Вистината – оружје против лажните вести

Финците сериозно го сфатиле проблемот и борбата против лажните вести, односно препознавањето на вистината е дел од наставните предмети, па на часовите по математика основците учат дека е лесно да се создаде лага со помош на статистиката, а на наставата по мајчин јазик вежбаат како зборовите да се употребат со цел некој да се збуни или измами.

Читај, слушај, (дез)информирај се. Таква е реалноста во медиумската сфера. Шилото како да затапи, па до вистината не се доаѓа лесно. Всушност, стана непрепознатлива, бидејќи се појавуваат многу „вистини“.

Не-вестите, односно лажните вести одамна се познато средство за манипулација со јавноста. Но, по спојот со интернетот бележат експанзија – брзо се пренесуваат и достапни се секому. Освен тоа, „вистинотворците“ се активни и лажните информации се лиферуват во низа. На тој начин, пак, се намалува можноста за проверка. И, воедно, се постигнува целта – насочување на вниманието кон одредена тема и искривоколчување на јавното мнение. Тоа се тактиките присутни во секојдневието, во предизборните кампањи, во клучните моменти… Особено кога се на повидок крупни чекори и потези. Или, како што е во актуелниве услови со корона-вирусот, кога поради напливот од лаги и полувистини, од Светската здравствена организација (СЗО) произлезе и изразот инфодемија (кованица составена од зборовите информација и епидемија). Па, освен на чисти раце, експертите инсистираат и на здрав разум.

Бадијала деманти

Притоа, мора да се посочи дека не секоја вест е лажна. Доволно е само да се извади од веродостојниот и да се смести во наменскиот контекст. И, работата е завршена, зашто луѓето лесно го восприемаат и прифаќаат она што сакаат да го слушнат, што е блиско до нивните размислувања и е лесно прифатливо. Потоа, бадијала деманти. Веста го постигнала посакуваниот ефект, а негирањето и евентуално посочените контра-докази се губат во брановите од реакции и коментари. Штетата е направена.

„Лажњаците“ не се специјалитети кои излегуваат само од политичките кујни и за остварување исклучиво политички интереси. Се креираат и во обиди за добивање повеќе кликови, за раст на тиражот, читаноста, гледаноста, може и за забава, но ги има и во деловниот свет. Речиси и нема поле кое не е погодно за пласман на невистини.

Во сиот тој хаос, страда новинарството. Кај добар дел од јавноста доминира мислењето – кој што сака пишува и секој може да биде новинар. Што не е далеку од вистината, но сепак, не може да се генерализира. Токму поради тие кои професионално ги извршуваат своите задачи и се во служба на правовремено и коректно информирање на јавноста, инфлацијата од лажни вести треба да се совлада.

Оттаму и потребата од медиумско описменување на јавноста, со што ќе се насочи кон алатките кои ќе и помогнат да ги препознава и да ги разликува нијансите на белата и на црната боја. Па и да ги наѕира другите бои, како би можела да гради свој сопствен критички став.

Препознавање на вистината

Затоа, читателите треба да стекнат нови знаења и навики. За почеток, да го погледнат Регистарот на професионалните онлајн медиуми. А потоа, и да ги прифатат препораките кои се дел од борбата која во светот се води против лажните вести: читателот да ги истражува страниците кои се извор на вести; да не ги прифаќа здраво за готово насловите, особено сензационалистичките, туку да го прочита текстот (често, она што е во насловот го нема во содржината на информацијата); да види дали е некој потпишан и ако е, дали е личност на која може да и се верува; да се проверат дополнителни извори, како и датумот на објавување.

Сепак, најважни се предрасудите и ставовите. Кога човек ќе се ослободи од предрасудите, ќе има почиста мисла, трезвено ќе ги гледа нештата и ќе може да заземе став. Што е од извонредно значење при проценката за тоа – каква е веста, вистинита или лажна.

Но, тоа се учи. Најдобро, од мали нозе, како што тоа го прават Финците, кои сериозно го сфатиле проблемот и борбата против лажните вести, односно препознавањето на вистината е дел од наставата во основните училишта. Така, на часовите по математика децата учат дека е многу лесно да се создаде лага со помош на статистиката. На часовите по ликовно дознаваат дека може да се манипулира со значењето на некоја слика. На историја се проучуваат пропагандните кампањи присутни низ вековите. А, на наставата по мајчин јазик вежбаат како зборовите можат да се употребат со цел некој да се збуни или измами. Сето ова со визија дека на овој начин од децата ќе произлезат одговорни и активни граѓани и гласачи.

Сепак, за учење никогаш не е доцна. Освен тоа, и борбата меѓу доброто и лошото е вечна. Навистина, Финска е далеку, во секој поглед. Но, вистината треба да ни е блиска. Со вистината како оружје може да се совладаат лажните вести. Иако на моменти тоа се чини невозвожно.

 

Автор: Маја Анастасова

Маја Анастасова 25 години од својот професионален ангажман ги бележи во новинарството. Работела во дневни весници и неделници, во кои ги минала сите скалила од новинар почетник до главен уредник. Ги следела, анализирала и коментирала случувањата на домашниот терен, политички и економски. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.