Колку што интернет е алатка за ширење сериозни информации, толку ја дава и можноста на луѓето да ја изразат својата несериозност. Мимовите ги исмеваат тековните настани, популарната култура и сериозноста на светот. Ја сатиризираат политиката. И ова им е потребно на многу луѓе, посебно на младите.
Седам на тросед спроти еден пријател. Не зборуваме. Повремено, ќе слушнам едно пинг од телефонот и заедничка смеа помеѓу нас. „Дали си го видел ова?“, мојот пријател се смее, а мојот телефон го покажува звучниот сигнал за известувања. Како што седиме еден спроти друг, така и си праќаме пораки – како што едно пинг-понг топче се одбива од масата. Иако личи дека сме „анти-социјални“, ние комуницираме, вклучени сме во модерен начин на комуникација – разменувајќи си интернет мимови.
Ако сликата вреди илјада зборови, колку зборови има во еден мим?
Верувам дека начинот на кој конзумираме информации буквално го смени нашето битие.
Платежното средство во социјалниот свет е влијанието. Влијанието, објаснето како можност да ги натераме другите да направат нешто или да постапат на некој начин, а моќна алатка да се постигне тоа е мимот.
ЛЕСЕН ФОРМАТ И ГОЛЕМА ИРОНИЈА
Мимови претставуваат фотографии или видеа со текст и содржина која треба да предизвика смеа кај тој што ја добива. Мимовите се популарни поради нивниот лесен формат за употреба и големи нивоа на иронија кои изгледа дека се потребни во светот. Кога луѓето се уморуваат од сериозноста, тие се исмеваат на нешто. На фотографија или видео на интернет, не на вистински луѓе.
За мене, мимовите направија неверојатна револуција кај миленијалците (луѓе родени од 1981 до 1996 година) и генерацијата З (луѓе родени од 1997 година до ден денес). Го сменија начинот на кој размислуваме, живееме, како го гледаме животот и како реагираме на него. Мимовите се популарни на платформите како Инстаграм, Твитер, Редит, Фејсбук и Тамблр.
Колку што интернет е алатка за ширење сериозни информации, толку ја дава и можноста на луѓето да ја изразат својата несериозност.
Мимовите ги исмеваат тековните настани, популарната култура и сериозноста на светот. Ја сатиризираат политиката. И ова им е потребно на многу луѓе, посебно на младите.
Уморни сме од тежината на светот. Уморни сме од очекувањата од општеството и стресот од училиште. Психолошки, потребно ни е да бидеме прифатени. Мимовите се вклопуваат во таа рамка. Ја задоволуваат нашата основна потреба, и се валидираме меѓусебно поради тоа.
Несфаќањето на младите, технологијата, модерниот начин на живот и новите проблеми создадoa генерациски јаз од страна на бејбибумерите (луѓе родени од 1944 до 1964 година) кој кулминираше со мимот наречен „ok boomer.“ Со овие два збора, младите сечат и отфрлаат. Мимот подразбира дека постарата генерација погрешно ги разбира миленијалците и културата на генерацијата З, толку карактеристично, што години на надменост и погрешно претставување доведоа до ова намерно подбивање и отфрлање. Наместо да ги бранат одлуките што произлегуваат од длабоки економски судири, младите не инвестираат во акции и фондови за пензионирање, тие купуваат авокадо наместо житарици – односно тинејџерите и младите си го живеат животот.
Не велам дека нашите животи се потешки од тие на било која друга генерација, но ние на овој начин се справуваме со тоа: користејќи го интернетот.
ПРОБЛЕМОТ СО МИМОВИТЕ
Проблемите започнуваат кога оваа безопасна култура на споделување мимови станува одвратно помагало за употреба на расизам и исмејување на физичкиот изглед во најголем дел. Скриената реалност на овие шеги се покажува кога ги повредува чувствата на поголема група луѓе.
Лошото однесување на интернет има свои санкции. Пред 2 години десет средношколци кои требало да започнат со студиите на Харвард ги изгубиле своите понуди за прием поради објавување расистички и сексуални мимови во група со неколку примени ученици.
Ова воопшто не соодветствува со правилен кодекс на однесување на интернет. И ова е еден од мноштвото случаи. Затоа, ве молам, бидете пофини и на интернет и во живо, дечки.
ВЛИЈАНИЕТО НА СОЦИЈАЛНИТЕ ПЛАТФОРМИ
Тешко е да се долови важноста и влијанието на социјалните платформи за општеството во овој момент. Некои од најголемите, најважните општествени промени во последните години се случиле токму од активизам катализиран од морален бес споделен на социјалните мрежи. Многу политички движења не би постоеле без социјалните платформи за споделување мислење.
Младите преку мимовите ја разбираат политиката. „Мим културата“ ги привлече младите кон марксизмот, се вели во една статија. Со создавање едноставни фотографии со текст се објаснува голем политички проблем на многу лесен начин. Споделувањето на овие фотографии овозможува младите да се вклучат во дискурс од кој најчесто се исклучени. Социјалните мрежи овозможуваат либерализација на различните мислења и нивно споделување.
Но ова е круцијалниот проблем: социјалните мрежи веќе ни го потиснуваат гласот и ние се бориме против тоа.
Начинот на кој моментално ни се претставуваат медиумските содржини не е ниту неутрален ниту непристрасен.
Светот го чувствуваме како поопасен. Улиците ни се помалку безбедни. Нападот врз нашите вредности е постојан. Заканите се чувствуваат како пореални.
Најактуелен пример во моментов, беше шпекулацијата за започнување Трета светска војна. Младите луѓе во САД, од кои би се очекувало да се вклучат во војна, и иранските граѓани со реалноста се справуваа токму со мимовите.
Непријателот е таму некаде – само проверете го вашиот времеплов (тајмлајн) со новости.
Како млади луѓе – секој од нас – ќе продолжиме да го користиме интернетот, и мимовите нема да згаснат. Тие ќе продолжат да ги менуваат политиките и односите меѓу луѓето. Мора да внимаваме на мимови со навредливи содржини. Тоа не значи дека не треба да се забавуваме, туку значи дека треба да поттикнеме хуман, инклузивен и зајакнувачки начин на споделување свое мислење.
Во најлош случај, социјалната штета е веќе направена. Социјалните мрежи се имаат инфилтрирано во нашите животи и влијаат многу значајно на нашата рутина, на начин кој ја минира продуктивноста, можноста за фокусирање и долготрајна работа. Сепак, можноста за прокрастинирање (одложување на обврските) треба да се искористи затоа што доведува до поголема ефективност на долгорочен план.
Автор: Стефан Митиќ, средношколец во гимназијата „Орце Николов“, Скопје