Притисоците стигнуваат од министри и пратеници, до возачи на директори

Новинарката Фатбарда Цури која неколку години работи во истакнатиот и влијатлен портал на албански јазик „Порталб“, медиумски проект на „Фондацијата Метаморфозис“, е една од колешките која ја искористи бесплатната телефонска линија на ССНМ и во текот на одржувањето на претседателските избори во 2019 година, се пожали на притисок. Со нејзе разговаравме за тој настан, но и пошироко за работата на новинарите од безбедносен аспект и пречките што ги имаат.

Што се случи за време на одржувањето на претседателските избори што ве натера да го пријавите случајот во ССНМ?

Во основни училишта каде најчесто се наоѓаат избирачките места на кои има комисии на ДИК, според правилникот на ДИК, претседателите и замениците претседателите на комисија, треба да дадат изјава во случај ако некој новинар покажува интерес за изјава. Но во практиката, од 9 избирачки места што ги поминав известувајќи за текот на изборите во општина Чаир, јас стигнав да обезбедам информација за излезноста и текот на гласањето само од две избирачки места. Ова е трошење време, енергија и пред се е нетранспарентност и неотчетност на членовите на комисиите, кои најчесто ми одговараа дека „дека не сакат да дават изјави“ и дека „немаат волја“.

Отпорот беше повидлив и поголем кога ќе видеа дека изјавата ја барам визуелно, со камера или со телефон. Сето ова траеше три часа, и на крај јас стигнав да добијам информација за бројот на гласачи само на две избирачки места од едно училиште, и ако бев во повеќе избирачки места во два училишта.

Во просек, на едно избирачко место процесот на мое преставување и нивните одбивачки коментари траеше и до 30 минути, бидејќи морав да се објаснувам и со неформални лица кои стоеа до избирачките места и почнуваа да зборуваат за ингеренциите, кои според Правилникот се спротивни.

Во моментот кога јас се обидував да им објаснам која е мојата е улога, и која е неговата улога, една друга девојка повика некого на телефон, а човекот со кого дебатирав за ингеренции пак, повика полицијата. Полиција дојде, и наместо да се обрати кај мене, да запраша што е проблемот, разговараа само мојот соговорник. Во меѓувреме јас ја известив и ДИК, и од таму го контактираа и мојот соговорник, но, пак ништо и без информација. Повикувањето на полицијата и објаснувањата од неформални лица за тоа што треба да правам, јас ги разбрав како закана и затоа се јавив на телефонот на Синдикатот, да го пријавам случајот.

Сте имале ли и други закани досега при извршувањето на вашата работа?

Други случаи, кои се повеќе, зборуваат за потценување или пак дискредитација, а тоа ми се случувало за жал од пратеници и министри. На пример, тие наместо да одговараат на нашите прашања, дават следни коментари: „Еден образовен новинар не треба да поставува такво прашање“, „не бидете некултурни“, и „имате право само две прашања, договорете се кој ќе ги поставува..“

Но, мене и на моите колеги и колешки ни се случувале и пораки по „Фејсбук“ на личниот профил или повици на телефон, во кои се наведува дека демантираат одредена вест или една информација, а на крај, ни демант ни ништо! Ова се случува дури и од страна на советници на одредени министертствата, кои во најголем случај, написите ги гледаат низ персонална призма. Па после ова, следат и возачите или блиски лица на директори и слично, кои после прес конференции те прашуваат: „Од која редакција си?“, „Кој ти е директор?“, „Со која партија сте?“, „Кој ти е татко, кај живееш?“… Ако ова не е притисок или закана и обид за цензура, можеби јас сум нешто грешка.

На какви други безбедносни ризици наидувате при извршувањето на вашата работа?

При известувањето од секојдневни настани, и при реализација на истражувачки стории според мене има многу пречки, повеќе отколку што се гледа на прв поглед.

Првата пречка настанува по автоматизам, ако има голем интерес од медиумите за покривање на одреден настан, кој бара повеќе простор и време за пренесување на вестта. Пречките се од два типа – суштински и технички. На суштински начин ние сме попречени од самите актери на настаните – додека ги поставуваме прашањата кон функционерите, тие често знаат наместо да одговараат на нашите прашања, да ги коментираат самите прашања или пак да ти кажуваат како се работи новинарство. Последниот случај беше додека известував за претседателските избори.

Технички, пречките се или од немање услови да се проследи настанот – нема место за сите, нема можност за пишан материјал од самиот настан, до ограничување на прашањата на „вкупно две“….

Што треба државата да стори за зголемување на безбедноста на новинарите кога тие ја извршуваат својата секојдневна работа?

За тоа треба добар закон или пак промена на Уставот, со која конечно новинарите ќе бидат заштитени кога се на јавен простор вршејќи си ја работата. Притоа тие треба да имаат дозвола да бидат секаде каде што ќе проценат дека има интерес на јавноста за одредена тема – од избори до протести, до посети на одредени објекти или места. И, во тој изменет или нов закон или уставни одредби, треба да се напише дека ако некој нападне новинар, е исто како да нападнал полицаец. Не полицаец кој има улога да врши обезбедување на јавен ред и мир, туку „полицаец“ кој го брани и го заштитува јавниот интерес и правото на граѓани да бидат информирани од секој агол, а не само на аголот што им се бендисува на функционерите од власта и опозицијата или лицата блиски до одредени бизнис или други елити.

Само што ваквата законска измена или решение, за да функционира, мора да биде проследена со казнивост во случаите на напад врз новинарите. Со таква зголемена безбедност, општеството ќе стигне и до поголем степен на слобода на медиумите.

Новинарот „полицаец“ кој го брани и го заштитува јавниот интерес и правото на граѓаните да бидат информирани. – Фатбарда Цури

Разговараше: Т. Блажевски