5 совети од професорка по мајчин јазик за употреба на новите медиуми во наставата

Snezana StankovaМногу ме бендисува една поговорка која секогаш ја кажувам пред моите ученици: „Кога ќе дувне силен ветер, луѓето различно реагираат. Едни градат големи ѕидови, а други ветерници“. Исто така е и денес во секојдневието. Алудирам на новините што доаѓаат, меѓу кои и употребата на интернетот во наставата (едни се плашат од него, а други го прифаќаат како олеснување). „Сè е на тацна“, што би рекле, само треба да знаеме како да го земеме и да го употребиме, и ние наставниците, и нашите ученици. Искрено се надевам дека нема да поставиме барикади, туку дека (ќе) го користиме благодетот кој ни го нуди интернетот. Јас имам убаво искуство во праксата кое ми e од огромна помош во наставата:

  1. Линкови за учење – тие можат да помогнат и да го олеснат процесот на усвојување на знаења. За мојот предмет, македонски јазик, ги користам критиките и податоците како „провокација“ за поинтересна обработка на дело, а рецензиите за гледана театарска претстава. Со оглед на тоа дека учениците, за жал, сè помалку читаат, интернетот им нуди многу опции за помош полесно да се подготват за обработка на делото, да го најдат во електронска форма, да го слушаат, да компарираат. Но, секогаш треба да внимаваме што и од каде прибираме како информација. Тука, особено важен фактор се наставниците кои треба да бидат насока кон точно пребарување и истражување.
  1. Линкови за пишување и креативно размислување – интернетот ни нуди многу информации кои можат да го олеснат пишувањето. При креирањето состав, текст или есеј, учениците имаат огромни можности за прибирање податоци кои им требаат за задачата (статистики, податоци од истражувања, фотографии, вести и новитети). Покрај информациите, постојат и многу адреси на кои се дадени примери кои објаснуваат што треба да содржи еден состав за да биде оценет според највисоки критериуми. Со тоа, учениците, на лесен начин можат да учат и да целат кон висока оценка.
  2. НЕ! за плагијатите – Сето ова што го наведов потврдува дека интернетот ни нуди бескрајно многу податоци. Тоа значи и објавени писмени работи, матурски текстови, семинарски, магистратури и слично кои лесно можат да се најдат и да се препишат. Овие плагијати си го земаат данокот – слабо образование и неписменост. Секој плагијат е кривично дело за кое се одговара пред законот. Но, добрата страна на интернетот е тоа што ни нуди и заштита на веќе објавените материјали и нечии трудови (постои веб-страница на која можат да се проверат плагијатите). Затоа, ние наставниците треба да апелираме овие готови содржини да се користат за олеснување на работата во наставата, само како инспирација или извор на податоци.
  3. Брзо и едноставно до податоци од Правопис, Речник и сл. – сè помал е бројот на ученици кои ме прашуваат за правилата во пишувањето или за употребата на македонски зборови. Тоа е така бидејќи тие научиле да го користат „Дигиталниот речник“ или пак го нашле „Правописот“ во електронска верзија, па самите ги бараат потребните податоци. Со тоа лесно и брзо учат и помнат. Потоа, на Фејсбук, постојат одредени групи кои се занимаваат со проблематики од јазикот. Во нив има стручни кадри кои на интересен начин даваат одговори и објаснувања, па така учениците се едуцираат преку еден вид забава. Благодарение на интернетот, јас ги користам и на часовите по македонски, според наставната програма.
  4. Онлајн насилство – и покрај сите придобивки од интернетот, свесни сме дека се јавуваат и негативни страни. Посебно ме загрижува сајбер-насилството меѓу младите. Нашите ученици треба да бидат доволно слободни и свесни, секое и најмало вознемирување да го пријават кај наставникот, психологот или педагогот во училиштето. За да го постигнеме тоа, треба да го користиме слободното време од часот и со децата да разговараме отворено и без предрасуди. Само така можеме да го спречиме да ѝ наштети на младата популација.

Затоа, кренете ја раката и гласајте „За“. За придобивките од технологијата која може да ни ја олесни работата. Да учиме сите заедно, ние наставниците од учениците, тие од нас. Но кога велам да учиме, мислам во буквална смисла на образованието, а не да учиме непотребни и деструктивни работи, да се „расфрламе “ со лажни вести и да создаваме генерации полни со идеи за насилство. Сепак, интеренетот е благодет на 21 век.

Снежана Станкова,
Професорка по мајчин јазик и литература во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје