Совети како да известуваме во врска со корона вирусот и како да го забавиме ширењето на лажни вести

Во време кога светот е „гладен“ за навремени и точни вести во врска со корона вирусот, добро е да видиме на кој начин новинарите можат да ја информираат јавноста со потребните информациите.

Автори: Victoria Kwan, Claire Wardle и Madelyn Webb.

Известувањето за „Ковид-19“ претставува повеќекратен предизвик за новинарите. Известувачите имаат обврска да им обезбедат навремени информации на читателите – што не е лесна задача имајќи ја предвид тековната неизвесност околу вирусот – и тоа да го направат со тон што ниту ќе ги уплаши луѓето, ниту ќе ја намали сериозноста на ситуацијата. Засилувањето на дезинформациите и лажните вести е нешто што треба да нè загрижи, но исто така и засилувањето на стравот.

Ова се првите предлог совети за тоа како треба да изгледа одговорно известување во врска со „Covid-19“. Истите се изготвени врз основа на разговори со новинари кои покриваат здравство и научни теми, потоа со стручни здравствени лица и професори по новинарство. Исто така ги консултиравме и нашите постојни материјали за обука и неколку одлични водичи за тоа како да се известува за корона вирусот а кои се дадени при крајот на овој текст.

СОВЕТИ ЗА ОДГОВОРНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ВО ВРСКА СО COVID-19

  • Избегнувајте сензационалистички фрази кои би довеле до поголем страв
  • Избегнувајте користење на генерички фотографии кои ги поттикнуваат стереотипите и предизвикуваат поголема паника
  • Не шпекулирајте за најлошите можни сценарија
  • Посочете им на читателите конкретни активности кои би можеле да ги направат
  • Насочете ги читателите до официјални извори на информации
  • Да знаеме кои прашања треба да ги поставиме за ново истражување
  • Разговарајте со повеќе од еден експерт
  • Не секоја гласина заслужува медиумско внимание
  • Ако покривате гласина, во преден ред (во насловите) посочете ги фактите
  • „Преџвакајте“ го сложените информации (на пример, нивоа на ризик) да бидат поприемчиви
  • Избегнувајте навредлив јазик
  • Утврдете кои прашања ги поставува вашата публика и поставете ги тие прашања
  • Изворите на податоци, датумите и контекстите ставете ги во мапи и графикони.

Избегнувајте сензационалистичко известување

Емотивните фрази, како што се „не се гледа крајот“, „превирање“, „убиец“ и „катастрофа“ може да ви привлечат повеќе кликови, но тие исто така можат да придонесат за чувство на растечка паника, за што предупредуваат и здравствените работници, епидемиолозите и виролозите – а тоа е точно спротивно од смиреноста која ни е потребна.

Новинарите треба да ги препознаат „и природата на заканата и својата одговорност да управуваат со емоциите на публиката, а не прекумерно да шират страв“, вели професорот Карин Вал-Јоргенсен од Универзитетот во Кардиф, кој го проучува користењето на емоциите во новинарството и го следи известувањето за коронавирусот во поважните весници на англиски јазик.

Внимавајте со фотографиите

Размислете внимателно во врска со евентуални фотографии или слики и наведете контекст. Обидете се да не користите генерички слики кои ги поткрепуваат стереотипите. На пример, пред да употребите фотографија од Азијат кој носи маска за лицето, прашајте се дали таа фотографија е релевантна на вашата приказна. Дали субјектите во вашата приказна се Азијати? Дали вашата приказна се однесува на ефикасноста на маските за лице во спречувањето на ширењето на вирусот? Здружението на американски новинари со азијатско потекло објави корисни упатства за избегнување на поттикнување на ксенофобијата и расизмот во известувањето за „Ковид-19“.

Истото важи и за слики што можат да предизвикаат непотребна паника. Дали тоа што ќе употребите фотографија на луѓе во заштитни комбинезони би предизвикало аларм кај читателите? Дали користите слика на брза помош со празна носилка што чека да влезе во домот? Размислете за влијанието на главните слики во ситуација која се зголемува загриженоста за влијанието на вирусот.

Не шпекулирајте и не барајте од експертите да шпекулираат за најлошите можни сценарија

Слично на тоа, барањето од експертите или од изворите да шпекулираат или да даваат сензационални изјави не е секогаш добро за читателите. „Треба да се фокусираме на она што го знаеме“, советува Вал-Јоргенсен. Редакциите исто така треба да кажат она што не го знаат.

Посочете им на читателите кои конкретните активности можат тие да ги преземат

Професорот по новинарство од Универзитетот во Минесота, Емили Врага, забележува дека неизвесноста нè прави да се чувствуваме непријатно, што пак нè прави поранливи на дезинформации кои звучат самоуверено. Таа препорачува да се потенцираат активностите кои се одобрени од стручни лица за да се спречи ширењето на вирусот. „Конкретните чекори кои се конкретно поврзани со коронавирусот можат да бидат мошне корисни, бидејќи им дава чувство на контрола на луѓето“.

Упатувајте ги читателите на официјални извори на информации

Стручните и експертски извори, како што е Светската здравствена организација, ќе ги имаат најдобрите информации за јавноста. Подобрувајте ја довербата која вашите читатели ја имаат кон здравствените организации и стручните медицински лица (откако сте провериле дека може да им се верува) со цел вашата публика да знае кому да се обрати за препораки во иднина.

Внимавајте кај истражувањето кое е извор на информации за вашето известување

Како што посочи новинарка Роксане Камси во првиот нацрт (а тоа го истакна и Ројтерс во еден неодамнешен текст), се забележува ширење на пред-принтови во врска со „Ковид-19“ уште од самите почетоци на неговото ширење – овие пред-принтови се научни трудови кои сè уште не се разгледани од колеги. Иако е факто дека некои од нив можат да дадат корисни информации за најновите истражувања, други промовираат поинакви тврдења и истите не треба да се засилуваат.

Ако користите вакви пред-принтови како извор на информации, Камси препорачува консултација со независно научно лице пред да објавите.

Разговарајте со повеќе од еден експерт

Вашето известување засновајте го на повеќе од она што го кажува само едно лице, советува Камзи. „Согледајте го целокупното опкружување. Различни виролози имаат различен дел од сложувалката. Пазете се од оние лица кои тврдат дека знаат сè.“

Размислете за преломната точка кога одлучувате на кои гласини ќе им посветите внимание

Не известувајте за гласини кои циркулираат само во тесен круг или на кои им е посветено минимално внимание. Ова се пет прашања за утврдување дали гласината ја има достигнато преломната точка:

  • Колку луѓето се ангажирале во врска со таа гласина и како тие бројки се споредуваат со слични содржини достапни на платформата?
  • Дали за гласината се дискутира само во ограничен круг на интернет?
  • Дали гласината е присутна на повеќе платформи?
  • Дали таа гласина ја споделува инфлуенсер или проверен извор?
  • Дали големите медиуми известувале за гласината?

Ако одлучите да разоткриете гласина, фокусирајте се на фактите, особено во наслови и во твитовите

Некои од материјалите за обука укажуваат на тоа дека новинарите можат да го забават зајакнувањето на гласините така што нема да го користат јазикот на гласината во насловите на своите вести. Ние сега ги рафинираме овие идеи – редакциите треба да ги прилагодат своите наслови на различни платформи и да повлечат јасна разлика помеѓу наслови кои го гледа публиката на социјалните медиуми и наслови кои се појавуваат тогаш кога публиката бара информации при пребарување на интернет.

Насловите кои публиката најверојатно ќе ги види во фидовите кои се управувани од алгоритам, како што се оние на Twitter и на Google, размислете дали тие можеби веќе ја виделе или ја слушнале гласината. Целта е да се избегне зајакнување на гласината. Новинарите не сакаат погрешно да ги информираат своите читатели ако тие го прочитаат само насловот, така што избегнете непотребно повторување на гласината при нејзината корекција.

Сепак, за наслови кои можат да се најдат преку пребарувачи на интернет, како што се Google, Bing па дури и YouTube, фактот дека читателите веќе пребарувале со одредени клучни зборови е знак дека ти веќе ја слушнале гласината. Во овој случај, нејзиното засилување е нешто што треба помалку да нè загрижува, туку целта е да се дојде до читателите кои пребаруваат во врска со гласината, да истата почне да се шири и да доведува до страв. Вклучувајќи ги тие клучни зборови во нашиот наслов би можел да им помогне на тие читатели побрзо да ја најдат вашата содржина и со тоа е помалку веројатно дека ќе западнат во вртлог од дезинформации (види делот за вртлози од податоци подолу).

Насловните се од клучно значење затоа што, дури и ако текстот потоа убаво објаснува зошто гласината е погрешна, повеќето од читателите ќе го прочитаат само насловот или твитот.

Ако имате простор, размислете за техниката развиена од лингвистот Џорџ Лаков „сендвич на вистината“: започнете со вистината, посочете ја лагата (без притоа да го користите конкретниот јазик на лагата) потоа вратете се на вистината. Како што посочуваат Бриони Свајер – Томпсон и Улрих Екер од Школата за психологија при Универзитетот во Западна Австралија, посочувањето на лагата пред да посочиме дека е лага „може да ја зајакне сличноста со заблудата и потенцијално да ги зголеми ризиците дека заблудите потоа погрешно ќе бидат запаметени како вистини“.

Содржината нека биде едноставна за разбирање

Нека биде едноставно и кратко. Користете графикони за да ги илустрирате поентите и водете сметка вистината да биде лесна за читање (така што ќе ставите задебелени или подебели букви, на пример) во споредба со гласината. Не ги посочувајте сите заблуди. Нашиот мозок се мачи да разграничи што е точно а што е погрешно, особено ако читаме нешто набрзина. Утврдете интересни и едноставни начини да се фокусирате на фактите и да дадете конкретен совет за тоа кои чекори треба да ги преземат луѓето.

Избегнувајте навредливо изразување или исмевање

Стравот кај луѓето од вирусот има основа, дури и ако некои теории се погрешни. Лажен лек можеби ќе ни се чини дека е ирационален, но ако го нарекуваме „бизарен“ или „чуден“, тоа да може да  ги одврати читателите или да доведете до тоа двојно повеќе да им веруваат на своите убедувања. Анксиозноста е многу нормална реакција во одредени ситуации со која новинарите можат подобро да се справат преку емпатија наместо преку расудување.

Утврдете кои прашања ги поставуваат читателите во врска со Covid-19 и пополнети ги празнините од податоци преку услужно новинарство

Мајкл Голебиевски од Микрософт го има „исковано“ терминот „празнина од податоци“ за да укаже на оние пребарувања кај кои „достапните релевантни податоци се ограничени, или не постојат, или се суштински проблематични.”

Како што пишуваат Голебиевски и Дана Бојд (од Друштвото за истражување и податоци на Микрософт), читателите се соочуваат со вакви празнини „кога се појавува бран од нови пребарувања кои претходно не биле правени, како што луѓето користат имиња, хаштагови или други информации“ за да дојдат до одговори. Медиумите треба да размислат за прашањата или за клучните зборови во врска со корона вирусот кои читателите најверојатно би ги користеле за пребарување, да видат кој ги создава содржините поврзани со овие прашања и да ги пополнат празнините од податоци со валидни содржини.

Ова е кадар од страницата со резултати од Google ако пребараме „дали можат да се заразам од корона вирус од пакувања“?. Читателите кои пребаруваат со овие зборови ќе видат некои медиумски приказни за тоа колкави се трошоците на американскиот Сенат за итно справување со корона вирусот, што веројатно не е она што луѓето сакаат да го видат.

Притоа, оваа празнина од вести успешно ја пополнуваат Универзитетот во Харвард и „Вашингтон Пост“ (и тоа го прават успешно со користење на оптимизација кај пребарувачите) со објаснувања во кои се содржани клучните зборови „корона вирус“, „пакети“ и „кина“. Овие зборови се директно присутни во насловите. Ова е пример кога во насловите се споменува самата гласина и тоа им помага на публиките да најдат квалитетни содржини кои даваат одговор на нивното прашање.

Обмислувајте внимателно

Исто како и кај насловот и текстот, визуелизацијата на она што го објавувате треба да биде точна и не треба да всадува страв. Го препорачуваме блогот ArcGSI на Кенет Фиелд во врска со одговорното мапирање на корона вирусот и еден скорешен текст за карти кои се погрешно насочувачки.

Еве пет примери за наслови каде се користат внимателни формулации

The Seattle Times: Факти за новиот корона вирус и како да се спречи COVID-19
Овој наслов оди директно на поентата, без некои воведи и без да всадува страв, и истовремено ја едуцира публиката за тоа на што да се внимава.

The Atlantic: Што можете да направите сега и веднаш во врска со корона вирусот
Тука се наведени едноставни совети од кои секој е дополнет со наслов кој е јасен, прецизен и кон не претендира на сензационализам.

The Jakarta Post: Како најдобро да ги миеме рацете за да се спречи ширењето на корона вирусот
Ова пример како вашите читатели да се информираат за едноставни и конкретни чекори кои можат да ги преземат за да се заштитат себеси и своите заедници.

LA Daily News: Натрупувате залихи тоалетна хартија поради корона вирусот? Бидете подготвени но не претерувајте, вели одговорното лице за здравство во Лос Анџелес
Весникот LA Daily News ги предупредува читателите да не купуваат панично, без притоа да го исмева таквото однесување и да не внесува страв. Исто така им посочува и официјално лице од здравството.

CNN: Десет поуки од азиските држави за тоа како да се живее со епидемијата на корона вирусот
Овој наслов е во насока на ублажување на нелагодноста кај читателите, истовремено суптилно укажувајќи на тоа да не се создава расположените против Азијатите т.е. да не се обвинува Кина за вирусот.

Дополнителни ресурси за одговорно известување во врска со Covid-19

Текстот е преземен од First Draft

Линк до оригиналниот текст: https://firstdraftnews.org/latest/tips-for-reporting-on-covid-19-coronavirus-and-slowing-the-spread-of-misinformation/