Зошто сме медиумски неписмена нација

Кај нас нема квалитетна универзитетска логистика или академска поддршка за медиумската или дигиталната писменост која треба да се развива во научната област медиуми и комуникации и нема соодветно универзитетско образование или соодветни интердисциплинарно поставени студии за медиумски професионалци

Медиумската писменост е функционална писменост на третиот милениум и има многу големо значење во изградбата на функционално и демократско општество. За да донесете едуцирана одлука како избирач – гласач, или како потрошувач – купувач на производи кој прави перцепција на нивниот квалитет, или како граѓанин кој има еколошка свест, или е во улога на родител, активист, професионалец кој дејствува во одредена област, мора да се снаоѓате со медиумската агресија борејќи се со милион информации, реклами, огласи, соопштенија, искреирани вести, колумни, видеа, лажни вести, дезинформации итн. Медиумите денес во најшироко значење (мрежи, таблети, телефони, игри, портали, профили, платформи, тв, весници, веб-страници, филм, радио, игри) се главниот агенс во сите видови на социјализација и знаење. Од друга страна, се поголема е потребата да се учат нови технологии и да се поседуваат вештини за комуникации и работа со медиумите. Оваа состојба е општествен факт кој го заслужи научниот фокус.

Многумина социолози, теоретичари на медиуми, комуниколози истражуваат и пишуваат на овие теми. Областа медиуми и комуникации е се поактуелна и веќе е самостојна и респектирана научна област во која може додипломски да се едуцирате, да магистрирате, да докторирате и да градите кариера како практичар или теоретичар.

Едукација на медиумски професионалци

Кои се најважните прашања за нивото на медиумската писменост во една земја?

Прво, како се третира медиумската писменост на доктринарно ниво, односно на ниво на науката? Имено, овој концепт мора да се развива и на теоретско ниво во научната област медиуми и комуникации. Тоа подразбира да имате истражувачи, доктори на науки, научни институции, акредитирани студии што ќе се занимаваат со овој проблем. Науката треба да ни дава правец каде и како да ги решаваме проблемите во овој домен. Интересно е да се спомене дека денес еден од најцитираните автори во општествените науки Мануел Кастелс Оливан се занимава со информатичкото општество, масовните комуникации и глобализацијата. На научно ниво треба да се разгледува улогата на новинарството, јавниот ангажман, политичкото сознание, влијанието на глобализацијата, лабораториите за медиуми во заедницата итн. Сето тоа се теми на медиумската писменост.

Второ, како и каде се едуцираат медиумските професионалци во високото образование? Поимот медиумски професионалец е поширок од поимот новинар и ги подразбира сите оние професии кои се поврзани со медиумите и комуникациите: новинари (истражувачки новинари, новинари специјалисти за одредени области, ТВ новинари итн.), сниматели, режисери, уредници, графички дизајнери, маркетинг експерти, спикери, комуникациски менаџери, специјалисти за нови медиуми, фотографи, монтажери итн.

Образованието/наставата за масовна комуникација во дигитално време на идните професионалци за комуникација или медиумски професионалци е од огромно значење бидејќи тие ќе станат идни дистрибутери на информации.

Мојот груб заклучок или одговори на овие прашања се:

Прво, кај нас нема квалитетна универзитетска логистика или академска поддршка за медиумската или дигиталната писменост која треба да се развива во научната област медиуми и комуникации.

Второ, нема соодветно универзитетско образование или соодветни интердисциплинарно поставени студии за медиумски професионалци.

Состојбата е слична и на целиот медиумски неписмен Балкан.

Појавата на департмани за медиуми и комуникации

Интересот и првите емпириски истражувања за проблематиката медиуми и комуникации прво се развивале на катедрите за социологија и психологија. Оваа состојба траела речиси до почетокот на шеесеттите години на 20 век. Но, во шеесеттите години на универзитетите почнуваат да се формираат и развиваат департмани за медиуми и на сцена стапуваат медиумските истражувачи. Во прво време истражувањето на масовните медиуми се сметало за ексцентрично, а денес е ценето поле во науката.

Интересот за медиумите во основа бил зголемен под влијание на одредени состојби односно „четири општествени контексти го иницирале растот на истражувањето на медиумите“. Како прв општествен контекст се акцентира големото влијание на пропагандата, чија моќ е воочена во текот на Првата светска војна. За истражувачите предизвик било влијанието на медиумот врз популацијата. Како втора ситуација која дава стимул во развивањето на истражувањето на масовните медиуми е реализацијата на продуцентите на реклами во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, чиј приоритет бил убедувањето на потрошувачите. Потоа растечкото влијание на медиумите врз јавноста, особено врз младите, го зголемува интересот на граѓаните за моќта и ефектите од медиумите и тоа е третата социолошка сила што го зголемува и истражувачкиот интерес. Понатаму, како четврти фактор за растот на истражувањето е конкуренцијата меѓу медиумите за рекламирање на доларот. Освен научно-истражувачкиот интерес и самите медиуми, односно произведувачите на програми се принудени да ја мерат успешноста на својата работа и импулсот на јавноста со цел изработка на плановите и стратегија на работењето.

