Критичкото размислување претставува човекова свест која е изложена на секојдневни надворешни влијанија. Справувањето со тие влијанија е почетокот на новиот свет каде општеството не е само безгласна буква.
Во свет каде се се сведува на информации кои не секогаш произлегуваат од сигурни извори, дали навистина можеме да кажеме дека критичкото мислење е се уште основата на рационалноста?
Креативност наспрема рационалност. Рационалност наспрема креативност. Дебати наспрема дискусии, проследени со непоткрепени аргументи и силна желба за победа. Голем број информации без никаква потврда. Способност за ислушување наспрема егоизам. Тука е с’ржта на проблемот како клуч за развојот на човекот и човековата размисла, односно за критичкото размислување.
Што е критичко размислување?
Критичкото размислување претставува способност за рационална анализа и формирање сопствени креативни ставови, служејќи се со сите информации кои се на располагање. Сеопфатноста во информирањето не секогаш алудира на човек со критичка размисла. Сеопфатноста претставува умешност за собирање информации, а критичкото мислење е умешност за селектирање на собраните информации.
При обидот за објаснување на поимот се наидува на две дефиниции. Првата ја анализира критичката размисла како вештина која нема конкретен домен и другата, како вештина која има конкретен домен. Во првата дефиниција, фокусот се става на можноста за формирање ставови и нивно натамошно користење во секоја област. Оваа способност алудира на стабилна личност. Втората дефиниција го набљудува критичкото размислување како способност за рационално размислување само во одредени области, не во целост. Некои луѓе можат да бидат добри мислители со критички погледи во една област, но не мора да значи дека се добри и во друга.
Како се оформува критичка размисла?
Голем број од вештините кои се потребни за критичко размислување се сведуваат на: анализа, набљудување, евалуација, интерпретација и носење заклучоци. Но сепак, потребни се и следниве вештини:
Објективен пристап кон проблематиката. Објективниот пристап овозможува рационално анализирање, формирање став според фактите, a не според нашите емоции. Објективноста ја претставува нашата сопствена свесност.
Фокусирање на слабостите кои постојат во аргументите. Проблем со кој често се соочуваме е селективноста во она што го слушаме. Често, целосно не објективно, се фокусираме само на оние информации кои се поклопуваат со нашата појдовна мисла и со она што сакаме да го слушнеме. Ова само доведува до субјективна размисла.
Анализа на гледната точка. Сечиj став потекнува од некаде и од некоја гледна точка. Идентификувањето на гледната точка е задолжително, бидејќи на тој начин доаѓаме до информации за тоа колку ставовите на соговорникот се валидни.
Креативно размислување. Критичкото размислување не смее да постои без креативниот инпут на поединецот. За решавање на секојдневните проблеми потребни ни се креативни решенија. Откако ќе ги создадеме креативните решенија, потребно е критичко размислување со цел тие да се дооформат.
Знаење, слобода и креативност
Изложувањето на секојдневни дезинформации, за жал, стана секојдневие. Непоткрепени наметнати ставови, манипулации, интернет експерти и дежурни критичари започнаа со брзина на светлината да го „преземаат“ светот. Лидери станаа луѓето кои манипулираат за живот, а луѓето кои помагаат за живот никаде ги нема. Се додека постојат себичноста и идолизирањето на лошите поединци, ни останува само да тапкаме во место.
Во свет кој е осуден на пропаст, дали критичкото размислување е новиот херој? Да. Критичкото размислување претставува човекова свест која е изложена на секојдневни надворешни влијанија. Справувањето со тие влијанија е почетокот на новиот свет каде општеството не е само безгласна буква.
Новиот херој – размислувањето со критички погледи, ќе влијае на иднината преку:
Зацврстување на свеста кај луѓето. Поседувањето свое „јас” втемелено на знаење, слобода и креативност е од огромно значење за правилното создавање критичко мислење, но во исто време е и слаба точка на општество. Ова е нашата „Ахилова пета”, бидејќи целото општество не размислува со својата глава, а дезинформациите се шират полесно од вистината. И секако, многу е понормално да прифатиме “шушатурлук” кој некому му наштетува, отколку да се израдуваме на туѓиот успех. Ако се поработи на ова, автоматски се зацврстува и свеста на луѓето и нивната способност за соочување со проблемите.
Правилни одлуки од кои зависи светот. Иако развојот на технологијата секојдневно не изненадува и го доведува во прашање нашето знаење и поимање на светот, сепак одлуките кои ќе ја дефинираат иднината на човештвото се во нашите раце. За да го сторат тоа, овие одлуки треба да се базирани на креативно-критички пристап, преку кој ќе се изнаоѓаат нови решенија за проблемите со кои се соочуваме од памтивек.
Автор: Матеа Атанасоска, ученичка во гимназијата „Орце Николов“