Време е да се справиме со неписмените вести

Писменоста за вести помага да се користат критичките вештини за да се процени новинарското известување, дали е кредибилно, дали можеме да се потпреме на него дека е вистинито. Ова е единствен начин за справување со лавината од лажни вести.

Невистинити, погрешни вести – лажни или спинувани, непроверени информации, само преземени и така пренесени, сеење говор на омраза, вулгарности, безобразности, навреди и етикетирања, поради ставот, поради различноста од кој и да е вид, поради битката за поголема читаност/гледаност. Сѐ во име на демократијата, слободата на изразување и слободата на мислење.

Но, всушност, креирањето на еден таков амбиент во функција на некаква божемна цел поплочена со добри намери во која често нема основни елементи на професионалното пренесување на вестите отсликува состојба на непознавање или непризнавање на правилата на писменоста за вести. Како никогаш досега светот се соочува со наплив од различни медиуми, односно различни можности за пласирање информации од секаков вид. Трката да се соопштат вестите што побрзо и што поинтересно е огромна и во таа брзаница и натпревар да се биде позанимлив од сите останати, сѐ почесто гледаме помалку писмени текстови. Гледаме и мали букви на местото каде што треба да бидат големи и обратно, погрешно напишани имиња, грешни поврзувања на настаните со луѓето, читаме и гледаме сѐ и сешто од содржински, лекторски и редакторски аспект некоректно, во ерата на битката за писменост за вести.

Од првите печатени букви на Јохан Гутенберг и појавата на печатените медиуми, преку електронските од средината на минатиот век до глобалната комуникација, појавата на социјалните медиуми, до мобилните телефони, компјутерите и безбројните портали, платформи и вмрежувања со секого, од секаде, од каде и да е, новинарството претрпуваше и претрпува огромни трансформации. Традиционално, промените се поврзуваат со појавата и развојот на технологиите кои неминовно носат огромни промени во општествата и навиките на луѓето.

Дефиницијата на писменоста за вести е суштински содржана во Првиот Амандман на Уставот на САД: „Способност да се процени кредибилитетот и веродостојноста на новинските извештаи – и зошто тоа им е важно на луѓето“. Моќта на веста е неприкосновена, а со тоа и моќта и можностите на новинарите. Новинарот Роберт Пестон од Би-би-си ќе изјави „Неверојатно е колку различни начини постојат да допрете до луѓето. Ова е феноменално. Поради тоа, мојата работа е повозбудлива и поинтересна од кога и да е порано“.

Прашањето е дали новинарството е различно и зошто треба да биде различно од другите форми на информацијата, односно како да се распознаваат вестите кои вредат да се објават за вашата средина и тие да се спакуваат на интересен, но вистинит начин поткрепен со факти. Важно е новинарите, а преку нив и јавноста, да умеат да прават разлика помеѓу веста, пропагандата, рекламата, забавата, публицитетот, сировата информација односно вест пренесена таква каква што е, без да се провери дали е точна и да се чуе најмалку и другата страна од приказната.

Писменост за вести, според Шесте принципи на писменоста за вести, претставени од Radio Television Digital News Association Foundation е „Стекнување на вештини за критичко размислување во 21 век, за анализа и проценка на веродостојноста не вестите и информациите, разликување помеѓу фактите, мислењата и тврдењата во медиумите што ги следиме, создаваме и дистрибуираме. Може да се научи најефикасно преку меѓу-настава заснована на истражување на сите нивоа. Тоа е неопходна компонента за писменост во современото општество“.

Писменоста за вести подразбира дека новинарите секогаш треба да имаат предвид оти мора да имаат потврда на фактите, независност и одговорност. Во пренесувањето и креирањето на вестите треба да се знае што некоја информација ја прави вест, кои вредности треба да ги содржи за таа да заслужи да биде објавена.

Писменоста за вести подразбира осознавање на различностите помеѓу фактите и она што се презентира како медиумска вистина, дефинирање на релевантни информативни извори, дали нив може да им се верува, дали се тие вистинити или измислени, и како може да се препознава што е вест како пренесени факти а што мислење, став, коментар без поткрепа на релевантни податоци за пласираната вест.

Ова, всушност, според правилата на Центарот за писменост на вести на Стони Брук Универзитетот (Center for News Literacy at Stony Brook University) подразбира идентификување на вистинска и релевантна вест (reliable news) и разликување од она што би значело мислење (separate news from opinion) а што ќе ни помогне во барањето на презентирањето на вистината – едно од основните начела и правила на новинарството.

Писменоста за вести помага да се користат критички вештини за да се процени новинарското известување, дали е кредибилно, дали можеме да се потпреме на тоа известување дека е вистинито, дали е нешто вредно за објавување во јавноста. Ова е единствен начин за справување со лавината од лажни вести (fake news) кои од прва заведуваат, шармираат, поттикнуваат интерес и се закануваат да ги потиснат вестите кои ја кажуваат вистината.

Анализата на состојбите во државата укажува дека во Македонија многу малку се знае за тоа што е писменост за вести како што малку се знае и за тоа што е медиумска писменост. Граѓаните речиси и да не слушнале за поимот, како што се ретки и оние меѓу стручната јавност кои се во состојба да ја дефинираат писменоста за вести или разликата од медиумската писменост. За неа најчесто се мисли дека е „писменост“ на медиумите или описменување на медиумите, а не способност на поединците да ги разликуваат медиумските содржини односно правилно да ги читаат пораките. Истовремено, во државата нема јасен и прецизен одговор зошто писменоста за вести е потребна и суштинска за развојот на демократијата и зошто ги засега сите слоеви на општеството (децата, младите, возрасните). Развиените демократски општества не им оставаат на поединците самостојно да се грижат во стекнувањето знаења и вештини за оваа појава туку поттикнуваат различни општествени стратегии за сеопфатно медиско описменување согласно меѓународните препораки и примери. Во оваа насока исклучително полезно би било воведување на предмет во училиштата што би се занимавал со изучувањето на писменоста за вести, можност младите да осознаваат како да ги препознаваат вистинските информативни вредности. Влијанијата на медиумите се огромни и тие не се само последица на нивната сеприсутност туку преку посебниот начин на презентитање, креирање, соопштување на различните видови медиумски вести и пораки играат огромна улога во нивните животи. Избегнувањето, односно игнорирањето на медиумите не обезбедува заштита од нивното влијание. Токму спротивното, треба да се разберат правилата според кои тие функционираат, создаваат и креираат вести, за да може критички да се обсервираат и да се разберат можните манипулативни појави при сооптшувањето на различните информации. Лицата кои ќе осознаат што е писменост на вести можат да ја разберат и работата на медиумите, и содржината што тие ја пласираат а се во интерес да се биде правилно и вистинито информиран.

Автор: Јасмина Миронски

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.