На државните универзитети нема факултет за медиуми и комуникации

Кај нас на ниту еден државен универзитет нема посебен факултет за медиуми и комуникации. Постојат само студии по новинарство и студии по односи со јавност кои се „кираџии“ главно на правните факултети на државните универзитети.

Оваа состојба е таква од проста причина што при составувањето на своите наставни програми сите државни факултети ја следеле традицијата на најстариот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ каде што студиите по новинарство и односи со јавност се во рамките на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Новинарските студии на овој факултет се формирани во 1977 г. и тогаш биле во многу подобра состојба бидејќи биле интердисциплинарни студии односно се одвивале како резултат на соработка помеѓу Правниот, Филозофскиот и Економскиот факултет на овој универзитет. Од 1985 година овие студии остануваат во рамките на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и притоа се повеќе потпаѓаат под влијание на правните студии. На овие студии има само една избрана вонредна професорка во областа на медиумите и комуникациите. И по логиката на нештата, сите стручни предмети треба да ги држи само еден професор/професорка!?

На овој факултет постојат и студии на втор циклус и тоа: по новинарство и односи со јавност и докторски студии, односно можете да се стекнете со назив доктор на општествени науки во областа на комуникациите. Но, под знак прашалник е можноста да продолжите да ја развивате кариерата на овој факултет бидејќи предност при вработување секогаш имаат правните науки/студии и научници/наставници од оваа област поради кадровските состојби и приоритетноста на главните студии. Значи, има ситуација во која продуцираме доктори на науки во областа комуникации, но не ги вработуваме!

Оваа практика ја следат подоцна формираните државни универзитети и тоа Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип каде во рамките на Правниот факултет се студиите по новинарство и Државниот универзитет во Тетово каде исто така на Правниот факултет постојат: правосудна насока, административно право – насока меѓународно право и меѓународни односи и студии по новинарство.

Знаеме дека високото образование по смената на политичкиот систем и воведувањето на пазарната економија во 90-тите години на минатиот век почна да се реформира и во овој домен се појави поголема конкуренција. Се формираа новите веќе споменати државни универзитети, но по стар терк (Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Државниот Тетовски универзитет, Универзитетот Mајка Тереза), но и приватни универзитети.

Што се однесува до состојбата на приватните универзитети, најверојатно при конципирањето на наставните програми се следеле примери на западните универзитети каде на високо ниво е еманципирана областа медиуми и комуникации.

На овие приватни високообразовни институции има посебни факултети за медиуми и комуникации, како што, на пример, на првиот приватен универзитет – Европскиот универзитет има факултет за комуникации. Потоа на ФОН универзиетот има факултет за дипломатија и новинарство и факултет за дизајн и мултимедија. Исто така на приватно – јавната непрофитна високообразовна установа Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово има факултети за информациски системи и менаџмент, за современи науки и технологии, за информациски и комуникациски технологии – компјутерско инженерство. На МИТ Универзитетот Скопје има факултет за информациски технологии. На Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје постои факултет за односи со јавноста. На Меѓународниот Балкански универзитет во Скопје исто така има факултет за комуникации.

Сепак, една од добрите нешта што се случија во овој правец е развојот на квалитетен невладин сектор кој на некој начин ги собра луѓето чиј фокус и специфично образование е во оваа област (дипломирани, магистрирани или докторирани во областа на медиумите и комуникациите). Овој кадар на најширока општествена основа води проекти поврзани со медиумите, информирањето, комуникациите, медиумската писменост, новинарството итн., а значајни за демократизација на општеството и имплеметирање на европските вредности. Токму ова интелектуално јадро, кое се развива во меѓусебна конкуренција, како стручна јавност е заслужно на низа позитивни трендови, промени и јавни дебати кои се водат, а особено за медиумската писменост во државава.

Таков е на пример, Институтот за комуникациски студии со акредитирани студии на втор циклус, каде се води сметка за сите стандарди и потреби на образованието од овој тип (студија, практика, истражувања, размена на кадар) итн.

Потреба од научни истражувања

Универзитетите треба да бидат автономни односно сами да одлучуваат за развитокот на одредени научни области, студии или истражувања. Но, исто така универзитетите се и конзервативни јадра и често прогресивните идеи се жртви на егото на постојаниот академски кадар.

Целата академска заедница кај нас треба да биде посензитивна кон веќе етаблираната област медиуми и комуникации и оваа област треба интердисциплинарно да се развива на научно – истражувачко и наставно ниво.

Јавните универзитети според сите мерења (евалуации) на високото образовение во државава, се уште се прворангирани универзитети и токму тие треба да бидат лидери во научниот развој и да водат сметка за високиот степен на прагматичност на општествените науки денес. Прагматичната наука треба да ги решава проблемите на живеењето и да дава решение на актуелни проблеми како што се сега овие произлезени од медиумскиот фактор. Затоа е неопходно да се институционализира областа медиуми и комуникации, токму на јавните универзитети, и да постои истражувачко јадро и научен одговор за оваа глобална актуелност во локалните специфики.

Автор: д-р Јасна Бачовска Недиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.