Ајде сите ширачи на лаги, ако се толку храбри, нека излезат на улица и нека почнат со масовно гушкање. Или можеби „цвикаат“, бидејќи слушнале дека се уште нема докажан третман за болеста или вакцина за коронавирусот.
Веројатно припаѓам на мнозинството кое со секое отворање на очите најпрвин се фаќа за телефонот да провери што се случило додека сме биле од онаа, другата страна на свеста. И некако, секое ново соочување со реалноста е се полошо и пострашно. Не знам дали светот оди во аут, сега со коронава или одамна е отиден, само што на тоа не мислев за време на Косовската криза во 1990-тите и подоцна, во конфликтната 2001 година, кога се околу нас се распаѓаше исто како и сега.
Можеби причината е што сега „непријателот“ е непознат, невидлив и ептен непредвидлив на што постојано укажуваат бројни медицински авторитети дома и во светот кога ламентираат за вирусот кој тотално не парализира. Наспроти нив, пак, се оние кои веруваат во теоријата на заговор односно дека големи тајни друштва, моќни држави и корпорации решиле да го тестираат човештвото поради нивните лукративни, мрачни и какви ли се не интереси.
Елем, со првото отворање на очите се обидувам да разграничам што е вистина а што лага од она што се сервисира преку социјалните мрежи и добар дел од онлајн медиумите со недефинирана сопственост и „људство“ кое се продава како новинарство.
Лаги опасни по живот
Иако на прв поглед тие и таквите предизвикуваат потсмев, всушност се опасни по живот. Во ситуација кога секој ден умираат луѓе од коронавирусот, ѓаволот и ора и копа, па ги убедува лекомислените дека оваа наводна измислица не е ништо поопасна од другите грипови и несреќи кои го маваат човештвото од сите страни. И оп, ете ја статистиката за сезонските грипови, за сообраќајните несреќи кои косeле повеќе животи од короната. И тоа, демек, докажува дека биле во право. Ма браво! Ајде тогаш, ако се толку храбри, сите тие нека излезат на улица и нека почнат со масовно гушкање, или пак „цвикаат“, бидејќи можеби слушнале дека се уште нема докажан третман за болеста или вакцина за коронавирусот.
Како и да е, Американската агенција за глобални медиуми испрати препораки базирани врз најдобрите практики за справување со лажните вести за време на пандемија.
Станува збор за практични предлози како да се препознаат лажните вести без да се жртвуваат вестите засновани на професионално проверени и пренесени факти – проверка на факти за време на пандемија. Пандемијата на коронавирусот и зголемената побарувачка на вести и информации создаде идеален терен за размножување дезинформации низ целиот свет, од страна на политичари, сомнителни социјални медиуми и приватни ликови кои манипулираат за сопствени интереси и шират невистини на отворените и на приватните платформи.
Препораки за лечење од лажни вести
Кога станува збор за коронавирусот, експертите, известувачите, истражувачките центри и непрофитните организации ги советуваат новинарите на следново:
- Немојте да се мешате во безначајни или неjaсни лажни информации што кружат на социјалните медиуми. Ова го одвлекува вниманието на публиката од главното прашање и всушност може да послужи за засилување на лагата и да предизвика натамошна конфузија. Бидете селективни при изборот на лагите кои сакате да ги разоткриете и да ја поправите штетата.
- Носете одлуки засновани врз важноста на лагата, нејзиното потенцијално влијание, како и на корекцијата – на пример, погрешна или лажна изјава на политички лидер наспроти теоријата на заговор со низок профил што кружи во ќошињата на социјалните медиуми.
- Ако е можно, немојте да ја потенцирате или да ја повторувате лагата! Ако вашата публика е запознаена со митот, таа ќе го препознае веднаш, без тоа експлицитно да и се повтори. Ако не е запознаена, избегнувајте и понатаму да го засилувате митот за лагата. „Сендвичот на вистината“ може да обезбеди ефективен пристап, што значи прво да се започне со вистината, проследено со лажното тврдење, па натаму со уште една корекција.
Гаргара со виски
Во секој случај, борбата продолжува а исходот е неизвесен. Сега за сите животот е на „стенд бај“ ама новинарството, покрај некои други клучни професии, за среќа, не е. Не е исто како порано, потешко е! Пресови преку видео конференции, или прашања по имејл. Одговорноста, пак, е уште поголема – како кон професијата, така и кон колегите во Радио Слободна Европа (РСЕ). Се делиме по тимови, некој работи од канцеларија, некој од дома, па малку и на улица, како и сите други редакции. Тенка е линијата меѓу предизвикот да се заврши работата и опасноста колегите да бидат изложени на вирусот. Постојана дезинфекција, па маски, ракавици, чуда за кои човек и не знае дали сто отсто заштитуваат. А како и човек да знае кога се јавуваат лекари меѓу кои едни порачуваат – носете маски, други велат, не носете или, надвор – НЕ, внатре – ДА. За заштитните ракавици, пак, ич да не зборуваме. Секоја држава со свои правила. И затоа, на сета мака, стави маска – симни маска, како освежување дојде лекарската препорака за гаргара со виски.
Автор: Зоран Ќука
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.