Во услови кога сме заробени дома поради коронавирусот, учењето и професионалниот ангажман, кои бараат меѓусебна комуникација, неопходно е да се одвиваат преку интернет. Какви веб апликации постојат за организирање онлајн видео-конференции, интерактивно учење и оценување во училиштата и сл.?
Новите услови ни наметнаа дигитилизирање на сите наши активности, без разлика дали се работи за учење, меѓусебна комуникација, споделување различна содржина, или пак извршување различни професионални ангажмани и организација на заеднички активности. Но, сите активности не можеме да ги спроведеме преку една иста платформа. Се зависи од тоа каков уред користите или имате можност да користите вие и вашите соговорници, но зависи и од типот на активноста – дали ќе споделувате документи или ви треба само платформа за аудио/видео повик во кој едноставно ќе имате краток состанок. Сите платформи функционираат различно и се користат за различни цели.
Барате апликации за видео конференции со поголем број учесници?
Најчесто се користат:
WEBEX – Вашиот бесплатен план за состаноци на Webex ви овозможува состаноци со 50 учесници, HD видео, споделување екран и приватна онлајн просторија за состанокот. Ова е релативно добра можност не само да држите состанок, видео конференција, да поставувате прашања, ами и да ја користите и како панел сесија, со можност во еден дел од екранот да се прикаже и презентацијата што сте ја подготвиле – share screen. Сите учесници ќе можат да ја видат, слајд по слајд, и во исто време да поставуваат прашања на чет просторот каде што подоцна ќе се осврнете на одговорите.
EVENTORY е комплексна платформа за мрежен софтвер, алатка за управување со настани и алатки за маркетинг за професионални организатори на настани. Таа ќе ви послужи доколку сте организатор на голем настан со голем број учесници. Верувајте, учесниците ќе ви бидат благодарни што не ги бомбардирате со мејлови, туку на оваа платформа ги поставувате сите важни информации за нив, од агендата до разни инфо пакети и документи. Без разлика дали станува збор за конференција, саем или за корпоративна манифестација, апликацијата Eventory и онлајн платформата им овозможуваат на корисниците повеќе алатки и услуги за да го извлечат најдоброто од настанот, како за нив самите, така и за другите учесници. Со Eventory, корисниците можат да градат дигитална агенда, да создадат моментална комуникација помеѓу корисниците и другите учесници на настанот, да соберат и да анализираат податоци по настанот со цел да извлечат заклучоци и во иднина да носат подобри деловни одлуки.
ZOOM е апликација која е многу лесна за користење. Во основната варијанта може да учествуваат до 100 учесници, за повеќе ќе мора да имате дополнителни поставки и многу веројатно тоа ќе ви го наплатат. Апликацијата се користи и преку телефон и преку лаптоп, за што треба да имате камера на лаптопот, но не значи дека мора да ставите ваша фотографија. Во моментот на конференцијата може слободно да го исклучите видео преносот, а сепак да сте присутни. Секако, за да бидете дел од ова мора да го имате Meeting ID – бројот на видео состанокот и Лозинка за влез на видео состанокот. Лозинката ќе треба да ја впишете откако ќе го кликнете линкот, за да можете да влезете во онлајн состанокот. Најважно е оваа лозинка да не биде видлива, бидејќи на тој начин и други ќе може да се приклучат. Ако користите ZOOM и ја имате симнато, само направете update, бидејќи се воведени нови карактеристики, во делот на приватноста и безбедноста на вашиот компјутер. LIFESIZE апликацијата за видео конференција работи на кој било вид платформа и уред. Сè додека уредот има камера и микрофон, апликацијата го поддржува. Како резултат, корисниците можат лесно да се поврзат и да учествуваат на состаноци каде и да се, и со кој било уред што го користат. Единствено што може да ве ограничува е бројот на учесниците – максимум до 25.
JITSI MEET може да ја користите за видео конференција и апликации за инстант пораки за веб-платформата, компатибилно за Виндоус, Линукс, Mac OS X и Android. Има и Jitsi Calendar кој може да ви ги поврзе настаните и повиците. Сé зависи од тоа во колкава мера сакате да ја користите апликацијата. Доколку сакате да го користите Jitsi Meet, погледнете го видео упатството.
За конференциски повик во кој нема да учествуваат многу луѓе добро е да ги разгледате следните опции:
GoogleDuo и Google Hangout. За ова секако ви треба Google Account. Доколку состанокот не е за повеќе од дванаесетмина, а не ви треба ниту да споделувате содржина од вашиот десктоп – екран, ова е корисна, брза и едноставна апликација за користење. На многу едноставен начин имате високо квалитетни видео повици за паметни телефони, таблети, компјутери. Зависи и од тоа кој пребарувач го користите, но ако ја користите веб верзијата на Chrome нема потреба да додавате никакви екстензии (extensions). За користење на оваа апликација ви треба листа од контактите од вашиот телефон.
Google Meet/Hangouts има ограничување во видео повиците до 25 луѓе, додека во чет просториите може да имате до 150 профили. Каква е техничката разлика со Google Duo? Па, најмногу со тоа што ви овозможува да разговарате со другите во chat room додека трае видео сесијата. За разликите повеќе погледнете овде.
За полесно управување со документите можете да ги користите:
Google Docs или Microsoft Office 365.
