Какви пораки ни испраќаат јавните личности со своите гестови и мимики

Невербалната комуникација, гестикулацијата, мимиките, држењето на телото, погледот, начинот на облекување итн. според научните истражувања доминираат во комуникацијата. Тоа особено го користат политичарите и затоа треба да бидеме особено внимателни во следниот изборен период кога тие ќе ни се обраќаат преку медиумите. Само со критички однос нема да дозволиме да бидеме уште еден глас на нивното конто, независно колку тие вежбале на усвојување на гестовите, мимиките, држењето на телото, силината на говорот, за да ни сугерираат моќ, сила и авторитет.

Нетрпението помеѓу aмериканскиот претседател Доналд Трамп и спикерката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси јасно беше демонстрирано на годишното обраќање на претседателот во Конгресот во февруари годинава. Откога Трамп ја игнорира дланката на Пелоси при подавањето на копијата од неговиот говор, таа демонстративно го искина говорот на крајот на обраќањето. Да, медиумите информираа за содржината на говорот во кој Трамп најави уште еден четригодишен мандат, но она што беше вест број еден е невербалниот говор со кој транспарентно се пренесе пораката за поделеноста во американскиот Конгрес.

Извор: CBS News

Пред појавата на радиото, комуникацијата се одвивала преку пишување писма, книги и весници. Тоа е доба скроена зa успех на добрите пишувачи како Абрахам Линколн. Радиото им даде шанса на личностите со јасна мисла, како Винстон Черчил, кој зборувал убаво, и во историјата ќе остане запаметен како еден од најдобрите и најинспиративните реторичари, но, тој можеби би страдал во ерата на визуелното поради прекумерната тежина и пороците кои ги имал, алкохолот и цигарите кои во јавност ги конзумирал.

Денешните политичари ја разбираат политиката како појавност и слики, а многумина од нив, од „големото добро утро“, имаат лични консултанти за невербален јазик кои им помагаат да совладаат изразување срдечност, љубезност и чесност, особено кога тие не се такви.

Над 55 отсто од комуникацијата е невербална

Динамичниот развој на мас-медиумите, нивното максимално исползување не само за маркетинг туку и за политички цели, како и постојанaтa изложеност на луѓето на медиумското влијание изнудија неопходност од различни форми на писменост, но, пред сè, на визулената, медиумската и на политичката.

Основата на различните форми писменост, е критичко следење на содржината со која секојдневно се соочуваме и деконструкција на пораките кои ги примаме.

Но, предизвикот за деконструкција е огромен. Пред нас се исправени не само вербалните туку и невербалните сигнали, пратени во комуникацијата, и треба да ги пресретнеме низ различните медиумски платформи, на кои сме изложени во новата ера која галопирачки брзо се развива.

Чарли Чаплин и многуте актери од немите филмови се пионери на невербалните комуникациски вештини. тие го освоија немиот филм со своите гестови и телесни сигнали.

Хронолошки гледано, во 1872 година Чарлс Дарвин започнал да го истражува говорот на телото во делото „Изразување емоции кај човекот и кај животните“, но, сепак, активното проучување на невербалните аспекти на комуникацијата започнува од средината на 20 век. Меѓу пионерите истражувачи е Алберт Махрабиан кој во педесеттите години на минатиот век го дефинира односот: 7 отсто од вкупната содржина на пораката е вербална, 38 отсто е вокална (вклучувајќи го и тонот на гласот и другите звуци), а 55 отсто невербална. И антропологот Реј Бирдвистел дошол до слични сознанија. Според него, вербалната компонента на комуникацијата лице в лице е помала од 35 отсто, додека 65 отсто од комуникацијата е невербална.

За што се користат невербалните пораки?

Она што е заедничко за сите истражувања е дека вербалната комуникација се користи за пренесување на информацијата, а невербалната за преговарање или, во одредени случаи, за замена на вербалната порака.

Во основа, дури и кога човекот престанува да говори, тој и понатаму комуницира преку својот телесен идиом, односно тој продолжува да зборува и да праќа пораки.

Свесни за влијанието на невербалниот канал, денес сме сведоци и на свесно праќање невербални пораки и тоа со неколку цели: изразување блискост (интимност), статус и моќ, водење или управување со односот и интеракцијата, искажување на својот идентитет и доведување во заблуда на другите.

До неодамна актуелни беа телевизиски извештаи во кои осомничените лица, при нивното спроведување во суд, се со спуштена глава, подвиткани, со очите ја избегнуваат камерата, а често и ги прикриваат лисиците на рацете со палтото. Дури не треба да го слушнеме името на осомничениот, по невербалниот говор веќе знаеме дека е тој. Но, исто така сведочевме за обвинети лица кои при нивното проследување до судот манифестираа поинакво однесување: главата им е поткрената нагоре, изразот на лицето им е замрзнат или забележуваме блага иронична насмевка, изгледаат горделиво и самоуверено, со цел јавноста да се доведе во заблуда.

Всушност, ако вербалниот јазик е базиран на симболи, основата на невербалниот се сигналите и знаците кои ни помагаат да ги „прочитаме“ целите.

Функциите на невербалната комуникација се: да изрази емоции, да го изрази односот кон другите, потоа сопствено претставување пред другите, да го следи говорот заради регулирање на вниманието кон публиката и повратните реакции.

Теоријата и истражувањата поврзани со невербалната комуникација се насочени кон трите примарни единици: комуникациската околина и условите во кои се остварува комуникацијата, физичките карактеристики на поединeцот кој комуницира и различното однесување кое го манифестираат лицата вклучени во комуникацискиот синџир.

