Младите не само што можат да ги стекнат вештините за медиумска писменост, туку тие можат да бидат и нејзини најголеми промотори, или амбасадори. Бидејќи тие не само што можат да ги препознаат лагите и манипулациите квалитетни содржини кои ќе мобилизираат публика и ќе едуцираат туку со мала помош се и бескрајно креативни и можат да продуцираат.
Медиумската писменост сѐ почесто се поврзува со младите. Голем број активности на владините агенции, но и на граѓанските организации, се насочени токму кон младите граѓани. Несомнено затоа што стана јасно дека свеста за медиумите, за важноста на правилното примање на информациите и нивното разбирање мора да се научи од мала возраст. Од друга страна, на медиумската писменост сосема површно и се пристапува во образовните програми за основците и средношколците. Затоа, пак, последниве неколку години Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Инстиутот за комуникациски студии, но и други организации и медиуми се обидуваат училиштата и учениците да ги вклучат во своите активности кои ќе помогнат да се изградат медиумски свесни и будни млади луѓе. Сепак, обидите да се доближат медиумите до младите не треба да се остават само на волјата на одредени организации, туку потребен е стратешки пристап бидејќи технологијата ни покажува дека нема друг начин на борба со лажните вести, освен со нивно разобличување и внимателно едуцирање на населението.
Оттука, колку младиот човек подобро ги познава медиумите, работата на медиумите и нивната улога, толку полесно ќе ја разбере и својата улога, но и одговорност да се штити јавниот интерес. Каква улога би требало да одигруваат медиумите во јакнењето на медиумската писменост? Како може да се користи нивното влијание, особено на медиумите од локален и регионален карактер кои работат во помалите градови и региони? Најверојатно многу повеќе одошто мислиме. Бидејќи медиумите во малите места се дел од заедницата. Новинарите се присутни меѓу граѓаните, голем дел од содржините што се емитуваат се поврзани со настани од локалното опкружување, па и влијанието на медиумите врз младите може да биде силно.
Младите – амбасадори на медиумската писменост
Сѐ почесто се истакнува дека телевизијата не е медиумот на младата генерација. Општо е прифатен фактот дека младите се деца на дигиталното време. Но, сепак, перцепциите се една, а статистиките се сосема друга работа. Годишните анкети на АВМУ ни говорат дека само 10 отсто од младите на возраст од 10 – 19 години гледале некој телевизиски канал во текот на денот. Но, на неделно ниво, дури 90 отсто од испитаниците на оваа возраст одговориле дека гледале некоја телевизиска програма. Прашањето, значи, не е дали младите гледаат телевизија туку што гледаат на телевизија, и каква програма треба да им се понуди? Меѓу другото, локалните медиуми имаат свои интернет платформи, профили на социјалните мрежи. Колку од нив се користат и им се нудат на младите за да ги придобијат како следбеници, и да ги едуцираат за медиумите?
Младите не само што можат да ги стекнат вештините за медиумска писменост, туку тие можат да бидат и нејзини најголеми промотори, или амбасадори. Бидејќи тие не само што можат да ги препознаат лагите и манипулациите туку со мала помош се и бескрајно креативни и можат да продуцираат квалитетни содржини кои ќе мобилизираат публика и ќе едуцираат. Тоа се покажа минатите неколку месеци, кога средношколци од Струмица изработија куси видеа кои ги разобличуваат термините како сензационализам, лажни вести, злоупотреба на медиуми и слично. Креативните видеа се изработуваа со поддршка на ТВ ВИС, се емитуваа на телевизија и на јутјуб каналот, а средношколците масовно ги споделуваа на социјалните мрежи. Ова само покажува дека вклучувањето на младите во процесите е еден од најефикасните начини да ги придобиете. Но и дека традиционалнте медиуми мора да се развиваат со помош на алатите што ни ги даваат дигиталните медиуми, бидејќи публиката не смее да ве следи само преку етер.
Подготвени да запалат нов оган на знаења
Прекинувањето на наставата во училиштата во државата не затекна среде изработка на телевизиски прилог со средношколците од Богданци за одбележување на Европската недела на медиумска писменост што ја реализираме со Институтот за комуникациски студии. Средношколците требаше да ги лоцираат грешките и недостатоците во учебниците за средно образование и како тие застарени и погрешни информации придонесуваат за девастација на образовниот систем. Од друга страна, медиумот со кој младите соработуваа, ТВ ВИС претрпе сриозни штети во пожарот што ја зафати. Така, наместо соработка во телевизијата и во училиштето помеѓу ученици и новинари, целата менторска активност се одвиваше онлајн. На тој начин, средношколците не само што ја увидоа сериозноста на медиумската професија, туку стекнуваа вештини за работа во вонредни околности, работејќи комплeтно дигитално: онлајн состаноци, онлајн насоки, онлајн соработка, снимања и проверки. Прилогот го завршија во рекордно време, максимално посветено и одговорно, што во конкретната ситуација беше пријатно изненадување.
Оттука, треба да знаеме дека младите се како светлоносен оган и многу е важно со што ќе го разгоруваме за да не чади и да не ни го мати видикот. Светот на младите луѓе е преполн со информации, тие се „зоон медиум“ (медиумски битија), но не се сосема свесни дека нивното присуство на интернет, на социјалните мрежи ги прави луѓе-медиуми кои пренесуваат вести, креираат содржини и даваат информации.
Ако некогаш сум верувала во нешто непоколебливо тоа било: бистрината на младоста, знаењето и добрината. Позитивниот код на сите овие поими чинам не само што можат да го спасат светот, туку тие суштински го придвижуваат напред. Немам никаков сомнеж дека младите умови ќе ја надминат својата генерација, колку и негативни примери да се посочуваат, појавуваат, протнуваат. Но, за да се насочи бистриот ум на младиот човек кон прогресот, тој секако базично мора да се прочисти и да се отфрлат сите стигми, стереотипи што го ограничуваат и врзуваат.
Во време кога сите сме на интернет и кога е отворен прозорецот на светот, и ние самите сме прозорец, кој во кого гледа? Веројатно тоа што сме затворени зад нашите вистински прозорци е убава можност малку повеќе да погледнеме во имагинарните, да го почувствуваме времето во кое живееме и времето кое го трошиме и да се насочиме кон буквално описменување кое значи читање преку повеќе видови стакла: прозорски, информациски или замислени. Ако не успееме да го направиме тоа, најверојатно следната генерација ќе има многу повеќе работа и многу повеќе проблеми од нас.
Автор: Сузана Мицева
Сузана Мицева е главен и одговорен уредник на вести во регионалната телевизија ВИС. Дописник е за телевизија Телма од Југоисток, а уредува и списание за литература, „Зенит“. Дипломирала Оперативен менаџмент, а во моментов е на постдипломските студии по Менаџирање на стратегиски комуникации при Институтот за комуникациски студии во Скопје, а студира и Македонски јазик и книжевност на УГД.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.