За зачувување на документите на интернет можете да ги користите
Drop Box или Google Drive.
Немате пристап до службениот компутер? Доколку имате потреба од дома да се поврзете со вашиот работен компјутер, тогаш ви ја препорачуваме апликацијата Anydesk.
Барате лесни апликации за евалуација на наученото и интерактивно учење? Наставници, олеснете им го учењето на вашите ученици преку разни игри:
Mentimeter – штом еднаш ќе ја користите оваа апликација, без „менти“ потоа нема да можете да држите час, обука или да направите брза евалуација.
Kahoot – секогаш ја користам за моите обуки. Прекрасна интерактивна алатка, платформа базирана на игри и квизови. Учесниците ќе ви бидат и повеќе од благодарни доколку ја користите оваа алатка во едукацијата.
Sli.do – погодна алатка за поставување прашања и модерирање на содржината на големи конференции, но и во вашата онлајн училница. Поставувањето прашања никогаш не било полесно од страна на оние ученици кои се срамат да ги постават „гласно“, бидејќи само модераторот во онлајн просторот го гледа прашањето и одлучува дали да биде поставено јавно пред целата група. Групата потоа има можност да гласа кое прашање е најважно да се одговори.
Discord – и наставниците и учениците би ја сакале оваа апликација. Потребно е да се симне за да се биде дел од учество во дигитални конвенции, простори за цртање и игра. Адаптирана е за игри и размена на информации преку отворање ралзични екрани меѓу играчите. Особено е интересна за наставници по математика, кои може да ја користат во часови по геометрија, каде што во исто време се предава и црта, а учениците ја следат конструкцијата.
За тоа како се користи подетално може да видите овде:
А овде може да го прочитате и Водичот за родители, доколку вашето дете ја користи.
Сакате да учите со вашите деца?
CodeMonkey е прекрасна алатка за тоа, а и ќе ви треба ваквото знаење за се’ поголемата дигитализација. CodeMonkey е учење за кодирање, користејќи вистински јазици за програмирање. Тоа е забавно и паметно учење засновано на игра, за кое не е потребно претходно искуство.
3 D Learning – 3DL е апликација што може да ја преземат наставниците и учениците од Macstore, Windows store, Google Play и Appstore. Обезбедува над 1000 елементи со содржина – 3Д модели, видеа и анимации. Студентите и наставниците можат да го користат за учење и предавање. Корисниците можат да направат свои видеа, да одговорат на квизови и загатки.
BeD платформата ќе им овозможи на наставниците да држат лекции од далечина, давајќи им ја поддршката што им е потребна на учениците, преку постојано учење. Преку своите мобилни уреди, учениците и наставниците можат да продолжат со одржувањето на часовите и оценувањето. Платформата овозможува и персонализирана интеракција. Во текот на овој процес, тимот на BeD обезбедува постојана поддршка, од континуирана обука до зачувување на содржините. Финските власти ја одобрија BeD за користење како педагошки фокусирана платформа во таа земја, дизајнирана да ги задоволи наставните потреби на секое училиште. Некои од можностите на BeD вклучуваат мобилна апликација за искуствено учење, план за градење на наставните програми според блокови/парчињаи интерактивно мапирање на она што е потребно за да се ангажира студентот, односно дизајнирано учење и флексибилно искуствено учење.
ClanBeat апликацијата е наменета за наставници, училишта, колеџи, универзитети или какви било образовни институции. Clanbeat е поддршка за развој на поединци и заедници при учењето. Clanbeat е погодна за сите образовни институции кои го поддржуваат развојот на учениците кои учат сами.
Многу од платформите овозможија бесплатен пристап и користење во следните месеци заради COVID 19.
DUGGA платформата за оценување им овозможува на наставниците да создаваат, закажуваат и да одржуваат лекции, испити и задачи на Интернет. На едноставен начин, наставниците можат да состават часови за далечинско учење, вклучувајќи оценување на знаењето на нивните ученици и со тоа да обезбедат упатства, повратни информации за ученикот/групата ученици, да испраќаат филмови, аудио датотеки, слики, линкови и друг материјал во училницата.
Дигиталната писменост веќе не е само вештина, туку и потреба. Ова особено во ситуации кога сме принудени да користиме онлајн образовни алатки и/или едукација преку различни медиуми, социјални медиуми, (чет) групи за комуникација онлајн, итн.
Технологијата ни се наметна многу побрзо отколку што бевме подготвени да ја користиме. Затоа неколку совети што значи правилно користење на интернетот и како да се заштитиме и онлајн: Доколку користите небезбедна интернет конекција можете да користите апликации за VPN или за пасворди. За оваа намена ги препорачуваме: TunnelBear или LastPass.
Интернетот нуди премногу алатки за споделување содржина. Останува Вие да го дизајнирате вашиот онлајн простор согласно вашите потреби.
Автор: Лилјана Пецова – Илиеска
м-р Лилјана Пецова – Илиеска е основач на ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување, Програмски директор за приватност и интернет, како и еден од основачите на Форумот за управување на интернет во Македонија. Има претходно десетгодишно работно искуство во Министерството за внатрешни работи, по што следи 4 годишна советодавна позиција во Дирекцијата за заштита на личните податоци, каде беше дел и од експертската работна група на Меѓуресорското тело за заштита на човекови права на РМ.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.