Во македонскиот јазичен еснаф најчесто се зборува(ло) за негативното влијание на англискиот врз развитокот на македонскиот јазик и за „заштита“ и „чување“ на македонскиот јазик. Денес, во 21 век, овие тези треба да се отфрлат. Вистинското чување на јазикот претставува неговото збогатување, меѓу другото, и со сите влијанија и спонтани појави во јазичната практика.
Во современиот македонски стандарден јазик, ако навистина сакаме да остане современ, а богами и стандарден, потребни ни се брзи и практични решенија. Живиот јазик е побрз од сите правописи, речници, академии, катедри и институти заедно. Треба да ја отвориме вратата за новите зборови, изрази и конструкции од јазичната практика. Оваа врата, покрај суштинска, може да биде во вид на електронска правописно-правоговорно-толковна платформа која ќе ја има важноста, тежината (да не речам, легитимитетот) на јазична норма.
Зошто е потребно ова? Еве како стојат нештата со неколкуте „свети писма“ на македонскиот стандарден јазик:
Правописниот речник на К. Конески сѐ уште се користи, но оваа година тој навршува 30 години постоење. Содржи околу 42 000 зборови.
Толковниот речник на македонскиот јазик на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ е последниот извршен попис на македонскиот зборовен фонд, со околу 100 000 зборови. Томовите се објавуваа 11 години, последниот том беше објавен 2014 година и сосема е разбирливо што новонавлезените зборови во јазикот нема да ги најдете тука.
Иако тимот што го изработи речникот се надеваше дека самиот лексикографски труд, но и целата картотека од којашто произлегол ќе се дигитализираат, тоа не се случи, па ваквата улога засега ја има Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Овој речник го има потенцијалот да биде токму таква правописно-правоговорна и толковна институција на мрежата во нормативна смисла, секако – со соодветна надградба.
Правописот на македонскиот јазик е, всушност, најновиот документ на којшто може да му се обратиме. Од 2017 г. е ставен на користење на интернет, но како е-книга (или, поточно, во пдф-формат), без можност да се ажурираат и дополнуваат примери, да се стави пример на проверка со укажување на правилото под кое потпаѓа или слично.
Поимникот на македонски зборови од областа на информатичката технологија е корисна алатка создадена како колективен труд на информатичари и јазичари, но датира од пред една деценија и иако областа насушно го бара тоа, овој поимник не се ажурира врз редовна основа.
ТВИТЕРЏИИ, ГУГЛАЊЕ И ПАУЕРПОИНТ-ПРЕЗЕНТАЦИЈА
Во неколку актуелни јазични ситуации чиешто разрешување сакам да го понудам ќе се повикам токму на наведените трудови.
Правописот на македонскиот јазик вели дека со голема почетна буква, меѓу другите, се пишуваат социјалните мрежи и компјутерските програми. Значи:
Фејсбук, Твитер, Мајспејс, Линкдин, Инстаграм, Вацап, Вајбер, Гугл, Гугл Земја, Гугл транслејт (или Гугл превод)…, но: фејсбук-профил, пауерпоинт-презентација, ексел-табела, гугл-мапи, твитер-заедница.
Со мала почетна буква, пак, се пишуваат жителите на населени места (но не и националностите), припадниците на расите, следбениците на различни движења, навивачките групи. По таа аналогија, корисниците на различните социјални мрежи треба да се пишуваат со мала почетна буква и, мошне важно, со она зборообразување коешто е веќе воспоставено во спонтаната јазична практика од самите корисници:
твитерџии, инстаграмџии, јутјубери, вацапери, фејсбуковци.
Нема потреба од наводници при нивното именување: тоа се зборови кои ги означуваат корисниците на мрежите и колку што се во мигов актуелни и нови, исто толку лесно може да преминат во архаизми и заборавени зборови, кога мрежата ќе се напушти или ќе биде надмината со друга. Во врска со можната неудобност на суфиксот -џија/-чија кај некои од овие изведенки, оваа зборообразувачка наставка има широка употреба во разговорниот јазик, обезбедува креативна широчина за говорителот и оттука, и претходно се препорачувала да се употребува без стеснување во новинарскиот публицистички потстил (Л. Минова-Ѓуркова, С. Груевска-Маџоска).
Информатичките термини како: интернет, веб, датотека, етернет, интерфејс, гигабајт, терабајт, мегабит… се веќе одамна навлезени во македонскиот јазик. Во поново време и биткоин, хаштаг (тараба), гиф или бот. Некои од нив сосема удобно се „сместуваат“ со (полу)превод: кликомамец за кликбејт или свиркач за обелоденувач. Во Поимникот на македонски зборови од областа на информатичката технологија за термините онлајн и офлајн се препорачуваат еквивалентните вклучен/исклучен (од линија), но тоа не е можно секаде, односно ваквата употреба е сосема ограничена, дури застарена во поново време. Па така, сосема зачестено се јавуваат синтагмите: онлајн новинарство, онлајн продажба (примерот го има во Правописот на МЈ), онлајн издание, онлајн услуги, онлајн плаќање сметки, офлајн навигација.
Се јавува колебање и за тоа како се пишуваат странските медиуми, организации и институции чиешто име е скратеница, но за тоа е Правописот јасен: се пишуваат според читањето на латиничните букви, со цртичка, а само првата почетна буква е голема:
Си-ен-ен, Би-би-си, Ен-бе-а, Ем-ти-ви, Ха-те-ве, Ај-би-ем.
