Пожарот на кризата и професионалното новинарство

Неодамна случајно наидов на приказна која ми го привлече вниманието.

Тим пожарникари влегле во куќа во која горела кујната. Откако почнале да интервенираат, командирот се слушнал себеси како вика на цел глас: „Бегајте оттука!“ без да знае зошто. Штом пожарникарите избегале, се урнал подот. Дури потоа командирот сфатил дека пожарот бил невообичаено тивок, а дека ушите му биле невообичаено жешки. Сите овие нешта заедно го иницирале кај него она што се нарекува „шесто сетило за опасност“. Тој знаел дека нешто не е како што треба, но не знаел што точно. Испаднало дека срцето на пожарот не било во кујната туку во подрумот, под местото каде стоеле пожарникарите.

Оваа приказна покажува на кој начин стекнатото знаење и вистинските информации им овозможуваат на луѓето, речиси интуитивно, да носат вистински одлуки во ситуации на неизвесност.

Актуелната пандемија со Ковид-19 е една од најнеизвесните и досега невидени состојби во историјата на човештвото. Опасниот вирус многу брзо го нападна целиот свет, доведувајќи ја во прашање комотноста на сите поединци и народи. Ниеден субјект немаше доволно искуство и знаење (како пожарникарот од нашата приказна) да се справи со новата закана онолку брзо колку што таа се појави. Непознатото подрачје во кое зачекоривме како човечки род покажа колку сме, всушност, ранливи. Но тоа исто така покажа како соработката, солидарноста и одговорноста може да ни помогнат да почнеме да ја надминуваме кризата и да се вратиме во „нова нормала“.

Со ова доаѓаме до суштинската улога на медиумите воопшто и особено во ситуации на криза. Редовниот проток на веродостојни информации им помага на луѓето да дадат свој придонес во справувањето со кризата со тоа што ќе се однесуваат смирено, одговорно и со самодоверба. Од друга страна, лажните вести и извртените приказни, без разлика на нивните мотиви, ја потенцираат несигурноста, предизвикуваат паника или понекогаш ја потценуваат заканата. Сето тоа одмага во управувањето со кризата.

Сегашниве вонредни околности и „новата нормала“ во која полека навлегуваме, ја нагласуваат повеќе од кога било, важноста на професионалното новинарство. Тоа има обврска да им дава на луѓето точни и проверени информации, вести кои се засновани на факти и статистики, мислења на стручни лица и навремени информации за мерките кои ги воведуваат властите. Во вонредна состојба, медиумите треба да продолжат да ги надгледуваат владите за да се осигураат дека проширените овластувања на властите не се злоупотребуваат. Истовремено, истражувачкото новинарство треба и понатаму будно да ги следи сите активности за да се осигура дека јавниот интерес не е загрозен.

Сложената реалност која ја живееме во моментов, пандемијата и затвореноста на најголемиот дел од светот, секако ќе бидат предмет на научни анализи во следните години. Но, реорганизацијата на секојдневниот живот сите нас нѐ поттикна на самоанализа, а ги засили и дискусиите глобално за тоа како ќе изгледа светот по Ковид-19. Тоа несомнено треба да биде свет кој ќе биде максимално отпорен на пожари. Но и свет што ќе се состои од пожарникари кои ќе знаат да реагираат правилно во случај на пожар. Професионалното новинарство е еден од двигателите кои ќе му помогнат на светот да го постигне тоа – да стане подобра верзија на себе, заедно со нашата колективна одговорност, единство и солидарност.

Чувајте се и бидете позитивни.

 

Автор: Н.Е. г. Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија

Овој блог е напишан во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести”, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.