во новинарство, ние сме виновни за неколку грешки. Прво, ние ги третираме медиумите како монолитни, кога всушност постои традиционална дихотомија помеѓу издавачите и уредниците. Потоа, кога ќе ја додадете „државата“ на тројната низа –  прво новинарот, потоа сопственикот и на трето место политичарот, ми се чини дека етиката често се наоѓа во незавидна позиција – и тоа ја изоставува острата политичка прагматика поврзана со политичкото шиканирање“.

Па, каков совет би им дале на новинарите во Шри Ланка кои секојдневно работат во опасни компромитирани средини, земајќи ја во предвид практиката и вашето лично искуство?

Прашањето на Де Чикера не е соодветно, не само поради проблематиките во Шри Ланка. Слични прашања имаме слушнато и во други проблематични средини – Кина и Турција, кои се само две од останатите 30 семји каде што ЕЈН има работено од своето основање.

Друго прашање е како ЕЈН оправдува работење во тие земји, често во партнерство со оранизации кои всушност се виновни за потешкотиите во кои се наоѓаат новинарите.

Едноставно кажано, како ЕЈН го одржува етичкиот пламен кога работи во земји како Кина и Турција, две водечки земји, каде што цензурата и политичкото зло се практикуваат секојдневно преку пропагандата и дезинформациите?

На пример, во Кина, за да се добие пристап до главните редакции и новинари, ЕЈН работи со државните медиуми и со институциите кои се поврзани со владата, ако не се и дел од самиот државен апарат.

Во последниве пет години работиме со Здружението на новинари на Кина, група која долги години е поврзана со структурата на Комунистичката партија.

Разменивме делегации, воспоставивме здрави работни односи и неодамна заедно започнавме програма со водечка кинеска институција за новинарска обука, Универзитетот за комуникации на Кина.

Нашата цел е да работиме заедно за да развиеме алатки за учење на етичко новинарствно, да започнеме веб-сајт на кинески јазик за доблестите на етиката, доброто владеење и саморегулирање во медиумите и да одржиме дебати со кинески групи за етички прашања и проблеми, како што е справувањето со говор на омраза, известување за миграција и известување за родови прашања.

Никој овде не е наивен за предизвиците. Без разлика дали работиме во Кина или Турција, ЕЈН ја гледа заканата од политичката визија која го потчинува новинарството на пропаганда и влијание од власта.

Но, ние ги користиме можностите секогаш кога тие ќе се појават, за да разговараме со новинарите, да се ангажираат студенти и млади луѓе и да дебатираат со државните медиуми и креаторите на политиката за разликите во нашите пристапи кон теорија на новинарството.

Ние не мислиме дека промената ќе дојде брзо или лесно, но ја разбираме вредноста на дијалогот меѓу новинарите и медиумските лидери и секогаш ќе ја искористиме слободата што ни е дадена, отворено да зборуваме и да развиваме алатки за обука и информации за клучните етички принципи.

Враќајќи се на конкретното прашање на нашиот колега од Шри Ланка, кога станува збор за етички предизвици на поединци кои работат во угнетувачка средина, ЕЈН ќе ја обезбеди поддршката која може да ја даде, но не е наша цел да ги поттикнеме новинарите на бунт или акции кои може да ги доведат во ситуација на лежење во затвор или полошо.

Луѓето во ЕЈН научија да разговараат со новинарите, да споделуваат знаење и алатки за кои се надеваме дека можат да бидат корисни, на пример она што ЕЈН го дефинира како пет основи на новинарството.

Од петте, можеби најтешко е да се постигне независност во угнетувачките држави, било на сопственоста на организацијата или на материјалот што се бара.

Сепак, новинарите никогаш не треба да бидат пропагандисти и јасно е дека многу новинари и уредниции избраа да ги напуштат своите организации поради политички закани, наместо да го толерираат тој режим, кој е сротивен од она што новинарството би требало да биде.

Другите фундаментални принципи на ЕЈН се – точноста, непристрасноста, човечноста и одговорноста – кои се практикуваат до одреден степен, дури и во тешки услови.

На пример, точноста е клучна за она што го пишува новинарот, без разлика далии е тоа предизвик на владата или покривање на настан за собирање на фонд за добротворни цели.

Авторитарните земји обично се загрижени за предизвиците на нивниот авторитет, а не за правилата на интервјуирање или идентификување на деца под 16 години. Секогаш постои простор за разумни етички упатства во големината на покриеноста на вести: идејата дека етиката може да се добие дури и во наједнонставната човечка размена, во рамките на тие режими е само субверзивна.

Доаѓа момент за многу новинари кога тие се соочуваат со одлука за тоа дали да напишат текст кој може да ја стави нивната работа, слобода, па дури и нивниот живот на ризик. Не постои магична формула за да се донесе таа одлука; тоа е одлука на совеста, која ЕЈН никогаш нема да се осуди да ја донесе или критикува.

Соочени со оваа реалност, најголемиот дел од новинарите се учат на компромис и се учат да преживеат. Тие имаат фамилии кои треба да ги издржуваат, треба да заработат за живеачка, па затоа завземање став на висок принцип и напуштање на работата не е остварлива опција за повеќето.

Но, постојат граници. Ниту еден новинар не треба свесно да кажува невистини или лажно да известува.

Понекогаш, ќе биде невозможно да се продолжи, особено ако пристрастното новинарство ги таргетира правата и животите на другите.

Новинарите треба да знаат каде треба да ја исцртаат линијата и каде не можат да направат компромис. Во кратки црти, ЕЈН ги охрабрува новинарите да го прават она што можат, кога можат, каде можат, да бидат внимателни од закани и љубоморни на нашите стандарди: полека веруваме дека ова е патот за подобра иднина на новинарството.

Пишуваат: Крис Елиот и Ајдан Вајт