Време: 31 октомври (четврток) 2019 година, 11-12 часот
Предавач: Васко Попетревски, уредник на емисијата „360 Степени“
Новинарите како никогаш досега се соочени со напливот на информации и дезинформации и честопати се исправени пред сериозна дилема дали се точни или не. Но, темелната проверка е еден од клучните филтри во професионалното новинарство. Дознајте како се верификуваат информациите во редакцијата на „360 Степени“, како се поткрепуваат фактите, дали и кога им се верува на изворите… Во едночасовното интерактивно предавање, реномираниот уредник и новинар Васко Попетревски ќе сподели вакви и слични дилеми и искуства стекнати во речиси дводеценискиот стаж.
За кого е наменето ова предавање:
Студенти на новинарство, на комуникации, на односи со јавноста; Млади новинари кои сакаат да го потврдат или збогатат своето знаење за професионалните стандарди во новинарството; Активисти и претставници на граѓанскиот сектор кои се занимаваат со медиумската писменост.
Што ќе научите од ова предавање:
- Принципи и стандарди за веродојност и точност во информирањето;
- Практични совети за користење бесплатни бази на податоци;
- Дали и кога да им верувате на изворите;
- Како да ги избегнете најчестите грешки кои ги прават медиумите.
За предавачот:
Васко Попетревски е новинар и уредник на емисијата „360 Степени“, која од 2014 година се емитува на ТВ „Алсат“. Претходно работел како репортер и уредник во неделникот „Граѓански“ (2012 г.), дневниот весник „Дневник“ (2009-2011 г.) и телевизиите „Канал 5“ (2003-2009) и „А1“ (2001-2003). Дипломирал на студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје како најдобар студент во генерацијата.