Подобро образование, помалку лажни вести

Kiril BarbareevЗамислете денес кога би имале ученици и наставници кои преку наставата би работеле на проекти во кое ќе снимаат, ќе обработуваат видео и аудио материјали, ќе пишуваат и анализираат текстови и би развивале критички дух кон медиумските содржини. На пример, учениците посетиле некоја институција, компанија, планетариум или болница. Тие треба да го снимаат тоа, а потоа да го обработат и да дискутираат.

Луѓето со децении се навикнати дека ако нешто прочитаат или слушнат некаде (книга, весник, вести, упатство, водич…) дека тоа е веродостојно, дека тоа некој претходно го проверил, редактирал, истражил, одобрил и дистрибуирал до вас како релевантна информација. Таква беше перцепцијата на генерации и генерации наназад. Но, вестите и информациите преку интернет стигнаа побргу отколку што можеа нашите умови да претпостават. Со брзината на интернетот целиот процес на редактура, анализа, одобрување и проверка е прескокнат и директно се оди на дистрибуција. Денес тоа што е напишано не мора и да е точно. Денес и тоа што е кажано на вести не мора да е веродостојно. И претходно луѓето лажеа, но денес таа лага може полесно и побрзо да стигне до нас. Променет е само начинот и брзината на дистрибуција на лагата.

Лажните вести постоеле отсекогаш. Обидот да се искоренат лажните вести од медиумите е исто како обидот да се искорени не искреноста меѓу луѓето. Но сепак, тоа не значи дека не треба да се преземаат мерки за подобро или покритичко читање на медиумите. Најсилното оружје против лагата и лажните вести е образованието. Медиумската писменост е нешто кое треба да има многу сериозна улога во образовниот процес. Меѓутоа не само медиумска писменост како предмет кој се бори со феноменот на лажни вести, истражувањата покажуваат дека колку поквалитетно образование имаат граѓаните, толку потешко можете да протнете лажни вести, колку подобро образование толку по критички луѓето ќе ги восприемаат и вестите.

Во низа на истражувања за тоа кои земји се најотпорни на дезинформации, на врвот од листата скоро секогаш се земјите од северозападниот дел на Европа (Финска, Данска, Холандија, Шведска, Естонија…), и тоа се земји кои имаат најголем потенцијал за отпорност на влијанијата на лажните вести, но и најголем критички поглед на нештата во светот. На последното место, или земја која има голема подложност на негативното влијание во повеќе сегменти на општеството како и на т.н. лажни вести е Македонија која вообичаено како и за многу други теми е на последното место или околу последното место.

Едно друго истражување „Анализата на Канцеларијата на Светска банка во Македонија“, потврдува дека досегашните образовни реформи не го трансформирале, не го подобриле образовниот систем доволно за да им помогне на најголемиот број ученици да ги достигнат основните знаења“.

Антон Семјоновиќ Макаренко (1888-1939) напишал многу книги и статии за педагогијата, но една од најпознатите негови книги „Педагошка поема“  е прогласена за десетте највлијателни книги за педагогија во 20 век. Зошто го споменувам овој педагог? Тој во 1935 година работи со 3.000 млади луѓе кои ги составувале познатите фотоапарати ФЕД под негово раководство, споредбата е како  хај тич во денешно време.

Замислете денес кога би имале ученици и наставници кои преку наставата би работеле на проекти во кое ќе снимаат, ќе обработуваат видео и аудио материјали, ќе пишуваат и анализираат текстови и би развивале критички дух кон медиумските содржини. На пример, учениците посетиле некоја институција, компанија, планетариум или болница. Тие треба да го снимаат тоа, а потоа да го обработат и да дискутираат. Тие учат да работат со компјутери, со видео, аудио и со пишување текст. Работат со нив и ги објавуваат резултатите од нивната работа на интернет на веб страницата на нивното училиште. Во процесот на работа со овие материјали тие се здобиваат со определени вештини кои ќе им помогнат во идните професии, а најголемата придобивка е развојот на нивната креативност и критички дух.

Овој пример скоро и да не можете да го пронајдете во реалноста во нашиот образовен систем. Или ќе го пронајдете кај наставници ентузијасти кои своето образование го изградиле повеќе преку неформалниот систем на образование.

Зошто ова се ретки појави во нашиот образовен систем?

Постојат повеќе причини. Прво, врз основа на европски стандарди, меѓународните препораки и конвенции, Македонија дури не се ни обидува да ги следи образовните политики за концептот на медиумското образование односно медиумската писменост. Во нашето општество ништо не е суштински направено по прашањето за медиумско образование. Без никаква стратегија, без ниту малку да се преземат  и подржат позитивни искуства од земји и примери кои тоа добро знаат да го прават.

Второ, денес кога медиумите и образованието се силно поврзани, кога имате силни показатели дека децата најголем дел од своето време го поминуваат со некој вид медиум, тогаш, може ли медиумското воспитание да не биде или да се нема стратегија за потребата од медиумската писменост, како една од најважните писмености во 21 век. Овие прашања УНЕСКО ги отвори 1960 г.

Образовните политики на развиените држави поаѓаат од ставот дека училиштето е клучната институција за посредување на знаења и вештини за медиумската писменост. Училиштето е родното место на новиот подобар свет на нашето општество, училиштето треба да се изгради во „место за живот на младите“.

Автор: Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки – Штип

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.