Синтагмите од скратеница и друг збор или зборови се пишуваат полуслеано, односно со цртичка: ИПАРД-средства, ХИВ-инфекција, ГПС-уред, ЕУ-фондови, СМС-порака, ЛЦД-екран, 5Г-технологија.
Сепак, како резултат на зачестената употреба на на некои од скратениците, кај нив се јавува целосна лексикализација и тие се сфаќаат како општи именки. Така, по примерот на: веце, ласер, радар, бесеже, се јавуваат и диџеј, цеде/дивиди, уесбе, вифи, џипиес, пиар и сосема е прифатливо да се напишат така.
ДА ГИ ПРИФАТИМЕ ВЕТИНГ, БУЛИНГ, КОУЧИНГ, ГЕЈМИНГ…
Што да им правиме на новите зборови кои означуваат процеси, појави или поими што кај нас досега не биле познати или биле именувани описно? На зборовите за новите занимања што произлегуваат од социјалните мрежи и новите видови маркетинг, општествени улоги или хобија? Но и на оние нови зборови кои бескомпромисно навлегуваат иако имаат речиси идентични по значење македонски синоними? Малтретирање на работа – мобинг, врсничко насилство/малтретирање/задевање – булинг, проверка на стручноста – ветинг, јавно откривање на лажен профил на социјалните медиуми – доксинг, потоа: коуч/коучинг, тајминг, брифинг, пресинг, кастинг, бренд, борд, деск, таргет, кеш, џингл, бекстејџ, бекграунд, стендап, хепенинг, инфлуенсер, копирајтер, контент креатор/креатор на содржина, девелопер, букмејкер, гејмер/гејминг…?
Да ги прифатиме. Бидејќи станува збор, најчесто, за англизми чиешто значење на пошироката говорна заедница не ѝ познато, при нивното воведување треба да се објаснат или да се преведат, но секако треба да останат во јазичната употреба и да не се избегнуваат. Што би рекол Благоја Корубин, па потоа нека живеат зборовите секој на својот начин.
Жаргонската лексика од секојдневието поминато на мрежата:
адне/аднува, тагне/тагнува, френд/френдови/френдне/отфрендне, трола/тролање, гугла/изгугла/прогугла, постира, селфи, њусфид, скрола/скролне, хејта/хејтање/хејтер(и), шера/шерне/шернува, чета/четува, дилитне/дилитнува, скипне/скипнува, атачира/атачмент, акаунт, пасворд, пост/постира, пранкер(и)/пранкстери итн.
…исто така треба да се земе сериозно, иако најчесто станува збор за малку груба т.н. лингвистичка интерференција. Тоа се кованици од англиски корен и македонски суфикси кои, најчесто, имаат сосема соодветни синоними во македонскиот јазик: додаде/додава, пријател/се спријателува/от- или распријателува, бара/пребарува, споделува, брише, прикачува/прилог, објава/објавува итн. Сепак, оваа лексика е сериозно извориште за нови зборови. Веројатно креативните кованици самослик и себеслик нема да профункционираат за далеку посексапилното селфи. Или, секако дека може да се рече бара, пребарува, но глаголот гугла се однесува токму на потрага извршена на пребарувачот Гугл, а не на некој друг, да речеме. Токму затоа, при еден стандарднојазичен израз овие зборови треба да се проверат и да се употребат доколку нивното значење е токму она потребното, со наводници или без нив.
ЈАЗИКОТ ТРЕБА ДА СЕ ЗБОГАТУВА, НЕ „ДА СЕ ЧУВА“
Англискиот е лингва франка на овој и на претходниот век. Глобализацијата е и јазична појава. Онаа улога и престиж што ја имале латинскиот и старогрчкиот своевремено, а овде на Балканот и турскиот, рускиот, па и српскохрватскиот јазик – денес ја има англискиот јазик, и тоа насекаде. Некои автори зборуваат за глотофагија, за агресивно навлегување, за јазичен снобизам итн., а во македонскиот јазичен еснаф најчесто се зборува(ло) за негативното влијание на англискиот врз развитокот на македонскиот јазик и за „заштита“ и „чување“ на македонскиот јазик. Денес, во 21 век, овие тези треба да се отфрлат. Вистинското чување на јазикот претставува неговото збогатување, меѓу другото, и со сите влијанија и спонтани појави во јазичната практика. Многу од тие појави можеби и не се толку спонтани поради наметнувањето на англискиот јазик, но стилското освежување секогаш треба да се поттикнува.
Јазикот е фолклор. Не е индивидуално или лабораториско творештво. Секако, не ни паѓа на ум да го спориме влијанието на јазикот на поединецот, особено на писателот, врз говорната заедница. Но колективот од родените говорители на еден јазик, и во усна и во пишана форма, мошне често има исто толку истенчен усет за јазикот. Авторско-творечки нерв. Збогатувањето на фондот на зборовите настанува спонтано во јазичната практика на говорната заедница која го смислува, го обликува и го става во жива употреба токму тој збор, наставка, израз.
И тоа треба да се прегрне.
Татјана Б. Ефтимоска работи како професорка по Македонски јазик А: Литература во Меѓународните училишта НОВА. Магистрирала и докторирала врз теми од македонската книжевност. Авторка на многубројни текстови и неколку книги од областа на македонистиката.