Комуникациската или просторната околина ги претставува територијата и начинот на кој се употребува личниот и социјалниот простор. Со просторот се занимава проксемиката како наука.

Движењето и положбата на телото, изразот на лицето, контактот со очите, гестовите со дланките, нозете, главата, како и интеракциите кои луѓето ги прават, се дел од кинетичката семантика или систематското проучување на моделираните или на научените аспекти на телесните движења.

Жолто-златниот фустан на Мишел Обама и пораката на надеж

Облеката, пак, е индивидуално визуелно средство преку која се „декодира“ групата или поединецот во социјалната средина, почнувајќи од неговата материјална и духовна состојба, преку статусот и работниот ангажман. Односно, начинот на кој се облекуваме, денес се помалку е мода, туку сложен комуникациски канал преку кој се врши увид во животот на поединецот и заедницата во одредено време. Свесноста за облеката транспарентно ја покажа Мишел Обама уште на првата инагурација на нејзиниот сопруг, претседателот Барак Обама, носејќи жолто-златен фустан со палто на американскиот дизајнер со кубанско потекло Изабел Толедо и зелени ракавици и чевли на Џеј Кру, со што испрати порака на надеж (жолтата е боја на надеж, оптимизам, среќа, а зелената е истотака боја на надеж, свежина и повторно раѓање) и и даде глас на американската модна индустрија, која дотогаш се сметаше за спортска или здодевна. Таа со својот изглед се придружи кон пораката на целата кампања на Барак, НАДЕЖ! Во понатамошните два мандати на семејството Обама, Мишел ја одигра својата улога не само како амбасадор на американската модна индустрија, туку стана и синоним за современата амбициозна жена.

Хаптичкиот код или телесниот допир и паралингвистичките или прозодичните кодови (тонот на говорот, длабочината и силината на гласот, акцентот, брзината, користењето на приречици и грешки во говорот) зборуваат за емотивната состојба на говорникот и секогаш се разгледуваат во контекст за да ги разбереме соодветно. На пример, доминантното ракување на Доналд Трамп е начин на покажување моќ во однос на останатите светски лидери. Но, за него ракувањето се претвори во битка за јасно демонстрирање надмоќ во односите со францускиот претседател Емануел Макрон, особено на минатогодишниот Г 7 Самит во Бијариц, Франција.

„Пирамидите“ на Ѓукановиќ, Вучиќ и Меркел

Извор: Merkel-Raute

Сигналите испратени со дланките многу често ни откриваат многу повеќе отколку што ние сме свесни за нив. Позицијата на дланките на кои им се допрени само врвовите на прстите ја претставува позата наречена „пирамида“ која ја користат многумина говорници. Таа означува самоувереност и фокус на мислите, а некои ја користат за да се почувствуваат посигурни во себе. Разликуваме висока, ниска и полу-пирамида. Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ ја користи често „високата пирамида“, а исто така и српскиот претседател Александар Вучиќ, со што сакаат да не уверат во својата смиреност и суптилна самоувереност, а Вучиќ на тој начин го контролира својот експлозивен карактер за кој сме сведочеле во неговите јавни настапи. Држењето на дланките во „ниска пирамида“ додека стои исправено, популарно е и за германската канцеларка Ангела Меркел. Tака поставените раце беа искористени како мотив за постер на нејзината партија ЦДУ, Демохристијанската унија, за парламентарните избори во 2013 година. Сепак, при толкувањето на оваа позиција на дланките кај политичарите треба да се биде внимателен бидејќи може да станува збор за научена поза.

Невербалните стилови на експресија, збирот на физичките карактеристики и однесувањето кое е манифестирано можат да бидат толку карактеристични, па дури да станат дел од идентитетот како кај Адолф Хитлер, чиишто движења и гестикулациски маниризми ги анализирале Марта Дејвис (психолог и истражувач на невербалнa комуникација) и Дијана Дулицаи (истражувач на невербално однесување и консултант за танцови терапии). Низ своите истражувања тие велат дека „Да се движиш на овој начин, како Хитлер, значи да бидеш во војна со сопственото тело, а агресивноста која тој ја прикажува орално, ја истакнува војната сам со себе“.

Да не дозволиме да не манипулираат со гестови и мимики

Невербалното комуницирање не може да се одвои од вербалното, но не смее да се занемари фактот дека нему му припаѓа значаен дел од комуникацијата. Затоа не треба да ги разгледуваме одвоено, туку само во заедништво за да ги разбереме пораките преку кои „тивкиот јазик“ на гестовите ги остварува целите на комуникацијата.

И ако денес комуникацијата означува меѓусебно разбирање и потрошувачка (размена) на информациии, која е базирана на целни групи и слики, тогаш треба да бидеме особено внимателни во следниот изборен период кога политичарите и партиите ни се обраќаат користејќи ги медиумите, и што и како ни зборуваат. Бидејќи само со критички однос нема да дозволиме да бидеме уште еден глас на нивното конто, независно колку вежбале на усвојување на гестовите, мимиките, држењето на телото, силината на говорот, за да ни сугерираат моќ, сила и авторитет. Едноставно, неконзистентноста на нивните зборови, невербални знаци и дела, ќе ни ја разоткрие тајната на вистината и манипулацијата.

 

Автор: Ана Зафирова

Ана Зафирова е новинар и водител, со повеќе од 20 годишно искуство на различни медиумски платформи, радио, телевизија и принт. Нејзината долгогодишна кариера ја обележува работата како главен и одговорен уредник на неделниот магазин „Теа Модерна“ и телевизиската емисија „Врти сучи тоа ти е Скопје“. Последните години работи како фриленсер новинар и консултант во областите на реторика и јавен настап, а во континуитет истражува и на полето на невербалната комуникација.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.