Публикација „Новинарството како јавно добро“
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) отвора конкурс за авторски текст/анализа на тема „Новинарски акредитации или лиценци за борба против лажните вести? што ќе биде објавен во октомврискиот број на електронската публикација „Новинарството како јавно добро“.
Феноменот на лажни вести веќе подолго време го обременува јавниот дискурс и медиумите во Македонија, но и во светот. Досега речиси ниту една земја не најде вистински одговор на ширењето на лажните вести, кои особено брзо се шират преку онлајн медиумите и социјалните мрежи. Во македонската јавност изминативе месеци имаше низа дебати околу тоа како да се реагира на овој проблем.
Главните насоки се дека тоа треба да се решава со саморегулација, и со одвојување на професионалните од таканаречеите псевдо медиуми кои не ги почитуваат правилата и кодексот на новинари и со тоа прават огромна штета на професионалните медиуми и новинари. Тука се поставува и прашањето дали можеби освен издвојување на медиумите, треба да се направи и дистинкција на новинарите? Некои предлагаат лиценцирање, односно дозвола за работа, други бараат дистинкцијата да биде преку издавање таканаречена општа акредитација, трети сметаат дека секаков обид за класифицирање на новинарите отвара врата за замолчување и пресметка со оние кои кажуваат тоа што власта не сака да се чуе. Во ова издание на електронската публикација на ССНМ сакаме да ја отвориме оваа тема и да ги видиме искуствата кои се користат во другите земји и дали и како тие функционираат.
Конкурсот е отворен за сите членови на ССНМ, кои можат да испратат апликација на адреса [email protected]. Таа треба да содржи лични податоци на кандидатот (име и презиме, мејл и телефон), новинарски жанр со кој ќе биде обработена темата, краток опис на аголот (не повеќе од половина страница во ворд) кој сметате дека е релевантен за обработка на зададената тема.
Авторот ќе биде избран од тричлена комисија според квалитетот и оригиналноста на пристапот содржан во апликацијата. Текстот ќе биде хонориран со 100 евра (бруто).
Електронската публикација „Новинарството како јавно добро“ е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: справување со лажните вести“ во кој ССНМ е партнер на Македонскиот институт за медиуми, заедно со Медиа дајверсити институт од Лондон, Институт за комуникациски студии и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги. Проектот е поддржан од Европската Унија. Секој број на публикацијата обработува една поширока тема поврзана со професионалното новинарство, како и со проблемите и предизвиците со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници во Македонија.
Рок за аплицирање: 22 септември 2019
Рок за завршување на анализата: 30 септември 2019